Аналитичарите оценуваат дека и со оваа влада се покажало дека концептот на пржинска влада веќе е неодржлив, а нејзиното функционирање во услови на глобална пандемија не може да се оцени како ефикасно

ПРЖИНСКАТА ВЛАДА ГО ЗАВРШИ МАНДАТОТ

Мандатот на техничката влада, или во јавноста позната како пржинска влада, заврши со верификацијата на пратеничките мандати на новиот парламентарен состав по изборите што се одржаа на 15 јули, но она што остана како генерална перцепција за нејзиниот ефект е длабокиот политички јаз меѓу политичките конкуренти, што не овозможи ефикасно работење во исклучително деликатниот период на пандемија.

Најпрво замислена како влада што ќе функционира сто дена пред изборите, за да овозможи фер и демократски амбиент за одржување на изборите, оваа техничка влада имаше продолжен мандат поради ситуацијата со коронавирусот и одложувањето на првичниот датум за предвремените избори, од април за јули.
Во меѓувреме државата се најде во вонредна состојба, првпат од самостојноста беше воведен и полициски час, за да се спречи ширењето на епидемијата, а секојдневно се регистрираше раст на новозаболени и починати од ковид-19.
Во една таква ситуација, наместо координирана акција на Владата, јавноста често беше сведок на меѓусебни обвинувања, разрешувања и опструкции од една или од друга страна, што кај граѓаните предизвикуваше чувство на недоверба. Во услови кога Собранието беше распуштено, ваквата влада функционираше со уредби со законска сила, поради што од одредени кругови беше посочувано дека носи уредби што немаат никаква врска со пандемијата.
Често владини претставници и меѓусебно си префрлаа за несоодветно постапување што придонело за ширење на ковид-19.

Аналитичарите оценуваат дека токму со оваа влада се покажало дека концептот на пржинска влада повеќе е неодржлив, а нејзината работа не може да се оцени како ефикасна.
– Пржинскиот систем ѝ беше наметнат на Македонија и тој не покажа никакви резултати. Главната замисла беше спроведување фер и демократски избори, а последниов случај укажува дека ние сме далеку од такво нешто и во последните неколку циклуси имаме повеќе злоупотреби од кога било порано – вели Ристо Никовски, поранешен амбасадор и политички аналитичар.
Според него, овој систем на техничко функционирање на владата пред избори треба да заврши.
– Мислам дека треба да се прекине со тој систем, а вонредните услови што беа поставени поради пандемијата ѝ дозволи на власта едночудо злоупотреби. Македонија никогаш не била подалеку од владеењето на правото, што неизбежно ќе се рефлектира и на темпото на приближување кон ЕУ – додава Никовски.

И политичкиот аналитичар Петар Арсовски е согласен дека концептот на пржинска влада треба да се напушти.
– Пржинската влада како концепт не треба веќе да се применува, бидејќи повеќе немаме проблем со обезбедување фер и демократски избори, што не беше случај во минатото, поради што и беше замислен овој концепт – вели Арсовски.
Тој додава дека оваа и претходните пржински влади ќе останат запаметени по кавгите меѓу партиите.
– Оваа влада ќе остане повеќе запаметена по тоа како се караа партиите меѓу себе отколку по нивното работење на изборите – истакнува Арсовски.