Според протоколите за заштита од коронавирусот, при влез на секој вработен и дете во установата е задолжително мерење температура и миење на рацете или дезинфекција
Градинките почнуваат со работа, родителите во дилема
Најмалите веќе идната недела ќе почнат да ги посетуваат установите за згрижување деца. Тие уште пред основците и средношколците, во услови кога бројките на заболени од ковид-19 се високи, први го кршат мразот и ќе можат да посетуваат градинка. Ќе бидат примени децата само на оние родители што ќе имаат потврда од работа дека не можат да ги извршуваат обврските од дома, како и децата на самохраните родители.
Меѓу родителите изминатиот период има многу дилеми дали е исправна одлуката да се отворат градинките и да ги пуштат децата во градинка.
Загриженоста кај нив е оправдана, зашто токму децата се најранливата категорија, за која мора да има строги препораки и протоколи за заштита од коронавирусот.
Се наметнува дилемата колку тие ќе можат да одржуваат физичко растојание, колку ќе можат да носат маски и колку ќе можат да одржуваат хигиена со често миење на рацете.
На социјалните мрежи може да се најдат многу коментари, како тоа дека отворањето на градинките е опасност од дополнително ширење на вирусот, но има и такви во кои родителите посочуваат дека постои можност да ги изгубат своите работни места ако немаат каде да ги остават децата на чување.
Најгласни се оние родители со деца до шестгодишна возраст, кои не знаат дали ќе им биде продолжена потврдата за отсуство од работа, но и оние што се на породилно отсуство, а чии деца не се на приоритетна листа за упис во градинките.
Сепак, откако завчера на владина седница беше донесе одлука за отворање на детските градинки на 9 септември годинава, од Министерството за труд и социјална политика велат дека овие установи доследно ќе се придржуваат до донесените препораки за заштита на децата за време на пандемијата.
– Имајќи ги предвид сериозноста на пандемијата и ширењето на вирусот, апелираат до сите родители што имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин да не ризикуваат во овој момент и по секоја цена да го носат своето дете во градинка, за да им дадат предност на оние родители што мора да се присутни на работното место а немаат каде да ги остават своите деца. Потребата за згрижување на децата во градинките е 50 отсто од вкупниот број на запишани деца – посочуваат од надлежното министерство.
Надлежните во градинките веќе се подготвуваат за почетокот со работа, ги дезинфицираат просториите за престој на децата, но и ги анализираат кадровските решенија со бројот на вработени во установите, кои треба да ги приспособат според наложените протоколи за работа.
Елена Устаметова, директорката на градинката „Бубамара“ во скопски Аеродром, вели дека, според протоколите за работа, сега градинката ќе може да згрижи околу 300 деца, а во нормални услови примале и до 1.000 деца.
– Протоколите се јасни и прецизни. Воспитните групи за деца до двегодишна возраст треба да имаат максимум по шест деца и групите за децата од три до десетгодишна возраст да имаат максимум по 15 деца. На листата за чекање за упис на нови деца имаме 100 деца. Ќе биде добро ако од нив запишеме една третина од децата – посочува директорката Устаметова.
Според протоколите, при влез на секој вработен и дете во установата е задолжително мерење температура и миење на рацете или дезинфекција. Треба да се обезбеди растојание од 1,5 до 2 метри меѓу масите за седење на децата, да се обезбеди креветче и по две постелнини за секое дете.
Вработените задолжително да носат заштитни маски на своите работни места.
– Да се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено, во мали групи. Храната за децата да се остава пред занималната, а децата да јадат во својата занимална со претходно направена дезинфекција на масите – пишува во протоколот од Владата и Комисијата за заразни болести.