Во своевиден евроинтегративен контекст (и во предизборен амбиент), деновиве пред платото на МАНУ се случи промоција на четири научни дела што го афирмираат историскиот континуитет на македонскиот јазик. Од МАНУ истакнуваат дека со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обединила за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика

Меѓу големиот број предизвици на евроинтегративниот пат на Македонија не може да се избегне и искушението за постојано потврдување на реалноста за постоењето, посебноста и автентичноста на македонскиот јазик. Таквото наметнато искушение е пред сѐ со политички карактер, кое се провлекува со децении, но со најавувањето на амбицијата за членство во ЕУ, како стратегиска цел на Македонија, македонскиот јазик се претвори во средство за уцена во билатералните договори за добрососедство, со Бугарија и со Грција, кои се веќе членки на Унијата. По промената на уставното име на државата, со додавање географска одредница, се чини дека се зголеми значењето на македонскиот јазик како чувар и содржател на македонскиот национален идентитет. Уште повеќе што тој стана предмет на атака на Бугарија, која преку својата академија БАН ги реафирмира своите стари тези дека македонскиот јазик е „југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик“.
Во таков евроинтегративен контекст (и во предизборен амбиент), деновиве пред платото на МАНУ во Скопје се случи промоција на четири научни дела што го афирмираат историскиот континуитет на македонскиот јазик.

Станува збор за делата: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“ – колективна монографија во која е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од деветтиот век, па до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“ – меѓународен зборник на трудови во кој над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“ – избор на позначајни македонски текстови од 9 до 20 век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти.
На самата промоција, академик Катица Ќулавкова откри дека самото објавување и подготовка на овие четири тома делумно се предизвикани токму од потребата да се даде конкретен научен одговор на некои ставови што отстапуваат од научната вистина по однос на потеклото и развојот на македонскиот јазик, додека некои од нив, како на пример лингвистичкиот атлас, се производ на долгогодишна работа во рамките на меѓународните институции.

Од МАНУ истакнуваат дека со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обедини за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика.
Нагласувајќи ја апсурдноста во која од политички причини се наоѓа македонскиот јазик, претседателот на Академијата, Љупчо Коцарев, изрази зачуденост за оспорувањето на човековите права во цивилизацијата на 21 век.
– Четирите капитални изданија за македонскиот јазик што беа промовирани на платото пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како и светската лингвистичка наука, потврдуваат дека таканаречениот македонско-бугарски јазичен спор всушност не е спор, туку апсурд… Зарем е можно во 21 век да се оспоруваат основни човекови права? При прогласувањето на македонскиот јазик за вештачки, Бугарската академија на науките (БАН) се потпира на две бесмислени тврдења, сличноста со бугарскиот јазик и политичкиот карактер на македонскиот јазик – рече претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.

Проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, во обраќањето на промоцијата изрази уверување дека објавените научни факти за македонскиот јазик ќе ги прифатат и политиката и политичарите и ќе ги имаат предвид при соочување со идните предизвици.
– Како што успеавме ние да се обединиме и да ги покажеме сите аргументи и научни факти поврзани со македонскиот јазик не само во рамките на нашата земја туку и во меѓународните проучувања и добивме потврда и од меѓународната научна средина, верувам дека и политиката и политичките чинители ќе ги прифатат тие факти, ќе ги ставаат секогаш пред себе во сите премрежиња што нѐ очекуваат и во иднина – ги изрази своите надежи Марковиќ, според кого моќта за адаптација на македонскиот јазик е токму клучот за неговиот долговековен континуитет.
Политичките предизвици за потврдување на реалноста на македонскиот јазик и понатаму остануваат. Оптимизмот во македонската јавност во тој поглед беше зголемен минатата недела, со објавувањето на преговарачката предлог-рамка на ЕК за почеток на пристапниот процес на Македонија во ЕУ, во која беше упатено дека пред почнувањето на преговорите, законската регулатива на ЕУ треба да биде преведена на македонски јазик.

Таквото упатство беше толкувано како своевидно признавање на ЕУ на македонскиот јазик, со оглед дека тој „исчезна“ од документите на ЕУ во 2006 година. Иако министерот за надворешни работи Никола Димитров на промоцијата на делата на МАНУ изјави дека признавањето на „македонскиот јазик е завршена работа“, и понатаму е „во сила“ бугарската позиција на БАН од 11 декември минатата година дека „македонскиот јазик не постои и оти тој е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“, како бугарскиот „филтер“ на одобрување на преговарачката рамка на ЕК. Позицијата на БАН, всушност, беше предизвикана од усвојувањето на Повелбата за македонскиот јазик на МАНУ на 3 декември 2019 година, во која беа изнесени научно признаените факти за македонскиот јазик, како и улогата на Академијата во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.
Сите четири промовирани дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.


Периоди во развојот на македонскиот јазик 

Академик Катица Ќулавкова во своја колумна пред објавувањето на МАНУ на делата за македонскиот јазик, ги наведува таксативно историските фази од развојот на македонскиот јазик, демантирајќи ги остро тезите во обидите дека тој потекнува од 1945 година.
– Пред да се кодифицира современиот македонски книжевен јазик во 1945 година, неговиот развој поминува низ неколку клучни и пресвртни фази:
1) кирило-методиевскиот период од 9 до 11 век, кога се кодифицира старословенскиот јазик врз говорите на македонските Словени од солунскиот крај или од Егејска Македонија и кога во оригиналните и преводните (црковнословенски) ракописи од македонските книжевни центри преовладува глаголицата;
2) периодот кога се профилира македонската редакција на старословенскиот јазик, од 12 до 15 век;
3) периодот кога се воведуваат македонските народни говори/наречја во дамаскинската литература;
4) периодот на преродбата во 19 век и
5) чинот на создавањето на теориските основи на идната кодификација на македонската литературна норма од Крсте П. Мисирков, во 1903 година.