Европската погранична полиција „Фронтекс“ потфрли во извршувањето на своите функции
Како што се зголемува бројот на информациите дека повторно е „жива“ балканската маршрута на мигранти, сѐ посилни се и констатациите на ЕУ дека европската погранична полиција „Фронтекс“, чија намена е да ги превенира овие состојби и која е прераспоредена и во нашата земја, сѐ послабо си ја врши својата работа.
Имено, бриселскиот медиум „ЕУ обзервер“ во своја информација на оваа тема истакнува дека според тврдења на европратеници, „Фронтекс“ станува нефункционален во своите операции и тој на терен потфрлил во очекувањата и во нивната немена.
Во изјава за медиумот, Лео Бринкат, претставникот на „Европскиот ревизиски суд“, институцијата на ЕУ лоцирана во Луксембург, која е надлежна да го надгледува начинот како функционираат телата на Унијата, истакнал дека „Фронтекс“ во овој момент не работи ефективно.
Тој посочил дека неговата организација смета дека уште позагрижувачки се информациите дека ова полициско тело на ЕУ, покрај слабите резултати во работата, добива сѐ поголеми надлежности и сѐ поголем опсег на работа.
– Нашата институција не се залага „Фронтекс“ да се распушти, туку нотираме дека на начинот на кој таа дејствува „Фронтекс“ си е најголем непријател на себе – изјавил Бринкат.
Од друга страна, во својот последен извештај на оваа тема, швајцарската организација „Глобална иницијатива против траснационалниот организиран криминал“ (ГИТОК) информира дека пазарот за шверц на мигранти во Западен Балкан повторно е активен по мигрантската криза во 2015 година.
Оттаму информираат дека шверцерите на мигранти и азиланти во регионот заработуваа и до 50 милиони евра годишно од овие активности.
Ваквите случувања од македонска агол се интересни за анализирање од повеќе причини. Имено, Македонија со билатерален договор тесно соработува со европската единица „Фронтекс“, а нашата земја дополнително беше силно погодена од случувањата во 2015 година, но и во годините што следуваа потоа бидејќи тогаш иако официјално беше затворена балканската маршрута шверцот за мигранти продолжи да функционира.
Домашните и странските експерти со кои се консултиравме на тематиката поврзана со илегалната миграција, по развојот на последните настани, советуваат Македонија во иднина повеќе да се сврти врз своите полициски капацитети и соработката со „Фронтекс“ да ја стави во втор план.
Европскиот експерт за илегални миграции Илија Рубанис во своја изјава за „Нова Македонија“ вели дека очигледен факт е дека европските полицајци распоредени по должината на европските граници не си ја вршат доволно добро својата работа.
– Ова не е прва критика да дојде на адреса на „Фронтекс“ изминативе години по прашањата на справувањето со проблемот, но е прва сериозна критика од европска институција што го регистрира она што во практика е видливо за голото око на сите. „Фронтекс“ ниту помага ниту одмага во проблемот со мигрантите, а тој најмногу од сѐ е евидентен на морските граници на Европа во Грција, Италија и во Шпанија, но и на главната копнена маршрута што минува низ Македонија, Србија, Босна и Хрватска кон Централна Европа – вели Рубанис.
Тој советува дека земјите од регионот, во кој влегува и Македонија, треба повеќе да се концентрираат на решавање на состојбите врз своите расположливи полициски тела, а помалку врз европски организации, кои очигледно само „проформа“ престојуваат на Балканот.
Со него се согласува и безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, потсетувајќи дека острите реакции на Македонија во 2015 година ја спасија земјата да не стане заложник на огромните маси луѓе што тогаш стигнаа во Европа.
– Ова наше искуство, може да е адут плус во напорите за справување на илегалната миграција, која добива потенцијал да заживее. Ако „Фронтекс“ не функционира најдобро на терен, ние во минатото докажавме дека можеме и без нивната помош да се грижиме за своите граници – вели Стефаноски.
Тој се надева дека состојбите во европското тело ќе се подобрат и тоа во годините што доаѓаат повторно ќе прерасне во сврзувачки елемент за европска соработка на проблемот за справување со илегалната миграција.
Во своја колумна на оваа тема, Исмаил Камбери, истражувачот од Институтот за европска политика (ЕПИ), пишува дека на 19 јануари 2009 година, Македонија и „Фронтекс“ потпишале договор за соработка, кој стапил во сила наредниот ден.
Целта на овој договор, според Камбери, била ефективна борба против илегалната миграција и сроден прекуграничен криминал преку размена на информации, анализирање ризици, заеднички обуки, истражувачки и развојни проекти, заеднички оперативни мерки и учество во пилот-проекти, под надлежност на извршниот директор на оваа европска полиција.
Камбери нотира дека оттогаш, па досега овој договор обезбедил можност Македонија да има корист од услугите на „Фронтекс“, а сето тоа имало цел да се зајакнат капацитетите на земјата во управувањето со границите и справувањето со нелегалната миграција.