„Нова Македонија“ се консултира со психолози и социолози за тоа како може сите членови на едно семејство да функционираат непречено и како недостигот од простор во услови на работа и учење од дома да има колку што е можно помали последици по нив
Корона-кризата ги претвори домовите во универзален простор за сѐ и сешто
Онлајн работењето од дома многу од домовите на македонските семејства ги претвори во училница за помалото дете, предавална за неговиот постар брат или сестра, канцеларија на родителот што работи од дома, но и кујна каде што се готви и чисти. Ако во семејството има дедо и баба и можеби тетка или, пак, стрина што очекува бебе, тогаш станчето станува претесен простор за секој да најде мир и нормално да функционира. Сите имаат различни интереси, потреби, желби, притоа се и различна генерација, а во овие пандемиски услови зимава ќе мора секој да се снајде и нормално да функционира во едно такво домаќинство и нормално да ги извршува своите обврски. „Нова Македонија“ се консултира со психолози и социолози за тоа како може сите да функционираат и како недостигот од простор да има колку што е можно помали последици по нив. Социолозите сметаат дека на родителите сега им треба едукација, па дури се потребни и едукативни емисии да се влезе во некој стан, слично на некое реално шоу, што се случува, што треба и што и како не треба да се прави. Тука сега велат дека можат да се вклучат режисерите, уметниците, па дури и Владата за да се насочат овие семејства, кои и онака живеат во мали станови претрупани со мебел. За психолозите, пак, пресудно во решавањето на сите пречки е членовите на семејството меѓусебно да разговараат за она што ги мачи и најважно од сѐ секој да поминува барем половина час на отворено за да биде сам со себе.
– Почетокот на училиштето носи огромен предизвик за семејствата и голема потреба од адаптација и наоѓање креативни алтернативни решенија од страна на родителите и институциите. Семејствата се соочуваат со предизвици на повеќе нивоа, истовремено соочувајќи се со загубите и стресот како резултат на корона-пандемијата. Обидот да се постигне добра функционалност во променетото секојдневие предизвикува и чувство на притисок, загриженост, ескалирана напнатост во дел од домовите, особено во семејствата со повеќе школски деца, и семејствата во кои во помал простор во заедницата се наоѓаат повеќе генерации, и поради преостанатите тешкотиите во организацијата на денот. Сево ова е засилено и од финансиските и работни тешкотии со кои многу родители се соочуваат. Искрено се надевам и верувам во процесот на наоѓањето и примената на добри солуции, добар систем и државни мерки за поддршка во овој период, кои се многу потребни во кризава што нѐ засега сите. Во секој од нас мора да се негуваат трпеливост, адаптибилност и истрајност во целиов процес и, секако, надеж за што поскоро враќање во нормала, во согласност со крајот на пандемиската криза, кој сите многу го посакуваме – вели психологот м-р Ивана Хаџиванова.
За Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија, дефинитивно онлајн учењето, освен предностите што ги носи, ни носи и многу предизвици на кои треба да се адаптираме.
– Почнувајќи од недостатокот од физичка поврзаност, потоа – различностите во социјализацијата кај помалите деца и развој на комуникациски вештини, па до тешкотиите за фокус од домот, особено кај повеќечлени семејства, кои живеат во мал простор, онлајн учењето може да ни донесе низа тешкотии што треба да ги надминеме. За почеток, мошне е важен отворен разговор и споделување на своите емоции, како со наставникот така и во рамките на семејството. Редовна комуникација, кратки средби надвор од часот, отворено разговарање за предизвиците, може да влијаат мошне мотивирачки на ученикот. Што се однесува до фокусираноста, можеби совршена формула нема, бидејќи пандемијата е нов феномен за секој од нас, но нешта што можат да помогнат се создавањето рутина, одделување специјално катче во домот што детето ќе го асоцира на училница, па макар и да е тоа мала масичка, конкретни и јасни пораки за тоа зошто наставата е важна и, секако, наградите. Ние сме социјални суштества, но за секој од нас особено е важно и поминувањето време со себе. Без разлика дали се работи за хоби, курс, спорт… поминувајте барем мал дел од денот сами со себе. Секако, при посериозен стрес, мошне корисни може да бидат и психолошката поддршка и разговорот со психолог – вели Јасмина Јонуз.
Професорот Илија Ацески вели дека до 60-тите години на минатиот век за да нема тешкотии и проблеми во едно семејство Французите истражувале и заклучиле дека во еден стан секој член од семејството за себе треба да има на располагање 12 до 15 квадратни метри простор, кој и сега во овој век многу македонски семејства го немаат.
– Наоѓајќи се во една ваква ситуација во еден стан да мора да се организираат сите активности ќе биде тешко. Не знам кој, но некој треба да почне со некаква едукација на родителите, некој да ги упатува како ќе ги организираат просторот и времето, особено семејствата притиснати во еден мал простор, во кој едниот родител работи од дома, две деца имаат онлајн настава, а тука се и бабите и дедовците што гледаат ТВ. Сепак ќе настане една нервоза, бидејќи човекот е индивидуалец и се доведува во една крајна граница на притиснатост. Иако илјадници тони мебел се исфрлија само во Скопје, најчесто нашите станови се пренатрупани со мебел. Ова е прашање, кое исто така бара суштинска организација на просторот. Половина Скопје живее под тие стандардни услови, како ќе го фатат сите тие чекорот со другите. Затоа сметам дека е потребно да им се укажува на луѓето, можеби со специјални емисии како оние реални шоуа, да се влезе во еден стан и да се каже како и што треба, а што не треба, а видете на телевизиите имате само турски серии и дебатни емисии каде што двајца се караат. Потребна ни е една нова свест за сајбер-просторот за да може човекот ментално да е присутен и да може физички да ги врши работите.
Замислете во руралните средини имаме многу посиромашни луѓе, да немаме илузија. Овие состојби, иако изгледаат како наивни моменти, се големо губење нерви. Темата е мошне сериозна и периодов треба да се размислува за неа. Јас ќе речам ќе мора Владата, уметниците режисерите и сите што можат да се вклучат да направат нешто со кое ќе дејствуваат преку едукативни пораки, како да се организираат времето и просторот во едно станче. Да се издигне свеста дека децата се најважни, додека тетките и бабите го чекаат моментот да им почне серијата, можеби нивниот внук студент треба онлајн да води разговор со својот професор – вели професорот Илија Ацески.