Јавноста деновиве е сведок на политички компромитирачка ситуација, предизвикана од (не)професионалноста на протоколот во македонската влада, како и од службите што треба да се грижат за сигурностa, безбедностa и веродостојностa на субјектите и на каналите за комуникација на високите државни функционери. Карактерот на отвореност за комуникација на премиерот Зоран Заев овој пат е злоупотребен од добро организирана структура однадвор, но и наивно изманипулиран од најблиските соработници

Кога ѓаволот ќе ја однесе шегата, значи дека работите стануваат сериозни. Но кога шегата звучи толку сериозно, што успева да им ја „отвори душата“ на искусни политичари од висок ранг, се наведува на класичен политички скандал. Македонската јавност деновиве е сведок на политички компромитирачка ситуација, предизвикана од (не)професионалноста на протоколот во македонската влада и од наивноста или „отвореноста за комуникација“ на премиерот Зоран Заев. Имено, на интернет-видеоплатформата Јутјуб, вечерта на 8 јули, руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус, објавија телефонски разговори со македонскиот премиер Зоран Заев, во кои тие се претставуваат како поранешниот украински претседател, Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. На снимката со должина од речиси еден час, Вован и Лексус велат дека се споени три разговори со Заев, направени во август 2018, јануари 2019 и април 2019 г. Уште веднаш по објавувањето на снимките со комичарите, јавноста забележа дека премиерот Заев во разговорите открива доверливи информации, кои реферираат на безбедноста на регионот, како и на приватноста на одредени странски политичари.
Сепак, она што е најзагрижувачки во целата ситуација е како руските комичари успеале да ја поминат протоколарната процедура за воспоставување комуникација со премиерот, и тоа најмалку трипати.

Новинарските искуства во комуникацијата, главно со прес-службата на Владата, се такви, што колку и да е непосреден разговорот со портпаролите (главно колеги-новинари), сепак за официјален одговор за професионално прашање за одредена тема, прашањето треба да се испрати на официјалната адреса на електронската пошта на службата за односи со јавноста. Во зависност од темата на прашањето, одговорите може да се добијат некогаш во текот на работниот ден, но постојат ситуации и кога се чека по неколку дена. И секогаш, официјалниот одговор доаѓа преку електронска пошта.

Таквата процедура во протоколот, кога станува збор за директен контакт на премиерот со други државници, станала „полабава“, веројатно поради желбата за поблиска и побрза комуникација, што нашле начин да ја искористат руските комичари.
Во текот на вчерашниот ден, на прес-конференција, која се пренесуваше во живо на социјалните мрежи, премиерот Зоран Заев, ја потврди автентичноста на разговорите со руските комичари и призна дека е „измамен од добро организирана структура, што извлекува придобивки од тактики за медиумски дискредитации, најчесто насочена против личности и земји со евроатлантски аспирации“.

– Ова е еден од обидите за директна штета на нашите стратегиски интереси за завршување на процесот за членство во НАТО… Станува збор за добро организирани структури, кои работат на ширење влијанија на трети страни, кои доаѓаат од пропагандни медиуми со ориентација против НАТО, што први ги пренесуваат ваквите дезинформации и шират лаги, со намера за политичка дискриминација. Во април годинава го измамиле и Емануел Макрон, кој мислел дека разговара со Зеленски. Тие успеале да дојдат до Елтон Џон, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, Јенс Столтенберг, Реџеп Таип Ердоган. Листата покажува дека сум во добро друштво – истакна премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Владата, нагласувајќи дека е жртва на неговата отвореност и желба постојано да биде во контакт со граѓаните и со политичарите од пријателските земји.

Како поука од телефонското шегување на руските комичари, Заев кажа дека оваа ситуација наложува сериозно внимание на државата и на целиот демократски свет против лажните вести и манипулациите, како и сериозни промени во протоколите за безбедна комуникација. Меѓутоа, како што кажа, нема намера да поднесе оставка, ниту да ја „стегне“ својата комуникативност, ниту да бара одговорност од своите соработници и советници.

– Сакам да разговарам, да споделам информации. Јас сум многу достапен, но, за жал, ваквата отвореност носи вакви горки чувства – рече Заев и објасни дека се почитувани сите протоколи на поврзување, кога некој бара комуникација со премиерот и со други функционери.

Според протоколот, како што рече, до него седи некој од советниците и прави записник од разговорот. Сепак, премиерот не се согласи со обвинувањата дека издава државна тајна во разговорите, туку вели дека само повторува ставови што и претходно биле кажани. Одговарајќи на прашања од новинарите тој кажа дека жали за споделувањето на телефонските броеви.

Пред обраќањето на премиерот во Владата, на прес-конференција во Собранието својот став го искажа пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошески, кој смета дека телефонските разговори, објавени на Јутјуб на премиерот Зоран Заев со руските комичари, кои се претставуваат како украинскиот претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претставуваат сериозен дипломатски скандал. Тој ги прозва министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и дипломатскиот советник на премиерот, Дане Талевски.

– Не може да се случи трипати во низа, во август 2018, јануари 2019 и април 2019 г., разговор со лажен претседател на Украина, што значи е развиена меѓусебна доверба и откривање многу чувствителни информации – рече Милошоски на прес-конференција во Собранието.


Политичари – жртви на Вован и на Лексус

На ист начин, Вован и Лексус во април годинава успеаја да го измамат и францускиот претседател Емануел Макрон, кој мислеше дека разговара со новиот украински претседател Владимир Зеленски. Во мај 2018 г., руската двојка разговараше со поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, претставувајќи се како ерменскиот премиер Никол Пашијан.
Во 2017 г., жртви на Вован и на Лексус беа поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а во 2016 г. беше измамен турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во 2014 г., тие успеаја да дојдат до белорускиот претседател Александер Лукашенко, претставувајќи се како синот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.


Ново горчливо искуство на премиерот, време е да побара одговорност

Телефонските разговори со руските комичари, кои се претставуваат лажно, не е прво горчливо искуство на премиерот Заев, кога станува збор за сомнителни личности со лажен идентитет. Имено, на 15 септември, минатата година, Зоран Заев во својот кабинет во Владата добил орден од лажниот принц на Црна Гора и Македонија, Стефан Чернетиќ. Самиот Чернетиќ се пофалил со оваа средба на својот профил на Фејсбук, објавувајќи и фотографии од средбата со македонскиот премиер, иако од Владата немаше никакво соопштение. Чернетиќ цели шест години во Италија се претставувал дека е принц на Црна Гора и Македонија, а всушност е новинар, гастрономски критичар. Тој тврдел дека доаѓа од лозата Чернетиќ и дека покрај Црна Гора и Македонија има задолженија и во Србија, Албанија, но и во Константинопол, Романија и во Грција. Пред две години, лажниот принц бил уапсен во Италија, поради тоа што во елитно одморалиште во Фусини направил огромна сметка, која менаџерот ја проследил до македонската амбасада во Италија, од каде што добил одговор дека „ние немаме принц, а сигурно не го делиме со Црна Гора“.