Итноста за усвојување на измените и за усогласувања на патните документи на македонските граѓани со новото уставно име на државата и со Законот за употреба на јазиците ги отвора прашањата кои се вистинските причини за таквото брзање. Експертите имаат интересни согледувања
Македонија досега дословно ги имплементира сите одредби од Преспанскиот договор, а во таа насока е брзањето за усвојување на законските измени во Собранието со намера да се овозможи личните карти, пасошите и возачките дозволи да се усогласат со новото уставно име на државата, но и да почнат да се издаваат двојазични од втората половина од годинава, поточно од 1 јули.
Измените на патните исправи со новото уставно име на државата се дел од обврските преземени со Преспанскиот договор, но истовремено оваа имплементација се поврзува и со усогласувањето со Законот за употреба на јазиците.
Итноста за усвојување на овие измени и за усогласувања на патните документи на македонските граѓани ги отвора прашањата за причините за таквото брзање. Имено, усогласувањето на овие документи, според Преспанскиот договор со Грција, е поврзано со започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, односно со отворање релевантни поглавја во преговарачкиот процес.
Во точката 10 од Преспанскиот договор јасно е наведено дека издавањето на
ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.
Со оглед дека Македонија сѐ уште не ги започнала преговорите со ЕУ, а Грција не имплементирала речиси ништо од делот на своите обврски во однос на Преспанскиот договор, таквите прашања во македонската јавност имаат логичен легитимитет. Или, со други зборови, зошто Македонија брза да исполни сѐ, (дури се одеше и дотаму што се менуваа и капаци на канализациски шахти) додека Грција не исполни ништо, а исто така и ЕУ не мрда ниту со малиот прст за отворање на вратата и за почнување на преговорите со нашата држава. Дури напротив, и покрај сите наши исполнувања, следуваат нови блокади и кочници на патот кон ЕУ.
Професорот по управно право, Борче Давитковски од Правниот факултет при УКИМ, првичната мотивација и причина за брзањето со имплементацијата на измените во личните документи ја согледува пред сѐ во усогласувањето со Законот за употреба на јазиците.
– Во Преспанскиот договор има одредени рокови за промена и усогласување на патните исправи и личните документи со новото уставно име на Македонија, но тие се поврзани со започнување на преговорите за членство во ЕУ, а од друга страна се реципрочни, односно и Грција треба да спроведе измени во употреба на македонските топоними, односно именувањето на нашата држава, меѓу другото и на патната сигнализација. Ние спроведовме најголем дел од измените предвидени со договорот, дури и пред зададениот рок, додека спроведувањето на обврските на Грција и понатаму е отворено прашање. Сепак, претпоставувам дека брзањето за имплементација на сегашната измена на личните документи е повеќе заради усогласување со Законот за употреба на јазиците отколку како обврска од Преспанскиот договор – вели професорот Давитковски.
Иако во првичниот предлог на Владата за измените не беше спомената графата за етничка припадност во обрасците за личните карти, сепак во јавноста беа изнесени информации дека ваквиот предлог на движењето Беса се очекува да биде вклучен во агендата на Комисијата за политички систем. Пратеникот Кастриот Реџепи вели дека со надлежните институции се дефинираат техничките детали за имплементација на законот, а се очекува тој да биде разгледан во матичната комисија во најбрз можен рок.
– Позициите се усогласени, треба да ја направиме техничката подготовка во врска со седницата и ставањето на оваа точка на дневниот ред во комисијата. Потоа се враќа на пленарна седница за одобрување, бидејќи е по скратена постапка, само еднаш ќе се разгледува во комисијата доколку има измени и дополнувања, а потоа ќе оди на одобрување на пленарна седница – изјави Кастриот Реџепи од движењето Беса.
Според Реџепи, за овој предлог имаат поддршка од СДСМ, но и од другите албански партии во Собранието. Против ваквиот предлог се пратениците на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
– Доколку помине предлогот за графата за етничка припадност во личните карти, тоа би било голема грешка, што не оди во прилог на европските и светските стандарди за ваквите документи и дополнително ги продлабочува етничките разлики во македонското општество. Ако навистина се имплементира т.н. „етничка графа“ во личните карти, ќе бидеме уникатни во светот со ваквиот пример – вели професорот Давитковски.