Во согласност со францускиот нацрт-текст за изменување на методологијата за преговори за членство во ЕУ, во етапата бр. 2, наведено е дека освен Европската комисија, и други тела што се во блиска соработка со Европската комисија, како Греко и Венецијанската комисија, поименично ќе даваат свои оцени за државата-кандидат или за државата што преговара со ЕУ и ќе бидат земени предвид во прилог или како хендикеп на државата што сака да стане членка на ЕУ
Препораките на Венецијанската комисија во кои јасно и недвосмислено се посочува дека Законот за примена на албанскиот јазик излегува од рамките на европските стандарди за малцински јазици, но и дека овој закон има и редица други аномалии, што го прави практично неприменлив, и натаму ја бранува домашната јавност. Она што е особено интересно за анализа секако е евроинтегративниот агол на ова прашање, кој се наметнува како императив за нашата земја. Имено, во согласност со францускиот нацрт-текст за изменување на методологијата за преговори за членство во ЕУ, во етапата бр. 2, наведено е дека освен Европската комисија, и други тела што се во блиска соработка со Европската комисија, како Греко и Венецијанската комисија, поименично ќе даваат свои оцени за државата-кандидат или за државата што преговара со ЕУ и ќе бидат земени предвид во прилог или како хендикеп на државата што сака да стане членка на ЕУ.
Со други зборови, евентуалното непостапување по препораките на Венецијанската комисија ќе биде проблем за нашата кандидатура пред Европската комисија.
Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека проблемот поврзан со непочитување на препораките на Венецијанската комисија во врска со Законот за јазиците може катастрофално да се одрази врз пристапот кон ЕУ.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека во овој момент е кристално јасно дека Франција не верува дека има суштински напредок на земјите-кандидатки за ЕУ, особено во делот од правосудството, па затоа во новата методологија ги внесува и Греко и Венецијанската комисија како „чекпоинти“ на патот кон унапредување на правниот систем, усогласување со европскиот и прераснување во функционална држава. Истото тоа се однесува особено во делот поврзан со почитувањето на препораките на Венецијанската комисија за употреба на Законот за јазиците.
– Ваквата состојба може да прерасне во сериозен проблем, кој ќе има сеопфатни димензии, бидејќи никој во земјава, и од власта и опозицијата, не може да го разбере или, пак, не сакаат да прифатат како опасност дека со непочитувањето на европските практики на функционирање на државите или со непочитувањето на ваквите препораки практично самите си го отежнуваме патот кон Европската Унија. Доказ за оваа мое размислување се последните изјави на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кои преку неговите зборови се порака што Париз сака да ја испрати до властите во Скопје – вели Пекевски.
Аналитичарот е сигурен дека ако не се почитуваат ваквите, но и други и слични препораки, тоа ќе значи дека си креираме нови евроинтегративни пречки, а сето може да ни се удри од глава ако не добиеме датум за преговори и по новата методологија за проширување што ја иницира Франција со нонпејперот.
– Странците гледаат што навистина ни се случува во земјата, тие се искусни дипломати со долгогодишни искуства и не се воопшто наивни, а преку вакви и слични методи верувам дека во иднина ќе притискаат нашата држава да се обиде сама да се реформира пред практично да стане составен дел на Европската Унија – резимира Пекевски.
Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, пак, во својот осврт за актуелните случувања вели дека иако во моментов почитувањето на препораките на Венецијанската комисија за употреба на Законот за јазиците генерално не е проблем што би можел сериозно да ни го искомплицира патот до нашето членство во ЕУ, сепак во иднина постои можност ако овие случувања станат практика и по други области, земјата да влезе во несакани проблеми.
Според дипломатот, ние како држава и општество во иднина треба да ги избегнуваме ваквите ситуации поврзани со т.н. регулирање на внатрешниот сообраќај на земјата, односно прашањата како ни функционира државата да ги изнесуваме пред надворешни европски органи како Венецијанската комисија. Бидејќи на тој начин, вели дипломатот, домашните политичари, и од власта и од опозицијата, битката по овие прашања наместо да ја водат дома, каде што ѝ е местото, ќе ја префрлат пред вакви и слични европски тела.
– Токму овие состојби поврзани со препораките на Венецијанската конвенција неодамна ги коментираше амбасадорот на Франција во земјава Кристијан Тимоние, кој истовремено ги искористи за да покаже дека размислувањата на Емануел Макрон за ревизија на пристапувањето на новите членки во Унијата се оправдани – вели Арсовски.
Дипломатот додава дека Европа преку големиот број свои институции и организации секојдневно внимателно го бележи дејствувањето на секој дел од нашиот систем и на тој начин ЕУ има точна претстава во секој момент како навистина во практика функционира нашата држава.
Тимоние: Мислењето е формулирано од компетентни и престижни правници
Нашиот весник побара мислење и од францускиот амбасадор во земјата Кристијан Тимоние на прашањето дали евентуалното непочитување или заобиколување на препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците би можело да се рефлектира врз нашиот пристап кон ЕУ ако, според новата француска методологија за проширување, се предвидува да се побара мислење и да се консултираат и Телото за борба против корупција на Советот на Европа (Греко) и Венецијанската комисија.
– На мислењето на Венецијанската комисија не смее да се гледа како на меч на Дамокле, туку во позитивно светло, како што заслужува: тоа мислење беше грижливо формулирано од страна на престижни и компетентни правници, со големо искуство, кои се раководеле пред сè од принципите на почитување на човековите права, како и функционирањето на демократските општества. Во интерес е на Северна Македонија, како идна земја-членка на ЕУ, максимално да се инспирира од нејзините препораки и од нив да направи основа за нов консензус. Кога на таков начин ќе се покажат мудрост и почитување на правото, тоа ќе бидат објективни причини за да се награди напредокот што го прави земјата – вели амбасадорот Тимоние.
Ексклузивното интервју со амбасадорот Тимоние ќе го објавиме во
утрешното викенд-издание на весникот.