Грчкиот премиер Ципрас веќе најави дека договорот носи нови јасни линии и нови дилеми и на гласачите треба да им се докаже дека тие треба да гласаат за „прогресивниот блок“, со што ќе се надвладеат темните сили во земјата. Според политичките аналитичари, и во Македонија токму прашањата поврзани со договорот (про или контра) може да ја решат изборната трка
Иако кампањата за претседателските избори кај нас сѐ уште официјално не е започната, сѐ повидлива станува политичката раздвиженост и на терен и меѓу членството на партиите. Но она што според сите процени и анализи ќе им даде белег на овие избори е Преспанскиот договор. Тоа, несомнено, ќе биде и најексплоатирана тема на изборите, на која и власта и опозицијата се надеваат дека ќе придобијат гласачи на своја страна.
Притоа, ваквата констатација не се однесува само на Македонија туку и на соседна Грција, која исто така се соочува со изборна година.
За лидерот на опозицијата Христијан Мицковски изборите што доаѓаат ќе бидат референдум на народот.
Во меѓувреме, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека премиерот на Грција, Алексис Ципрас, пред партискиот комитет на СИРИЗА во неделата ја претставил партиската стратегија за мајските избори во Европарламентот.
Ципрас посочил дека СИРИЗА ќе дејствува на два фронта, едниот против крајната десница и левица во земјата, а другиот против Нова демократија, во кој на гласачите треба да им се докаже дека тие треба да гласаат за „прогресивниот блок“, со што ќе се надвладеат темните сили во земјата.
Притоа Ципрас пред сопартијците констатирал дека настанала нова политичка реалност по договорот од Преспа, која предизвика поделби и процепи во сите партии од кои СИРИЗА најмалку е зафатена, а сето треба да биде преиспитано на претстојните парламентарни избори со сериозен пристап на ситуацијата.
– Оваа политичка реалност носи нови јасни линии и нови дилеми. Политичкиот релјеф е преметнат и тој и натаму ќе продолжи да се менува – рекол Ципрас.
Од друга страна, во последното истражување на јавното мислење во Грција спроведено од агенцијата „Алко“ се истакнува дека речиси седум од десет Грци сметаат дека договорот од Преспа многу ќе влијае на гласот на граѓаните на следните избори.
– На прашањето дали сметаат дека договорот од Преспа ќе влијае многу, малку или воопшто нема да влијае на гласот на граѓаните, 67 проценти од анкетираните одговориле „многу“, 23 отсто „малку“, а само 6 проценти „нема“, додека пак 4 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат – покажале резултатите од истражувањето.
Тоа покажало дека, и покрај стапувањето во сила на договорот од Преспа и новото име за нашата земја, мнозинството Грци ќе продолжат да го користат терминот Скопје. Во тој правец, 59 проценти одговориле дека соседната земја ќе ја нарекуваат Скопје, 37 отсто Северна Македонија, 7 проценти ПЈРМ, а исто толку проценти од анкетираните рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.
Но какви се состојбите во однос на истата дилема во нашата земја. Дали и како договорот од Преспа ќе влијае кај македонските гласачи.
Во сублимиран заклучок стручната јавност со која се консултиравме вели дека темите поврзани со договорот со Грција најверојатно ќе доминираат на трибините пред гласачите, а поставеноста на кандидатите околу ова прашање (про или против) може и да ја реши изборната трка.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски констатира дека темите поврзани со договорот од Преспа со сигурност ќе бидат застапени во кампањата што претстои за претседателските избори во нашата земја и додава дека истото тоа со сигурност ќе важи и за претстојните избори во соседна Грција.
– Бидејќи станува збор за претседателска трка, нормално е да се подразбере дека најголем дел теми за кои ќе говорат кандидатите на изборите ќе бидат поврзани со надворешната политика на државата. Но на самиот старт јас верувам дека темата поврзана со Преспанскиот договор различно ќе биде третирана од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, чии кандидати се очекува да влезат во вториот круг. СДСМ најверојатно ги истакнува како адут плус придобивките од договорот во Преспа, а членството на државата во меѓународните организации НАТО и ЕУ ќе биде една од алатките со кои ќе се бори за гласови меѓу граѓаните, бидејќи тој наратив за нив е добитнички. Од друга страна, верувам дека ВМРО-ДПМНЕ кон изборите за претседател ќе пристапи како кон парламентарните, бидејќи тоа за нив е можност да освојат доволен број гласачи, со кои понатаму ќе може да дејствуваат во правец на создавање услови за предвремени парламентарни избори. Конкретно, не верувам дека договорот од Преспа многу ќе им биде во фокус на говорите на трибините, а критиките повеќе ќе бидат насочени кон севкупното дејствување на оваа влада, односно кон перформансите на владејачката коалиција – вели Арсовски.
Поранешниот професор на Факултетот за дипломатија и меѓународни односи Лазар Лазаров има сличен став и додава дека, за разлика од претходно, сега политичарите, и од власта и од опозицијата, ја смируваат својата реторика поврзана со договорот со Грција.
– Јас верувам дека пресудна во одлуката на гласачите на овие избори ќе биде темата поврзана со надминувањето на спорот со Грција. Мој личен став е дека за балансот на државата најдобро е претседателскиот кандидат да потекнува од опозицијата, бидејќи со тоа ќе се направи рамнотежа во системот на земјата. Природно е опозицијата жестоко да ги критикува политиките на власта, бидејќи таа е коректор на сѐ. Но, од друга страна, тоа многу тешко може да се случи на претстојните избори, бидејќи опозицискиот кандидат, професорката Гордана Силјановска, најави дека ќе дејствува спротивно од договорот со Грција, што нема да наиде на одобрување од меѓународните партнери ЕУ, НАТО и САД. Попросто кажано, со ваквите изјави таа си ја сече гранката на која седи. Од друга страна, дополнително и СДСМ нема многу што да истакне на овие избори, бидејќи актуелниот кандидат Стево Пендаровски, кој е нивен партиски избор, досега веќе еднаш ја изгуби истата трка со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и се сомневам дека и сега вторпат тој ќе донесе некоја свежина и нов пристап во изборната трка со опозицијата – вели Лазаров.