Парламентарците не направија ниту еден потег во насока на национален консензус за битните национални прашања. Она што успеаја да го направат парламентарците е да ги протуркаат законите во интерес на своите партии, кои во голема мера се далеку од државниот и националниот интерес. Со овој парламентарен состав стана сѐ поочигледно дека ние во Македонија немаме национално собрание, туку собрание на партиите. Или треба да го смениме изборниот модел или демократските процеси во Македонија сѐ потешко ќе се развиваат, вели Борче Давитковски, универзитетски професор на Правниот факултет при УКИМ
Кога интересите на општествените интересни групи се поважни од заедничките
Една година по парламентарните избори, одржани на 15 јули 2020, и речиси исто толку од конституирањето на десеттиот состав на македонското собрание (4 август 2020)… Конституирано во време на пандемија, со ограничувачки услови за работа, Собранието имаше дополнителен предизвик во одржувањето (ако веќе е преамбициозно да се зборува за унапредување) на демократските стандарди во Македонија.
Некои клучни статистички показатели за работењето на Собранието
За успешноста или неуспешноста во соочувањето со овој предизвик на македонските парламентарци, илустративно говорат одредени статистички податоци. Некои бројки кажуваат дека во изминатава година работата на Собранието беше блокирана речиси три месеци, биле поднесени 2.029 амандмани на Законот за нов клинички центар, 1.314 на Законот за лична карта, 999 на Законот за игри на среќа. Опозицијата бараше дијалог, власта обвинуваше за неконструктивност. Предлагачите на одредени закони (претставници на различни парламентарни партии) меѓусебно се уценуваат со поддршка за предлозите. Само овие неколку „инсерти“ од работата на Собранието создаваат предуслови за неповолен впечаток од едногодишната активност на десеттиот парламентарен состав.
– Оцената на речиси едногодишната работа на овој парламентарен состав е катастрофална. Со овој начин на работа, со примена на т.н. филибастеринг, кој пратениците иако можеби не го разбираат докрај правилно, но се навикнаа да го употребуваат, всушност работат на штета на македонската држава. Во текот на изминатата година не успеаја да направат ниту еден потег во интерес и придвижување на евроинтеграциите. Не направија ниту еден потег во насока на национален консензус за битни национални прашања. Она што успеаја да го направат парламентарците е да ги протуркаат законите во интерес на своите партии, кои во голема мера се далеку од државниот и националниот интерес. Со овој парламентарен состав стана сѐ поочигледно дека ние во Македонија немаме национално собрание, туку собрание на партиите. Или треба да го смениме изборниот модел или демократските процеси во Македонија сѐ потешко ќе се развиваат – вели Борче Давитковски, универзитетски професор на Правниот факултет при УКИМ.
Истражувања за работата на Собранието
Во однос на транспарентноста на работата на Собранието, анкета на институтот „Социетас цивилис“, спроведена шест- седум месеци по конституирањето, открива дека 50 отсто од граѓаните сметаат дека Собранието е затворена институција, 80 отсто не се информирани како да учествуваат во неговата работа, а 93 отсто не се ни обиделе. Граѓаните, сепак, сакаат лични средби со пратениците што ги претставуваат во парламентот. Но само една третина од пратениците им се достапни. Од друга страна, една третина од анкетираните не знаат ниту кој е пратеник од нивната изборна единица. Како одговор на ваквите резултати од анкетата, од Собранието информирале дека за лични контакти пратеник-граѓани се обезбедени средства за 75 канцеларии и начелно еден ден во неделата – петок. Но темите најчесто се надвор од доменот на пратениците. При презентацијата на анкетата, како и на Акцискиот план на Собранието за наредните две години, граѓанските организации им укажале на пратениците дека се потребни поголема надзорна улога и контрола врз трошењето на буџетските средства.
Сепак има шанса за поправен испит
Шанса да покажат одговорност пред предизвикот за постигнување консензус за важни национални прашања, пред пратениците се појавува со предлог-резолуцијата за позициите на Македонија во однос на евроинтеграциите, со која се исцртуваат црвените линии за идентитетските прашања. Но сигналите што доаѓаат од Собранието се дека се прават „неформални опструкции“ за седницата на која ќе се расправа за резолуцијата да се случи по летниот одмор на пратениците, на крајот на август.
Според Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС, актуелното Собрание уште при самото конституирање манифестирало „фабричка грешка“, која од почетокот е закана за негова сериозна нефункционалност.
– Со оглед на тоа што моето мислење е дека уште веднаш, по изборите, се згреши со коалицијата што го состави владејачкото мнозинство, односно не се послуша советот и на Европската Унија да се формира доста поголемо/посилно парламентарно мнозинство со барем 3 или 4 од петте партии/коалиции што влегоа во Парламентот (а не само со 2 како што се случи тогаш), само можам да констатирам дека тоа решение, очекувано, доведе до сериозна нефункционалност на Собранието, многу проблеми во работата и, последователно, мала ефикасност во носењето на законите, често прескокнување на редовната процедура (и малку консултации со граѓаните/јавноста) за решенијата, а со тоа и лоша оцена за работата на Собранието.
Бевме сведоци на многу блокади, поради „тенкото“ мнозинство од 62 пратеници, кое владејачките партии мора да го обезбедат (61 пратеник) како кворум за секоја седница, а со оглед на влошената ситуација со ковид-19 од октомври до април, најчесто отсуствуваа еден или повеќе од тие пратеници, па опозицијата го искористи тоа (легитимно, иако неконструктивно) да ја условува работата на Собранието во целиот тој период. Исто така, поради тие блокади и ретките можности за седници, се скратуваа процедурите за носење закони и често се прескокнуваше фазата на консултации (на пример преку ЕНЕР-системот). Тоа вообичаено доведува до решенија (закони) со полош квалитет, поради помалата контрола (од опозицијата и од самите граѓани и заинтересирани страни, вклучувајќи и граѓански организации).
Згора на тоа, за целиот овој период не се најде за сходно да се расправа за најважниот проблем – блокадата на евроинтеграциите од страна на Бугарија! Па, дури сега гледаме иницијатива за резолуција (која, пак, е наменета да воспостави некакви „црвени линии“, т.е. преговарачка рамка за Владата), но таа не нуди решенија што да се прави во оваа ситуација, па останува само да се надеваме дека кога ќе дојде на дневен ред во Собранието, ќе се расправа и за тоа (можни решенија на проблемот и/или алтернативи). Сѐ на сѐ, не можеме да бидеме задоволни од тоа што (и како) го сработи Собранието во оваа година, почнувајќи од „фабричката грешка“ во неговото конституирање – вели Александар Кржаловски.