Евростат ја применува ваквата практика за да се избегне двојно попишување на луѓето, односно да не се случи лицата што се надвор од матичните држави подолго од една година да бидат попишани и во татковината и во земјата во која престојуваат и работат, со што би се добиле нереални и погрешни податоци
Меѓународните пописни стандарди и искуства се јасни и недвосмислени
Уште од почетокот кога се најави пописот во Македонија почна политизацијата на еден процес што треба да биде чисто статистичка операција. Сепак, поради нечии теснопартиски интереси, пописот се претвори во берза за лицитирање и штимање со проценти на етничките заедници што живеат надвор од државата.
Во последно време полемиката што се води во земјава е за тоа дали треба или не да се попишува нерезидентното население, но и за тоа дали нерезидентно население ќе влезе во групата на вкупно население, што не би ја одразувало реалната состојба на терен и би продуцирало проектирање погрешни развојни политики.
Македонските партии сметаат дека нерезидентното население само се евидентира за да се знае колку граѓани ја напуштиле државата, додека партиите од албанскиот политички блок тврдат дека станува збор за попишување на луѓето што се надвор од државата и отворено агитираат албанската дијаспора масовно да се попишува.
Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) мора да ги усогласува законите и практиките со европските, па, така, и пописната регулатива треба да биде во согласност со онаа што се применува во Европа.
Имено, според стандардите на Евростат, но и другите меѓународни искуства, при пописот се попишува резидентното население, додека примери за попишување на дијаспората воопшто нема.
Во документот именуван како „Препораки за попис на населението и домаќинства 2020“, објавен на страницата на Евростат, во делот за отсутни лица што живеат во странство повеќе од една година се наведува дека евиденцијата на нерезидентното население е можно да е важна за земји што имаат голема емиграција, што кога станува збор за Македонија воопшто не е случај.
– Претходните искуства покажуваат дека е тешко да се очекува да се обезбеди точен број на емиграцијата во странство. Како и да е, таков пристап може да даде некои информации за оние што емигрирале скоро или за оние што имаат блиски контакти со семејствата. Ако податоците за лицата што живеат надвор од земјата подолго од 12 месеци се добиени на пописот, тогаш тие треба да бидат одвоени од податоците добиени за резидентното население – се наведува во препораките на Евростат.
И некои од аналитичарите сметаат дека фокусот на пописот треба да биде резидентното население, а не дијаспората.
– Основното за секоја држава е да се попише резидентното население, врз основа на што ќе знае со што располага секоја земја. За нерезидентното население во голем број европски земји си има протоколи според кои законски определби се оди од државата и како се пријавува таму. И Словенија и Хрватска се земји-членки на ЕУ, кај нив има секојдневна евиденција на оние што се селат и заминуваат од земјата. Тие имаат ажуриран регистар со податоци за нив. Словенија на три месеца објавува податоци и знае каква е состојбата со резидентното население, а за нерезидентното население кажува колку население заминало од земјата. Истото тоа го прави и Хрватска – вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Според него, во европските држави постои добра организација на институциите на системот, како и задолжително почитување на законите.
– Земјите си водат евиденција и регистер на тоа население и нема потреба да се прави попис на дијаспора. Кај нас таква евиденција не се водела уште од времето, а не се води ни ден-денес, па нема ажурна евиденција на наши граѓани што заминале во странство, независно од времето и рокот колку се надвор – нагласува Герасимовски.
Тој додава дека добро е државата да знае колку луѓе се надвор, но, како што вели, за тоа не е потребен попис.
– Попишувањето на дијаспората е тешко опфатливо и нам главниот акцент треба да ни биде на резидентното население во земјава, точно да знаеме кој сме тука, кај сме, што сме и кои сме. Добро е да се знае колку луѓе се надвор, од какви профили, но фокусот сепак да е врз резидентното население – истакнува Герасимовски.
За поранешниот директор на ДЗС, раселени македонски државјани има низ целиот свет, а амбасадите треба повеќе да се ангажираат за водењето евиденција колку луѓе се во државата во која тие ја претставуваат Македонија.
– Нашите амбасади и дипломатијата од дипломатско-конзуларните претставништва малку се занимаваат со тие активности. Немаат точни бројки колку македонски граѓани престојуваат во некоја странска земја. Нивна надлежност е да ги собираат македонските државјани, да ги мотивираат да формираат друштва, да ги евидентираат овие луѓе за разни појави – појаснува Герасимовски.
Според него, европските искуства говорат за систем на пријава и одјава на лицата што ги напуштаат државите, односно точно се знае кој каде престојува во моментот.
– Со ваквото попишување на дијаспората, ние нема да добиеме некаков регистар на иселени, туку ќе добиеме некои податоци што ќе бидат нецелосни. Тоа создаде проблем и за самиот попис. Да стануваше збор за резидентното население, немаше целата работа толку да се политизира, но вклучувањето на нерезидентното население партиите го искористија за етнички агитации. Нам ни е битен основниот факт, да има целосен опфат на резидентното население, како и на оние што е надвор до 12 месеци – констатира Герасимовски.
Тој уште додава дека со една добра кампања, дијаспората може да се евидентира и надвор од рамките на пописот.