На последниот самит на Движењето на неврзаните, кој се одржа неодамна во Белград, учествуваа 105 земји од светот, како и 11 меѓународни организации. Македонија не беше присутна таму. Кои се објаснувањето и ставот на највисоките државни институции, но и на искусни дипломати и политичари за тоа какви односи и релации треба да гради Македонија на меѓународната сцена

Македонија не смее да се самоизолира на меѓународната сцена

Во нашето непосредно соседство во Белград, неделава се одржа дводневниот самит на Движењето на неврзаните, на кој учествуваа 105 земји од светот, како и 11 меѓународни организации. Меѓу присутните на самитот беа држави-членки на ЕУ и на НАТО, земји од повеќе континенти, кои дискутираа како да ја продлабочат меѓусебната соработка, која подразбира и јакнење на економските, политичките, културните врски итн. Македонија не присуствуваше на овој самит, иако тој се одржа во наша непосредна близина.
Во светло на овие случувања, за нотирање се и информациите дека Македонија се години не учествува на ваквите настани, иако како држава што произлегла од некогашна СФРЈ, која, пак, е основач на Движењето на неврзаните, и Македонија може да се смета како дел од основачите на неврзаните.
Во потрага по одговорите на прашањата зошто Македонија се дистанцира од овие случувања и зошто се самоизолира од активности на меѓународната сцена, побаравме одговори од видни дипломати, професори, поранешни министри за надворешни работи, како и претставници на институциите во земјата.
Од кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, за „Нова Македонија“ велат дека економските врски на Северна Македонија со најголемиот број земји-членки на Организацијата на движењето на неврзаните се одвиваат на билатерална основа, а предуслов за натамошниот развој на истите тие се, пред сѐ, обостраниот интерес на бизнис-субјектите и договорено-правната рамка од областа на економијата, каде што секогаш постои простор за подобрување.

– Покрај ова, Република Северна Македонија во рамките на системот на ООН остварува солидна соработка со овие држави по однос на политички прашања, кои засегаат најразлични аспекти од меѓународните односи – се вели во одговорот од кабинетот на претседателот на државата.
Од Владата, пак, информираат дека Република Северна Македонија има јасно профилирана надворешнополитичка ориентација, целосна интеграција во евроатлантските структури, што не ја исклучува можноста за градење или зајакнување на билатералните односи и со други земји од различни асоцијации и организации, пред сѐ во доменот на економијата и други сфери од заемен интерес.
Во тој контекст, велат од Владата, Северна Македонија настојува да развива конструктивни и пријателски односи и со земјите-членки на Организацијата на неврзаните, почитувајќи ги принципите на Повелбата на ОН, меѓусебното разбирање и уважување, како и посветеноста на ефективниот мултилатерализам во функција на решавање на сите глобални предизвици.
Во меѓувреме, универзитетските професори, поранешните дипломати и некогашните министри за надворешни работи со кои се консултиравме велат дека Македонија не треба да се самоисклучува од полињата за дипломатска и економска соработка, како оние што постојат во Движењето на неврзаните. Тие советуваат дека политиката и натаму треба да ја градиме во правец на НАТО и на ЕУ, но истовремено не треба да ја испуштаме можноста културно и економски да се поврземе преку телата на организацијата, која е формирана од Македонија како составен дел од некогашна Југославија.
Македонскиот долгогодишен дипломат Љупчо Арсовски вели дека од независноста, па досега се добива впечаток дека Македонија непотребно се изолира себеси од Движењето на неврзаните, за разлика од политиките во овој правец што ги презедоа другите републики од некогашна Југославија, кои истовремено се и членки на ЕУ и на НАТО.

– Јас лично верувам дека иако во организацијата имаме статус на гостин држава, треба да ги искористиме сите можности да присуствуваме на нивните самити, бидејќи на тој начин можат да се воспостават одлични економски врски со државите во развој. Нашите дипломати на ваквите состаноци можат да изградат одлични релации со земјите што се богати со ресурси и на тој начин поевтино да ја задоволиме потребата за енергенти во Македонија. Дополнително, на состаноците по моделот на Југославија можеме да направиме и бизнис-контакти со државите од светот и таму да ги продаваме нашите производи и да им овозможиме на домашните компании да остварат профит во локациите низ светот во кои тие сега не се присутни. За потсетување, во почетокот на независноста токму ваков контакт од оваа организација ѝ овозможи на Македонија да продаде во Сенегал автобуси произведени во фирмата „Фас 11 Октомври“ – вели Арсовски.
Тој советува дека ние треба да ги следиме своите стратегиски цели со НАТО и со ЕУ, но никогаш да не ги забораваме и другите отворени врати каде што можеме како мала држава да дејствуваме повеќе економски отколку политички.
Дипломатот советува дека оние што раководат со дипломатијата во иднина не би требало да пропуштат да ги посетат самитите на оваа организација, кои ќе се одржуваат насекаде во светот.
Првиот македонски министер за надворешни работи Денко Малевски вели дека кога се говори за Движењето на неврзаните од македонска перспектива на случувањата секогаш треба да нѐ води мудроста на народната поговорка што вели копај нов бунар, но никогаш не плукај во стариот.

– Ние како некогашен дел на југословенската федерација имаме своја традиција на меѓународно дејствување со земјите што се составен дел на движењето на неврзаните. Југославија, а со тоа и Македонија во времето на зародокот на оваа организација одиграла водечка улога во формирањето на оваа организација. Па од тука иако сме членка на НАТО и сме претендент за членство во ЕУ, каде што ја гледаме нашата иднина, никогаш не треба да ја забораваме нашата позиција во една ваква организација како Движењето на неврзаните, бидејќи секогаш од таму може да извлечеме некоја полза. Тоа особено добива динамика ако се знае дека Македонија е мала земја, а оваа организација нуди можност за стекнување голем број пријатели во светот, преку кои не политички туку економски и културно може да изградиме добри релации за обострана корист со нашите странски партнери – вели Малевски.
Тој потсетува дека неврзаните во денешно време го немаат постулатот врз кој се изградени, бидејќи блоковската поделба и биполарната структура го немаат истиот ривалитет како од времето на Студената војна.
Тој советува дека и покрај нашите силни заложби за евроатлантско дејствување, нашата дипломатија треба да се држи до традицијата и до историјата на нејзиното дејствување, бидејќи на тој начин најдобро можеме да стекнеме голем број пријателства во светот.
Универзитетскиот професор Љупчо Ристовски, пак, вели дека Македонија на меѓународно поле треба да дејствува на начин што таа ќе си гради сопствена и конзистентна позиција, која ќе биде втемелена од автохтони интереси.
Професорот, сепак, додава дека истовремено и не треба да се оттргнуваме од нашиот курс на сојузништва изградени во оската Вашингтон, Лондон и Ерусалим и да не им намигнуваме на други центри на моќ.


Што значат неврзаните?

Движењето на неврзаните е творба на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито. Тој во времето на Студената војна заедно со индискиот премиер Џавахарлал Нехру и египетскиот претседател Гамал Абдел Насер ја оформува организацијата што треба во тоа време да биде противтежа на воените блокови на Западот и Истокот, односно НАТО и Варшавскиот пакт.
Во моментов, Движењето на неврзаните е предводено од политичарот од Венецуела Николас Мадуро, кој е негов генерален секретар.
Оваа организација, која апсорбира 55 проценти од светското население и две третини од земјите-членки на Обединетите нации, има своја канцеларија на Ист Ривер во Њујорк. Во Движењето на неврзаните членуваат и богатите земји, како Кувајт, Катар, Малезија, а земјите од поранешна Југославија – Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, заедно со Украина, имаат статус на набљудувачи. Од друга страна, нашата земја и Словенија, кои водат корени од некогашната СФРЈ, сега имаат статус на гости на организацијата.

Интересно е што во почетокот на деведесеттите години како генерални секретари на Алијансата на неврзаните се изредија многу истакнати имиња од регионов, како што се Јанез Дрновшек, Стипе Месиќ, Борисав Јовиќ и Добрица Ќосиќ.
Идејата Македонија поактивно да се приклучи кон оваа светска асоцијација во неколку наврати досега е спомнувана и од политичари, новинари и други јавни личности, особено по неуспехот на Македонија во 2008-та да добие покана од НАТО и засилениот притисок за договор со Грција околу уставното име и сега по бугарската блокада, која ја задржува земјата од членство во Европската Унија.
Инаку, во кодексот на неврзаните се спомнува дека тие се против империјализмот, неоколонијализмот и расизмот, како и против сите форми на странска агресија, окупација, доминација и блоковска политика против мали земји. Движењето на неврзаните со своите критики е фокусирано против водењата на глобалните конфликти и кршењето на човековите права.