Секој што има терористички планови и цели не е дел од исламската религија. Исламот нема ништо заедничко со тероризам, ниту со радикализам, ниту, пак, со насилство.
Исламот се темели на мирољубиви постулати, впрочем како и секоја религија во светот. Токму затоа не треба веднаш да се прави поврзаност меѓу исламската религија и тероризмот. Вакво толкување дава теологот Метин Изети, професор на Тетовскиот универзитет, откако пред неколку дена Министерството за внатрешни работи излезе со соопштение во кое пишуваше дека биле спроведени оперативно-тактички мерки и претреси на неколку локации поради планови за извршување терористички напад од страна на поддржувачи на Исламската држава (ИД).
Професорот Изети вели дека тероризмот е еден од поголемите проблеми со кои се соочува светот и дека сигурноста на граѓаните треба да биде на прво место, а тоа треба да го гарантираат надлежните институции.
– ИВЗ треба многу сериозно да ги сфати ваквите состојби и треба да ја насочи својата работа во едукација на кадри што ќе можат на верниците да им посочуваат правилни верски начела – додава Изети.
Од Исламската верска заедница вчера не соопштија конкретен став за последните случувања што пред неколку дена беа посочени од МВР, како и дали ИВЗ има сознанија за евентуални припадници на радикални структури во нејзините редови.
Имено, пред половина година Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, во интервју за „Нова Македонија“ истакна дека традиционалниот ислам што се практикува во Македонија нема никаква допирна точка со радикализмот или тероризмот. Тој посочи дека муслиманските верници во Македонија традиционално му припаѓаат на ханефискиот месхеб, кој е еден од четирите во исламот. ИВЗ и муслиманските верници ги почитуваат сите месхеби, но ја следат ханефиската школа.
– Имало случаи кога се појавиле некои радикализирани елементи што му припаѓаат на друг месхеб, не на ханефискиот. Такви елементи нема веќе во нашите џамии, а за некои поединечни случаи што можеби дејствуваат надвор од нашата надлежност како единствена институција за учење и ширење на исламот има компетентни институции. Се трудиме и во иднина ќе се трудиме да им помогнеме и да ги вратиме на вистински пат оние што можеби запловиле во матните води на радикализмот – истакна поглаварот во интервјуто.
Реџепи тогаш нагласи и дека должност на државата и на компетентните институции е да му се спротивстават на секое радикално учење или движење, без оглед на верскиот предзнак, бидејќи, како што рече, тие се опасност не само за ИВЗ туку за сите.
Во 2010 година поглаварот Реџепи бараше помош од тогашната влада за спречување на влезот на различните учења на радикалниот ислам во земјава, а посочуваше и дека ИВЗ нема контрола врз неколку верски објекти во Скопје. Тој во 2015 година го презентира планот на ИВЗ за ресоцијализација на повратниците од боиштата на ИД, како дополнување на она што се предвидува со измените на Кривичниот законик, а според кој одењето во туѓи војни се казнува со затвор.
Поконкретно, ИВЗ предлагаше тие да работат на превенција и одвраќање на македонските граѓани од учество во воени конфликти, ресоцијализација на семејствата чии деца се заминати и промоција на исламот како миротворна религија.
Оние, пак, што веќе биле во туѓа војна, според Реџепи, треба да одговараат според законот, но со нив мора и да се работи оти тие, како што додаде, се трауматизирани.
Тогаш тој посочи и дека во сите европски земји, исламските верски заедници поставиле имами, кои не работат само со луѓето во џамиите, во центрите, туку работат и во затворите.