Со каков интензитет и во кои временски рокови придавката Северна, во согласност со новото име на државата, ќе навлегува во животот на граѓаните и, се разбира, како ќе влијае врз нив? Во тој контекст, во неколку продолженија, „Нова Македонија“ ќе ги анализира сите прашања и дилеми за тоа како ќе се спроведува спогодбата дома и во сите сектори. Во текстовите ќе бидат вклучени видни експерти, професори, правници и други соговорници од културата, спортот, образованието, науката, кои преку своите видувања и мислења ќе се обидат да ги објаснат сите нејаснотии за примената на договорот од Преспа
На почетокот од првата недела по ратификацијата на спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, во домашната јавност веќе се наметнува дилема како ќе започне таа да се спроведува и како ќе оди исполнувањето на обврските од Преспанскиот договор дома.
Со каков интензитет и во кои временски рокови придавката Северна, во согласност со новото име на државата, ќе навлегува во животите на граѓаните и, се разбира, како ќе влијае врз нив? Прашањето е комплексно и се однесува и на чекорите што треба да ги преземат државните институции, но и на редица други сегменти од животот на граѓаните, како културата, образованието, спортските настани и активности, економијата итн. Истовремено останува нејасно и како ќе се одвива спроведувањето на спогодбата од аспект на називите на државните институции, како МАНУ, АРМ. МРТ, МПЦ и многу други. Она што во моментов најмногу ги засега и интересира граѓаните е како ќе се одвива спроведувањето на спогодбата на домашен терен и кои се можните последици од сето тоа. Кој е обврзан да го наложи тоа, во кои рокови ќе треба да се спроведува и дали ќе има финансиски импликации врз џебот на граѓаните? Во тој контекст, во неколку продолженија, „Нова Македонија“ ќе ги анализира сите овие поставени прашања и дилеми за тоа како ќе се спроведува спогодбата дома и во сите сектори. Во текстовите ќе бидат вклучени видни експерти, професори, правници и други соговорници од културата, спортот, образованието, науката, кои преку своите видувања и мислења ќе се обидат да ги разобличат сите нејаснотии околу примената договорот од Преспа веднаш по стапувањето во сила дома. Па, така, во согласност со членот 1 од договорот, придавската референца за државата, за нејзините официјални тела и за други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на втората страна или со нејзиното скратено име, што значи на Република Северна Македонија или на Северна Македонија.
Понатаму, другите употреби на придавката, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на приватните субјекти или актери, кои не се поврзани со државните и јавните субјекти, што не се опфатени со законот и немаат финансиска поддршка од државата за активности во странство, може да бидат според членот 7 (3) и (4), односно да одлучат разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ и да донесат своеволна одлука.
Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски вели дека сѐ ќе се сведе на процедура што технички ќе се спроведе на сите државни институции.
– Глобално, сѐ ќе се сведе на некои стандарди, а тие ќе бидат во насока на тоа дека основачот на организацијата или институцијата ќе ја носи одлуката за новото именување. Просто кажано а правно гледано, Владата ќе биде надлежна за именување на министерствата, Собранието за Владата и дел од министерствата и институциите што подлежат под него. Со други зборови, Собранието ќе донесе одлука за преименување на пример на МАНУ, бидејќи со указ на Собранието беше прогласен Законот за Македонската академија на науките и уметностите на Македонија и подоцна донесен Законот за МАНУ. Оттука може да се заклучи дека сѐ ќе се сведе на технички вештини што ќе се применуваат во сите сфери при спроведувањето на спогодбата со Грција за домашната употреба – вели Фрчковски.
Во однос на тоа дали е можно при спроведувањето на договорот на домашен терен да дојде до евентуален застој или некоја финансиска последица по граѓаните, професорот Фрчковски појаснува дека не е исклучено такво сценарио во земјава, познавајќи го системот на функционирање на државниот апарат, но тоа, според него, е оправдано, бидејќи нашето членство во ЕУ и во НАТО е бесценето, а придобивката значајна.
– Стратегиска цел на земјава се ЕУ и НАТО. Во согласност со овие наши аспирации од формирањето на државава, повеќе од јасно е дека членството во нив ќе чини. Реално е да се каже дека ќе имаме трошоци, но колкави и кои ќе бидат тие сѐ уште е рано да се зборува. Постојат релевантни организации што преку анализи во периодов што следува би можеле да кажат колку би чинело сето тоа, но не и јас во моментов. Тука да истакнам дека за нас најважно е да го задржиме генералното темпо на спроведувањето на договорот дома од моментот кога тој ќе започне и да ги одбегнеме политичките интриги што непотребно го драматизираат процесот во јавноста – додава Фрчковски.
Тој објаснува дека процесот на имплементацијата е важен дел од договорот од Преспа и е поврзан со почнувањето на преговорите со ЕУ. Според Фрчковски, транзицијата во промената на користење на називите на институциите за домашна употреба ќе следува паралелно со отворањето на поглавјата за преговарање со Унијата, односно кога ќе се преговара за образованието, тогаш институцијата ќе мора да биде преименувана итн.
Од друга страна, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет вели дека процесот на промена на името на државата ќе повлече сериозни процеси на менување на целокупната документација за меѓународна употреба на земјава во сите организации каде што сме членка. Според неа, со посебен проблем ќе се соочиме во билатералните и мултилатералните односи со другите земји, кога дома ќе почне процесот на менување на сите јавни натписи, табли на сите државни и локални институции, табли на јавни установи (училишта, градинки, општини, културни и други органи), јавни претпријатија, организации, па дури и приватни компании. Со една реченица, според Каракамишева-Јовановска, промената на името ќе значи промена на сѐ каде што до вчера пишувало Република Македонија, а тоа се практично сите документи и документација.
– Промените ќе биде неопходно да се случат дури и во делот на комерцијалните имиња, марките и имињата со бренд Македонија, бидејќи, како што се вели во договорот, двете страни се договориле да ги охрабрат бизнис-заедниците на своите земји преку дијалог и добра волја и преку посебна меѓународна група на експерти, во која ќе бидат претставници од двете земји во контекст на ЕУ, со учество на ООН и ИСО да направат промени и на овие категории – вели Каракамишева-Јовановска.
Според неа, оваа група на експерти ќе се формира во 2019 година, со обврска да ја заврши работата во следните три години.
– Во однос на промената на државното име и неговата употреба во целокупната документација, кореспонденција и други релевантни материјали, треба да се знае дека во согласност со договорот се предвидени два транзиторни периода. Првиот е од технички карактер и се однесува на промена на сите официјални документи и материјали што ги издава јавната администрација на државата за домашна и надворешна употреба. Тука влегуваат сите лични документи, лични карти, патни исправи, возачки дозволи итн., кои треба да бидат сменети во период од најдоцна пет години од стапувањето во сила на договорот. И вториот т.н. политички транзициски период, кој се однесува на сите документи или материјали што ексклузивно се користат само за внатрешна употреба (изводи од книгата на родените, изводи од книгата на венчаните, свидетелства, дипломи и сл.). Нивната промена ќе започне со отворањето на релевантното поглавје за преговори на Македонија со ЕУ, а треба да заврши во рамките на пет години од моментот на започнувањето на преговорите – вели таа.
Како што објаснува професорката, за да се случат на терен сите овие промени, потребни се длабински и коренити законски промени, промени на целокупната правна регулатива во согласност со роковите содржани во договорот.
– Секако дека промените ќе бидат директно на штета на граѓаните, кои, освен финансиските импликации што ќе паднат на нивен товар, ќе имаат и штета во однос на потрошено време, нервози со чекања на шалтери и трпење на целокупниот институционален хаос, кој тешко дека некој може отсега да го предвиди. Во делот на промените на имињата на институциите и органите во државата, го надоврзувам и имплементирањето на Законот за јазиците и двојазичноста што се предвидува на цела територија на земјата како уште еден проблем за соочување. Можни се и меѓуинституционални проблеми во комуникацијата и преписката меѓу институциите, проблеми за кои сѐ уште не се знае кој орган ќе биде одговорен да ги реши, односно можно е да ни се случи меѓусебно расправање на институциите во однос на вината без да се знае кој орган ќе биде надлежен да ги надминува можните конфликти и проблеми. Имплементацијата на договорот ќе внесе вистински хаос во комуникацијата меѓу граѓаните и институциите, како и во животот на граѓаните – завршува Каракамишева-Јовановска.
Продолжува
Италијански „Журнал“ предвидува многу корекции
Од натписи на споменици до учебници и трговски договори, во деталите се наоѓаат доказите за историскиот договор меѓу Грција и Македонија за промена на името, кој беше ратификуван и од грчките пратеници во петокот. Македонскиот и грчкиот парламент го поддржаа новото име Република Северна Македонија. Во наредните години ќе се коригираат многу елементи, пишува италијански „Журнал“. Според италијанскиот медиум, властите во Скопје исто така мора ги отстранат сите јавни слики со сонцето од Вергина, антички симбол што се поврзува со семејството на Александар, кој и наедно беше и на првото знаме на Македонија по прогласувањето на независноста, сè до 1995 година.