Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека постоењето на етничките Македонци како малцинство се проблематизира во сосeдните држави, особено во членките на ЕУ, Грција и Бугарија, правата на малцинствата во Македонија се толку издигнати што дури, според западните експерти, ги минуваат и европските стандарди по таа основа

Односот спрема етничките ентитети како повод

Почитувањето на правата на малцинствата во Македонија, со почитување на малцинските права на Македонците во соседството, речиси се неспоредливи. Поточно таквите споредби секогаш водат, како што велат аналитичарите и професорите со кои се консултиравме, до резултат што содржи „трауматични споредби“.

Третманот на малцинствата кај нас на врвот, а кај соседите на крајот на политичката агенда

Компарациите покажуваат дека перципирањето и „признавањето на македонското малцинство“ во непосредното соседство се сведуваат на игнорирање или негирање, додека малцинствата во Македонија се уставна категорија и во голема мера го одредуваат и државното уредување, односно дефиницијата на македонското општество како мултиетничко.

– Почитувањето на правата на малцинствата стана сложено, комплексно прашање за Македонија како држава. Додека постоењето на етничките Македонци како малцинство се проблематизира во соседните држави, особено во членките на ЕУ, Грција и Бугарија, правата на малцинствата во Македонија се толку издигнати што дури постојано го ставаат на преиспитување моделот за промовиран т.н. граѓански карактер на државата. Она што е најважно во однос на малцинските права, на сите регистрирани малцинства во Македонија државата треба да им овозможи изучување на мајчиниот јазик и културата на својот етникум, а за малцинствата над 20 отсто да овозможи и образование во сите степени на мајчиниот јазик. Таквата обврска сериозно го тестира мултиетничкиот карактер на општеството, односно дури оди во другата крајност, дека сега се толкува дека де факто и де јуре создава услови државата да функционира како бинационална – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.

Практиката во македонското општество покажува најширока палета на колективни етнички права

Во Македонија како држава отсекогаш биле почитувани правата на малцинствата, што е вградено уште во документите на АСНОМ. Образованието на мајчин јазик за малцинствата беше дел од образовниот систем на Македонија, уште во рамките на југословенската федерација, потоа со осамостојувањето во својот устав, а најпосле и со потпишувањето на рамковниот договор во 2001 г., Македонија стана исклучително отворена држава за правата на малцинствата. Освен во образованието, употребата на мајчиниот јазик на малцинствата беше (е) поддржувано во медиумите, па речиси отсекогаш во Македонија постоеле печатени медиуми на албански и на турски јазик, а било стимулирано и издаваштво и на другите помали малцинства. Исто така и во сферата на електронските медиуми функционираат програми на малцинствата, цели канали на националниот сервис, но и приватни телевизии и радија на јазиците на малцинствата. Културни институции (театри, културно-уметнички ансамбли, културни центри) на малцинствата се традиционално дел од македонското општествено милје. На ниво на локална самоуправа, во Македонија постои единствената ромска општина во светот, но и други општини, на пример турската, каде што доминира население од другите малцинства наведени во Уставот. Воопшто политичката атмосфера во Македонија секогаш е сериозно наклонета кон унапредување на малцинските права и, според тоа, е лидер во регионот, дури и на европско ниво.

Почитувањето на малцинските права е дел од внатрешната јурисдикција на државите, а и обврска, според базичните постулати на ЕУ

Големиот потенцијал на прашањето на третманот на малцинствата да предизвикаат тектонски поместувања, особено се актуализираше во Македонија со потпишувањето на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција, но особено по бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Имено, таквите прашања, колку што може силно да ги придвижат добрососедските односи (како што се обидуваме ние во Македонија), толку може истите тие да бидат причина за длабоко незадоволство и конфликтни спорови (како што го прават тоа официјална Софија или Атина). Имено, еден од условите на бугарската страна за повлекување на ветото е токму прифаќањето на нивната позиција дека всушност не постои македонско малцинство во Бугарија, што треба да одведе до потврда на нивната теза. Поточно, според нив, дека тоа е невозможно, бидејќи „Македонците всушност се Бугари“!? Но почитувањето на малцинските права, како дел од внатрешното уредување на државите, сепак е обврска според базичните постулати на Европската Унија, принципите на Советот на Европа, вградени во Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и Конвенцијата за регионални и малцински јазици. Поради непочитувањето на овие конвенции, односно непочитување на граѓанските права на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и во Грција, овие земји имаат десетици пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои сепак ги немаат спроведено. Според логиката и очекувањата на Бугарија и Грција, соседските договори со Македонија, би требало сосема да ги анулираат овие пресуди и да ги „ослободат“ од обврската за почитување на правата на малцинствата.

– Но без разлика дали ги имаат потпишано и ратификувано конвенциите за заштита на правата на малцинствата и онаа за регионални и малцински јазици, државите се обврзани да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тоа се важни документи на Советот на Европа, а во ЕУ како мултиетничка унија, правата на малцинствата претставуваат темелна вредност. Но Бугарија и Грција, користејќи ја својата позиција на членки на Унијата, во однос на Македонија, како земја-кандидат, на сите начини го избегнуваат спроведувањето на обврските за почитување на малцинските права. Дури и категорично бараат Македонија да се откаже од каква било грижа за своето малцинство во тие држави, што со договорите за добрососедство во голем дел е и прифатено. Сепак, како основно човеково и граѓанско право, Македонците во овие земји можат своето право на мајчин јазик и култура, како и здружување да го бараат пред европските институции – вели професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова.
Професорката Силјановска-Давкова потсетува дека Грција воопшто ги нема потпишано конвенциите за заштита на малцинските права и за регионални и малцински јазици, додека Бугарија ја има потпишано и ратификувано конвенцијата за малцинските права, но не и онаа за регионални и малцински јазици. За разлика од нив, Македонија ги има потпишано двете конвенции – првата и ратификувано, но не е ратификувана онаа за регионални и малцински јазици, поради несогласување на албанскиот политички фактор во земјава.


Бугарија бара културен центар во Македонија, а тој кај нас одамна исклучително добро функционира

Професорката Ганка Цветанова реагира на изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која бара отварање бугарски културен центар во Скопје. Цветанова, која беше министерка за култура во Владата на Љупчо Георгиевски, открива дека Захариева подзаборавила дека таква институција има во земјава и дека е исклучително активна.
– Кажете ѝ на Захариева дека во Македонија постои бугарски културен центар отворен како резултат на Договорот за културна соработка помеѓу Македонија и Бугарија, потпишан во 2002 година од моја страна, како министер за култура, и тогашниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси – напиша на социјалните мрежи Цветанова, како порака до Захариева.
Откривајќи го гафот на Захариева, Цветанова вели дека за програмата и работата на Бугарскиот културен центар и колку истиот тој успеал да ја им претстави и доближи бугарската култура на македонските граѓани, одговорноста во целост ја сносат бугарската дипломатија и надворешната политика.

Но очигледен впечаток е дека неколку години претходно, освен, се разбира во периодот со пандемијата, граѓаните во државава имаа низа извонредни пригоди, организирани од директорката на центарот, каде што бугарската култура беше претставена на највисоко можно ниво, особено во делот од организацијата на гостувањето на врвни светски режисерски имиња од Бугарија во нашиот МНТ. Таквите активности, всушност, реално придонесуваат да се стопат политичките суети и инатења, а да се промовираат универзалните уметнички и човечки вредности што нас нѐ поврзуваат во име на регионалниот и поширок просперитет.
Како реализација на дел од акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство, бугарските медиуми откриваат дека со специјалниот македонски преговарач Владо Бучковски било договорено од идниот месец, програмата на бугарската национална телевизија БНТ да се емитува во македонскиот етер, како и македонската МРТ во Бугарија.