Ратификацијата на Преспанскиот договор отвори ново поглавје за Република Македонија и за Република Грција. Многу прашања се отворија пред, но и по потпишувањето на договорот. Некои од нив добија одговор, а некои не. Референдумот во тој контекст зазема посебно место, поради карактерот на највисока демократска институција. Што се однесува до полемиките, дискусиите и јавните расправи, во македонската јавност тие беа фреквентни, длабоки, со далекосежни анализи од историски, правен, политички, лингвистички, социолошки, економски и друг карактер. Од другата страна на границата, исто така, „Нова Македонија“ направи пресек на „најчесто поставуваните прашања“ во врска со Преспанскиот договор и во двете земји
„Нова Македонија“ направи пресек на најчесто поставуваните прашања во домашната јавност по потпишувањето на договорот од Преспа. За одредени теми и прашања има совпаѓања со оние што се поставуваат и во грчката јавност, но перспективата и последиците врз македонската страна се, секако, различни и имаат многу поголема тежина, со оглед на отстапките што ги направи Република Македонија
Како ќе се одрази договорот од Преспа за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО?
Според пишувањата и коментарите на домашната стручна јавност, првите ефекти од договорот со Преспа се очекуваат токму денес кога во Брисел, амбасадорите на земјите-членки на НАТО ќе го потпишат протоколот за пристапување на нашата земја во членството, со новото уставно име Република Северна Македонија. Со овој чин, 29-те земји-членки ќе ја изразат својата согласност Македонија да стане дел од системот и процедурите на НАТО и да учествува во работата на телата на Алијансата како поканета земја-членка без право на глас. Веднаш по согласноста за протоколот за пристапување во членство на нашата земја во НАТО, ќе започне процесот за негова ратификација во парламентите на секоја од земјите-членки на Алијансата. Грција прва ќе го ратификува протоколот (според најавите утре, на 7 февруари), по што договорот од Преспа стапува во сила и уставните амандмани влегуваат во сила. Сепак, до полноправното членство во НАТО ќе се стигне откако ќе заврши процесот за ратификација на протоколот во сите 29 земји-членки, што е планирано да заврши до средината на 2020 година.
Што се однесува до членството во ЕУ, и покрај договорот од Преспа, најоптимистичките прогнози се дека Македонија би влегла во овој сојуз најбрзо во 2030-та, и тоа ако во јуни добие датум за почеток на преговорите за членство. Покрај тоа, во изјавите на голем број аналитичари од дома и од странство особено се нагласува дека тоа е само еден услов за добивање датум за почеток на преговори, но не ги забораваат и реформските задачи што треба да ги исполни земјата.
Дали може да се оспори договорот од Преспа од некоја од постојаните членки на Советот за безбедност при Обединетите нации?
– Иако едно од толкувањата на договорот од Преспа е дека од Советот за безбедност и од генералниот секретар на ОН само се бара да го потврдат неговото стапување во сила, сепак секогаш останува отворена можноста постојаните земји-членки во Советот за безбедност при ОН (а и некоја од мандатните членки) да отворат и дискусија за некое прашање или договор што треба да го разгледаат. Постојани членки на Советот за безбедност на ОН се : Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција. Од Русија, во неколку наврати и од највисокото ниво доаѓаа изјави дека „ќе имаат што да кажат“ за договорот од Преспа на Советот за безбедност на ОН. Во таа насока и идните потези и мерки на Русија и на Народна Република Кина, држави што се членки на Советот на безбедност и нѐ признале под уставното име, остануваат енигма. Од друга страна, САД, кои исто така нѐ имаат признаено под уставното име, како Република Македонија, подоцна застанаа со целосна поддршка за договорот од Преспа
Дали ќе може Македонија во иднина да ја поништи спогодбата од Преспа, при евентуална промена на власта?
Во однос на ова прашање изминатиот период имаше редица ставови на политичари, правници и аналитичари. За лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ниту еден процес во историјата не е еднонасочен, а искуството покажало дека некои процеси биле и реверзибилни. Во однос на правната можност за оспорување на спогодбата ставот на правните експерти, кој беше пласиран во домашната јавност, е дека Македонија може да се повика на Виенската конвенција за договорно право, која се потпира на принципите на меѓународното право, внесени во Повелбата на Обединетите нации. Таму се обработува и се одредува токму таквата можност за поништување, згаснување и прекин на примена на договорот. Вториот дел од Виенската конвенција, од членот 43 до членот 72 се однесуваат токму на постапката и последиците од поништување, згаснување и прекин на примена на договорите. И Македонија и Грција се потписнички на Виенската конвенција.
Кои се придобивките за Македонија од договорот од Преспа?
Како најголема придобивка, која потписниците на договорот од Преспа ја наведуваат и како главна причина за неговото креирање, е отворањето на патот за евроатлантските интеграции на Македонија, односно членството во НАТО и во ЕУ, кој токму поради наметнатиот спор за името беше блокиран од страна на Грција, речиси 28 години. Членството во НАТО и почетокот на преговорите за влез во ЕУ, според одредени аналитичари би требало да ѝ донесат на земјата поголеми безбедносни гаранции, да отворат и одредени економски перспективи и развој, а во самата спогодба од Преспа е предвидено интензивирање и збогатување на соработката меѓу двете земји.
Што губи Македонија со договорот?
Со прифаќањето официјално и уставно име на државата да биде Република Северна Македонија, и тоа ерга омнес (и за внатрешна употреба), имплицитно се загрозува постоењето на македонската нација (губење на националниот идентитет), на македонската држава под името што досега била позната и создава услови за појава на некој нов државно-национален хибрид. Притоа
огромна доза конфузија и нејасност предизвикува и толкувањето на терминот nacionality, односно дали терминот „националност“ кај втората страна, дефинирано во членот 1(3) б од спогодбата како „македонско/државјанин на Република Северна Македонија“ се однесува исклучиво на државјанството, во смисла на поседување на патна исправа или, пак, на националниот (етничкиот) идентитет на најголемиот дел од граѓаните на државата.
Кои одредби од договорот се сметаат за најголем пораз за Македонија?
– Според оцените и забелешките што изминатиот период се пласираа во домашната јавност, речиси со секој член во првиот дел од договорот т.е. од првиот до осмиот член се прави рестрикција на државниот, националниот, институционалниот, историскиот идентитет и суверенитет на Македонија. Освен недореченостите што остануваат со дефинирањето на државјанството како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, со една од одредбите се предвидува и ограничување на правото на културното наследство, откажување од малцинствата, а предвидена е (и веќе работи) комисија за „усогласување историски, археолошки и образовни прашања“, со што всушност ќе се ревидира историјата (односно историските учебници) на Македонија. Со договорот од Преспа, постоењето на Македонците во историјата е ограничено до седмиот век.
Како ќе се одрази договорот на трговските брендови од Македонија?
Уште во првиот член од договорот, под ставот 3ж, се одредува што ќе биде преземено во врска со употребата на името Македонија во трговските брендови. Но и тој член остава голем простор за толкување.
„Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен,ц структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата, кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО“.
Дали договорот е во согласност со меѓународното право, во врска со отстапките што ги прави Македонија?
– Во самата преамбула, договорот се повикува на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и вредностите и начелата на Советот на Европа, и се води од духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни, слободи и достоинство… Но меѓународните експерти, како професорот од Шпанија, Карлос Флорес Хубериас оценува дека „Преспанскиот договор е, како прво, олицетворение на едно предавство на основните начела на меѓународното право и како второ, сосема празно ветување без никакви гаранции. Во првиот случај, бидејќи значи давање право на една земја – Грција – да се меша во внатрешните прашања на друга земја – Македонија – оставајќи ги на тој начин на милост на еден билатерален договор прашањата околу името, идентитетот на народот па дури и јазикот, определби што ниедна слободна земја не би требало да дозволува да бидат одлучувани од некој однадвор, туку само од своите граѓани“.
Еве како грчкото гласило „Катимерини“ ги систематизира „најчесто поставуваните прашања“ во врска со Преспанскиот договор и кои се нивните одговори
1. Како влијае договорот врз кандидатурата на ПЈРМ за членство во НАТО?
Преспанскиот договор целосно ќе се спроведе откако ПЈРМ ќе стане членка на НАТО. По ратификацијата на договорот во грчкиот парламент на 25 јануари, балканската држава ќе добие покана од НАТО за само неколку дена за да ги потпише протоколите за пристапување како „Република Северна Македонија“. Сепак, нејзиниот прием ќе треба да биде одобрен од сите 29 парламенти на членките на НАТО, вклучувајќи го и грчкиот парламент. Ова може да потрае повеќе од една година, ако го земеме примерот на Црна Гора од 2017 година.
Дали може Русија да го оспори договорот со вето во Советот за безбедност на ОН?
Според одредбите од договорот, од Советот за безбедност и од генералниот секретар на ОН само се бара да го потврдат неговото стапување во сила. Затоа не постои начин на кој Русија може да го оспори овој договор.
Дали може Грција да го поништи договорот доколку на власт во иднина дојде партијата Нова демократија, која е против договорот?
Не може да се повтори процес сличен на оној кога ПЈРМ беше спречена да пристапи во НАТО во 2008 година (со заканите со вето). Ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент ѝ стави крај на единствената пречка за пристапот на државата во Алијансата во 2008 година, а тоа е нејзиното уставно име. Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, изјави дека Грција има право да стави вето на влезот на ПЈРМ во ЕУ. Сепак, според членот 2, став 1 од договорот, Грција е согласна „да не биде против барањето на или членството на (Северна Македонија) во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции во кои (Грција) е членка“. Исто така според членот 20 став 9, јасно е дека одредбите од договорот „се неотповикливи“.
Секако, Грција може да постави услови во однос на спроведувањето на 35-те поглавја од процесот за влез, но во суштина договорот ја спречува Грција да го искористи правото на вето. Секакво кршење на овој договор би резултирало со изолација на државата од меѓународната заедница и осуда од Меѓународниот суд на правдата. Што се однесува до членството на ПЈРМ во ЕУ, Франција и Холандија веќе беа против одредувањето датум за почеток на преговорите. Сепак, овој процес се очекува да започне во јуни или во декември и да трае неколку години. Ова значи дека влезот во ЕУ со името „Северна Македонија“ ќе се случи откако ќе ѝ истече мандатот на следната грчка влада.
Какви придобивки има Грција од договорот?
Поддржувачите на договорот го нагласуваат фактот дека се решава проблем што 27 години апсорбираше вреден дипломатски капитал. Грција исто така е заслужна за значајниот придонес во зајакнувањето на улогата на Западот на Балканот, затоа што влезот на ПЈРМ во западните институции ќе го спречи влијанието на Русија (и на Турција) во регионот, наспроти фактот што ова се случува преку верските и културните мрежи што постојат независно од политичките настани. Најголемата придобивка за Грција можеби е тоа што успеа да ги оствари суштинските барања, како што е да ја натера соседната држава да го промени уставното име во сложено име со географска одредница што беше дел од грчката национална политика уште од 2008 година. Грција исто така успеа да постигне дополнителни промени во Уставот на ПЈРМ со тоа што се отстранија секакви иредентистички елементи. Таа успеа да ги оствари јасните разлики меѓу историјата на античка Македонија и историјата на ПЈРМ, иако некои експерти нагласуваат дека обидите да се узурпира историјата на античка Македонија беше само стратегија на поранешната влада на Никола Груевски и истата таа повеќе не е дел од стратегијата на официјално Скопје.
Иако договорот го признава јазикот што се зборува во ПЈРМ како „македонски“, што Атина го гледа како отстапка во замена за сложеното име да се користи ерга омнес (истовремено во домашна и во надворешна употреба), Грција „извојува победа“ со членот 7 став 4 дека јазикот припаѓа во групата јужнословенски јазици.
Дали договорот отвора нови економски можности за Грција?
Целосната нормализација на односите со Скопје со сигурност ќе отвори нови можности за Грција од економска гледна точка и не само во ПЈРМ, туку и на Балканот. Регионот на грчка Македонија и цела северна Грција се очекува да имаат значајни придобивки затоа што се очекува Солун да стане главен центар за голем број иницијативи.
Што загуби Грција како резултат на договорот?
Иако Грција се залагаше за сложено име со географска одредница во својата национална политика уште од 2008 година, голем дел од јавноста сè уште стои на ставот што го усвои Советот на политички лидери во 1992 година, кој беше против име што го содржи името „Македонија“. Затоа, иако се промени курсот во националната политика, мнозинството граѓани сметаат дека преименувањето на ПЈРМ во „Северна Македонија“ е пораз наместо победа за Грција. Втората отстапка што ја нагласуваат критичарите е прифаќањето на името „македонски“ за словенскиот дијалект (или јазик) што се зборува во соседната држава, како и прифаќањето на двосмислениот англиски термин „националност“ (што се користи во договорот), кој истовремено може да значи „етничка припадност“ и „државјанство“. Оваа двосмисленост се смета за еднаква на прифаќањето на Грција дека народот на ПЈРМ има „македонска“ етничка припадност. Прифаќањето на „македонската“ националност на која исто така се противеше албанската етничка заедница во балканската држава, претставува шанса за подгревање на иредентизмот.
Исто така, верувањето дека договорот беше наметнат врз Грција од страна на надворешни сили, исто така имаше цена. Тоа резултира со распаѓање на коалицијата меѓу СИРИЗА и партијата Независни Грци, па сега државата е предводена од влада што нема парламентарно мнозинство.
Зошто одредбите за националност и јазик се сметаат за најголем пораз?
Без разлика колку е јасно поразлично дефинирано историското наследство на античка Македонија, која е грчка, од историјата на географската област северно од грчка Македонија, националноста и јазикот одредени со договорот допуштаат словенскиот народ на ПЈРМ да се смета за дел од македонска нација. Во оваа смисла, критичарите тврдат, како што и самиот договор пропишува со прифаќањето на „македонскиот“ јазик и „македонската“ националност, дека Македонија не е само грчка, туку е мултиетничка. Покрај тврдењата дека Грција го прифатила „македонскиот“ јазик во 1977 година на Конференцијата за стандардизација на географските имиња во ООН, фактот е дека единственото нешто што тогаш било прифатено била „македонско-кирилската азбука“. Сепак, ако „македонскиот“ јазик навистина бил прифатен во 1977 година, тогаш немаше да биде клучна точка во спорот што трае од 1992 година до денес.
Дали навистина може да се реши иредентизмот?
Оптимистите истакнуваат дека очекуваната експанзија на грчки инвестиции во соседната држава ќе ги ослаби иредентистичките тенденции. Во меѓувреме, скептиците предупредуваат дека грчкото прифаќање на „македонскиот“ идентитет на државата претставува пресвртница во пропагирањето на иредентизмот и понатамошното консолидирање на славомакедонската национална идеологија, поточно идеолошката конструкција на „македонизмот“, кој се роди на крајот од 19 век. Според оваа идеологија, Егејска Македонија е под грчка, а Пиринска Македонија е под бугарска окупација.
Дали постоењето на „Северна Македонија“ може да биде закана за Грција?
Историското време не може да се сведе на природното време. Грција нема да се соочи со никаква закана во иднина. Всушност, таа ќе зајакне затоа што стабилноста ќе се зацврсти на Балканот. Сепак, преименувањето на ПЈРМ во „Северна Македонија“ и признавањето на „македонскиот идентитет“ може во историски контекст да доведе до нешто поголемо во иднина. Соседната држава ќе се претвори во автономен олеснувач на македонскиот идентитет. Во идниот геополитички развој на настаните во наредните 30, 40 или 50 години отсега, големите сили можеби ќе го поддржат формирањето посебна мултиетничка федерална македонска држава во или надвор од ЕУ, што може да предизвика поделби на Балканот. Таквите геополитички калкулации се скриени во бугарските сомнежи за Преспанскиот договор.
Неос космос: Што ќе се случи со логото „Македонија“?
Името „Македонија“ се содржи во имињата на брендовите на 182 грчки фирми иако над 4.000 фирми го користат грчкиот топоним за еден или за повеќе нивни производи. Ратификацијата на Преспанскиот договор од страна на Атина и на ПЈРМ ги збуни Грците во однос на тоа дали нивните соседи сега ќе имаат право исто така да го користат топонимот со кого се идентификуваат традиционалните грчки производи, пренесува грчки „Неос космос“. Трговската комора во северна Грција веќе почна да презема мерки за да даде правна помош за фирмите што сакаат дополнително разјаснување во однос на деталите од договорот. Спогодбата вклучува одредба, која ги штити правата на грчките фирми што во моментов ги имаат според регулативите на ЕУ. Членот 1 став 3 вели дека двете страни се „согласни да ги поддржат и да ги поттикнат нивните деловни заедници да институционализираат структуриран и искрен дијалог во контекст да постигнат заеднички прифатливи решенија за прашањата за комерцијалните имиња, заштитни знаци и брендови, како и со сите важни прашања на билатерално и на меѓународно ниво“. Ќе се формира меѓународен тим експерти од двете држави со мандат до 2022 година и ќе се фокусира на прашањата за името и заштитните знаци што треба да се решат според рамката од Преспанскиот договор, пренесува грчкиот медиум.
Истражување на „Вима“: Мнозинството Грци се против договорот
Дури 69 отсто од Грците се против договорот од Преспа, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење објавено во грчкиот весник „Вима“. Истовремено, 71 отсто од испитаниците во анкетата изјавиле дека Македонија нема да ја викаат Северна Македонија или ПЈРМ туку само Скопје, по главниот град на државата, наведуваат светските агенции.