Следната седмица, на 25 април ќе се одржи нова средба во Виена на шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Нимиц, објавија дел од грчките медиуми.
Датумот се споменува во новинарските кругови во Грција, но без официјална потврда или демант.
Грчкиот информативен портал Ин, пишува дека новата средба се планира под голема тајност, но индиректно ја поврзува и со изјавата на Коѕијас за радиото 247 дека не може да се постигне договор до јулскиот НАТО Самит.
– Многу веројатно е новите разговори да се однесуваат на временскиот период, нешто што се спомена и по средбата во Охрид – пишува Ин.
Никола Димитров и Никос Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид минатиот четврток, ќе се сретнат и на двете конференции кај јужниот сосед, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.
Првата е регионална конференција со учество на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, која веќе неколку пати се има одржано во истиот формат и се однесува на меѓуграничната соработка.
На 11 и 12 мај, местото Сунио на 70 километри во Атина, познато по Храмот на Посејдон, ќе биде домаќин на Конференцијата за иднината на Европа.
На конференцијата ќе учествуваат претставници на вишеградската четворка (Словачка, Чешка, Унгарија и Полска) и балканските четворка, односно земјите од членки на ЕУ од регионот (Бугарија, Хрватска, Романија и Грција), како и државите кандидати за членство во унијата, меѓу кои и Македонија.