Набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР и делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, но и невладините организации, кај нас јасно укажуваат на потребата од реформи во изборната легислатива И претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, смета дека основниот текст на Изборниот законик што бил донесен во 2006 година досега претрпел триесетина измени, па само поради овој факт, и ништо повеќе, може да се заклучи дека треба да се донесе нов
Заклучоците на меѓународната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР и делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа по првиот круг на претседателските избори повторно ја актуализираат темата за Изборниот законик.
Корин Јонкер, шефица на набљудувачката мисија на изборите на ОДИХР, на прес-конференција изјави дека, и покрај добрите оцени по првиот круг на претседателските избори, и понатаму остануваат препораки и потреба од надминување на слабостите во законската реформа во оваа област.
Со ваквата оцена се согласи и шефицата на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Мари Кристин-Дало.
Таа истакна дека на земјата ѝ е потребно зрело функционирање на политичкиот систем, а реформата на изборната легислатива повторно ќе ги заинтересира граѓаните и ќе обезбеди нивно активно учество во изборот на шефот на државата.
Според меѓународните набљудувачи, главните забелешки се однесуваат на законската рамка, бидејќи таа не е скроена за потребите на претседателската трка, па поради отсуство на јасни правила, делови од кампањата се спроведувале врз основа на меѓупартиски договори.
– Недоволно воедначеното известување за потрошувачката на кандидатите, регулирањето на кампањските активности на трети лица и известувањето од страна на политичките партии што ги поддржуваа кандидатите ги намалија и транспарентноста на финансирањето на кампањата и ефективноста на надзорот – се вели во прелиминарниот извештај на меѓународната набљудувачка мисија.
По ваквите коментари од странските набљудувачи, побаравме мислење од Државната изборна комисија.
Претседател на ДИК, Оливер Дерковски, смета дека основниот текст на Изборниот законик што бил донесен во 2006 година досега претрпел триесетина измени, па само поради овој факт, и ништо повеќе, може да се заклучи дека треба да се донесе нов.
– Секој што учел право ќе заклучи дека закон што 30 пати бил дополнуван и менуван не е доволно ефективен. Со текот на времето и со промените содржината на законот е променета, а со тоа е нарушен и основниот концепт на законот, бидејќи вршените измени со текот на годините довеле до колизија на одредени законски одредби внатре во самиот закон – вели Дерковски.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е фактот дека и претходно во јавните настапи членовите на ДИК сугерираа дека на државата ѝ е потребен нов изборен законик, особено во делот на регулирање на финансиите во изборите, во делот на регулирање на употребата на новините и технологијата во делот на гласањето и во државата, но и во дијаспората.
Џабир Дерала од невладината Цивил, која редовно ги мониторира изборите, вели дека Изборниот законик во целост е лош и треба што побргу да биде заменет со нов.
– Изборниот законик треба да се фрли во канта и на негово место да се напише нов, бидејќи актуелниот личи на шлепер со сирење кој е продупчен и кој нема веќе функција. Истовремено тврдам дека поради големиот број правни пропусти треба, исто така, да се направат измени и во другите закони што обработуваат изборна материја.
Тука пред сѐ мислам на измени во одредби на закони како на пример кривичната материја што ги регулира санкциите за изборната материја. Доколку, пак, не се вршат измени на овие кривични материи, предлагам одредби поврзани од законите да се трансферираат во еден комплетно нов закон, европски закон, кој ќе ни даде можност да ја коригираме актуелната материја – резимира Дерала.