Бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за британски „Фајненшл тајмс“ даде сигнал дека Бугарија ќе го смени ставот што ја блокира кандидатурата на Македонија за Европската Унија, меѓутоа последните изјави на бугарските политичари одат во друга насока.
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова за тамошните медиуми изјави дека нема основа за промена на бугарската позиција кон Македонија, а слично мислење изнесе и заменик-претседателот на Народното собрание, Кристијан Вигенин. Овој став вчера и официјално беше потврден и од бугарското Министерство за надворешни работи на Советот за општи работи.
– Не гледам основа или нови факти кои ќе ја променат бугарската позиција. Важно е да се подготви патоказ што да правиме од сега па натаму. Ќе ја чекаме одлуката на нашите соседи. Знаете дека нивниот премиер поднесе оставка. Ќе ги видиме новите предлози од нашите европски партнери. Иако, од моја гледна точка сметам дека веројатно нема да се понуди ништо ново – додаде Илијана Јотова, а пренесува „Труд“.
Според Вигенин, ставот на бугарската држава во однос на Македонија е јасно определен во коалицискиот договор за формирање на владата и во Бугарија има широк консензус за ова прашање. Тој исто така посочи дека начинот на кој во бугарските медиуми е цитирано интервјуто на Кирил Петков за „Фајненшл тајмс“ не е како во оригиналниот текст, пренесува „БГНЕС“.