Разговорите за продолжување на конститутивната седница уште се во тек, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на извори во Собранието, без да прецизираат за деталите, при што се шпекулира со информации за наводно незадоволство меѓу пратениците на ДУИ.
Предвиден е реизбор на Талат Џафери на функцијата претсеател на Собранието, со што тој треба официјално да го закаже продолжението на конститутивната седница. Со неговиот реизбор треба да биде и официјализирано мнозинството во Собранието по склучениот договор за владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а во која влегуваат партиите од коалицијата „Можеме” и ДПА на Мендух Тачи. Владејачкото мнозинството би имало 62 пратеници.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети го најави предвидениот за денеска избор на Џафери, на синоќешниот состанокот на Централниот совет на партијата на кој беше потврден коалицискиот договор со СДСМ. Се очекува предлогот за избор на Џафери да биде поднесен со потписи од 20 пратеници. За избор на претседателот на Собранието потребен е глас од 61 пратеник.
По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада, што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.