И покрај тоа што бројот на новозаразени повторно оди во една нагорна линија, се чини дека многумина сѐ уште не ја сфаќаат сериозно состојбата. Дека контролите попуштија во услови кога нема некои поригорозни мерки се согласуваат и епидемиолозите, кои порачуваат дека тие треба да се зајакнат и да се најсилни таму каде што секојдневно има групирање на луѓето
ПОПУШТААТ ЛИ КОНТРОЛАТА И КОНЦЕНТРАЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19
Додека некои од земјите се затвораат поради ширењето на новите соеви на ковид-19, кај нас и покрај тоа што бројот на новозаразени повторно оди во една нагорна линија, се чини дека многумина сѐ уште не ја сфаќаат сериозно состојбата. Фактот дека сѐ уште немаме вакцини дополнително ја усложнува состојбата, а во меѓувреме не е мал бројот на граѓани што се однесуваат неодговорно, па влегуваат без маски по продавниците. Не е ништо подобра ниту состојбата во јавниот градски превоз и таа дополнително се усложнува откако капацитетот на патниците се зголеми, од наместо претходните 50 на 75 отсто. Меѓу патниците секојдневно има и такви што не носат заштитна маска на лицето. Налепниците што на почетокот на пандемијата беа поставени на автобуските седишта и требаше да опоменуваат дека треба да се седи преку едно столче, одамна ги нема. Парковите изминативе сончеви денови беа преполни со луѓе, а шетаа бебиња и мајки со колички една до друга и не носеа маски. Има случаи кога дури и полицијата по првите контроли не оди на врата да ги провери заболените во изолација, туку ги прашува по телефон дали се дома. На некои им било кажано дека треба до полицијата да достават потврда од матичниот лекар дека излегле од изолација за да бидат сигурни дека е така, додека за други ова правило не важело, туку валидно било само решението од Институтот за јавно здравје. Во вакви околности при евидентен налет на трет бран на зараза, само по себе се наметнува прашањето дали попушта контролата и како треба да се зголеми таа во услови кога нема рестриктивни мерки, колку совесност треба да покажат самите граѓани, а колку поодговорни да бидат надлежните во контролата на спроведувањето на мерките.
– Правилата важат за сите ако има решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат пратено од епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, тогаш оние што се во изолација во услови на болка мора да бараат одобрување од полицијата за да излезат и да одат на преглед. Не знам полицијата како постапува, има свој начин на проверки, но има улога да ги следи овие лица. На секој што е во изолацијата полицијата треба да му го види решението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Проблемот е во тоа што некогаш решенијата доцнат од ДСЗИ, па за некои од лицата не знаат дали треба да излезат од изолација по 10 или по 21 ден и тука е проблематично. Една година се занимаваме со ковидот и луѓето се исцрпени, не е исто дали имате 500 или 300 дневно новозаразени – објаснува Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје.
Дека контролите попуштија во услови кога нема некои поригорозни мерки се согласуваат и епидемиолозите и, според нив, контролите треба да се најсилни таму каде што секојдневно има групирање на луѓето.
– Добра вест е што овие два-три дена бројката на новозаразени не отиде над 1.000 туку остана на 500, но дали е затишје пред бура или ќе остане така ќе видиме. Во секој случај просечно бројот е зголемен за 70 отсто. Треба да се вратиме на зајакнатите контроли, тоа го потврди ова што се случи во Стајковци. Исто така треба главно да се стави акцент на јавниот превоз. За жал, работат казина, обложувачници и кафеани. Јас би донел мерка кафеаните додека е топло да не примаат гости внатре, туку само на отворено, макар да работат и подолго.
Не е во ред да се казни некој што сам седи на клупа, полиција го казнува, а нема никаква теоретска шанса да му пренесе некому, а од друга страна се дозволува да се собираат во казина, клубови. Мерките треба да се зајакнат. Сега да ни кажат каде се главните жаришта на пренесување на вирусот, таму да се зајакнат мерките и да се направи кампања за проветрување на просториите.
Тоа што капацитетот на патници се зголеми на 75 отсто е врзано за економијата, но ако е возможно бидејќи автобусите возат бавно да возат со отворени прозорци, ако има такви автобуси можеби опасноста ќе се намали за 50 отсто. Во автомобилот со отворен заден и преден простор ќе се намали за 500 пати ако вирусот постои. Со авиопревозот немаме проблем затоа што има прочистувачи, за 12 пати го превртуваат воздухот, а во нашите автобуси нема прочистувачи – вели д-р Никола Пановски.
Дека мерките дефинитивно попуштија, како и дека лабаво се однесуваат и граѓаните се согласува и неговиот колега Александар Стојанов, поранешен прв човек на Комисијата за заразни болести
– Мерките дефинитивно попуштија, не само концентрацијата на луѓето. На автобусите им се дозволи капацитетот на патниците да биде 75 отсто, тоа е всушност 120 отсто во практика. Со 50 отсто кога инсистиравме превозниците реагираа дека не им се исплаќа, на пример во текстилната фабрика во Штип имаат свој приватен превоз и рекоа дека ако не им се исплаќа нема да возат, не можат да одат на работа итн. И гледаш не гледаш таа инспекција сообраќајна и секаква прогледува низ прсти. На пазарите, во автобусите кој контролира, очигледно таа работа е излезена од контрола. Да имаме толку полиција и војска и на секој човек да му застане над глава да му каже носи маска тоа не може да го направиме, овој народ тоа не го прифаќа. Овој сој на коронавирусот, британскиот, полесно се шири, си наоѓа пат оваа мала мутација, сѐ уште е мала затоа што дејствуваат вакцините на неа.
Но ние немаме вакцини, можеби ако имавме поголем број и се вакциниравме што побрзо и што помасовно побрзо ќе се спасевме од епидемијава. Неколку моменти се зошто ни се зголемуваат бројките и утре да дојдат вакцините ќе ни треба една година да постигнеме имунитет – вели епидемиолог д-р Александра Стојанов.
Дека има неодговорни граѓани потврдуваат вработени во продавниците, кои секојдневно мака мачат со оние што ниту носат маска, ниту пак држат дистанца.
– Многупати се случува да не внимаваат колку луѓе ќе влезат во продавница со мал простор, потоа исто така не држат дистанца. Кога сум во продавницата во ГТЦ често се случува кога сум на касата, купувачи да застанат до мене, па морам да им посочам да останат на дистанца. Кога сум во продавницата во ТЦ „Сити мол“ забележувам по ходници како шетаат луѓе без маски, па ако ги види обезбедувањето ги опоменува. Во тоалетите влегуваат без маски и ако десетмина чекаат ред, пет од нив се без маски. Да не зборувам за тинејџери што си прават фотосесии во тоалетите и не носат маски. Се случува некој од граѓаните да дојде до нас продавачите или касиерите за да праша нешто и ја вади маската, па го опоменуваме. Некои пак во автобус кога зборуваат на мобилен ја вадат маската, а оние што не носат маски контролата само ги опоменува – вели Марија Серафимовска, продавачка.