Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето на судот и му препорача на Собранието да му го одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
За одземање на мандатот на Груевски гласаа пет од деветте членови на Комисијата. На гласањето не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие дојдоа на Комисијата, но по искажаните забелешки на Трајко Велјаноски дека се води политички, а не правен процес, ја напуштија седницата.
Претседателот на Комисијата Павле Богоевски, пак, кажа дека тој е за одземање на мандатот на Груевски бидејќи делата кои му се ставаат на товар го прават недостоен за вршење на пратеничката функција.
На седницата беше поканет и Груевски, но не присуствуваше бидејќи е на судење за предметот „Титаник“.
Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.