За разлика од Бугарија, која, колку и да се ирационални аргументите за попречување на македонските евроинтеграции, тоа го прави континуирано и доследно, манифестирајќи државен и институционален консензус (преку декларации на БАН, бугарското собрание, сегашниот меморандум), официјалната македонска реакција (од МНР, МАНУ…) во голема мера е анемична, задоцнета и не треба да се претвори во алиби за пред домашната јавност, која, сепак, е вознемирена од бугарските провокации. Не е суштината во изостанување на дијалогот или прекини на заедничките комуникациски канали. Битието е во непризнавањето на бугарската страна дека воопшто постои соговорник со кој рамноправно и врз основа на заемно признавање на народот, јазикот и историјата, како и врз основа на принципите врамени во меѓународното право, ќе се најде решение за еден долгодецениски (унилатерално наметнат) спор
Објаснувачкиот меморандум за својата позиција околу македонските евроинтеграции, кој Бугарија им го испрати на земјите-членки на ЕУ, и покрај сета апсурдност содржана во него, отвора предизвици на две страни: и во ЕУ, но и во Македонија. Предизвикот упатен до ЕУ е во смисла дека ирационалните тези и услови што ги поставува Бугарија за македонските евроинтеграции, а за кои бара поддршка од другите земји-членки, всушност директно ги поткопува и ги става на тест темелните европски и цивилизациски вредности на кои е поставена самата Унија. Од друга страна, предизвикот со кој се соочи Македонија по најновото „творештво“ на закоравениот долгодецениски бугарски хегемонизам се постоењето и настапот со цврста политичка и општествена позиција во однос на посебноста и автентичноста на македонскиот идентитет низ историјата и во сегашноста, како јасен и непоколеблив одговор на неразумните денационализаторски тези во меморандумот. За разлика од Бугарија, која, колку и да се ирационални аргументите за попречување на македонските евроинтеграции, тоа го прави континуирано и доследно, манифестирајќи државен и институционален консензус (преку декларации на БАН, бугарското собрание, сегашниот меморандум), официјалната македонска реакција (од МНР, Владата, МАНУ…) во голема мера е анемична, задоцнета и не треба да се претвори во алиби само пред домашната јавност, која, сепак, е вознемирена од бугарските провокации. Колку и да се бугарските закани нелогично поткрепени, македонската јавност е свесна дека соседската страна е во позиција да ѝ направи штета на нашата стратегиска определба кон ЕУ. Реакциите во македонската јавност на бугарскиот меморандум се бурни и жестоки, но, сепак, тие се повеќе на индивидуално интелектуално ниво, во форма на медиумски дебати, додека реакцијата на општествено-политичките чинители, кои ја креираат официјалната општествено-политичка позиција, во најмала рака се воздржани или дневно политизирани во изразувањето на единственоста на ставот за прашањето на суштественоста на македонското постоење.
Од МНР велат дека не го добиле официјално документот, Владата проформа реагираше повикувајќи се на асиметричниот договор за добрососедство, МАНУ и национално-научните институти – молчат, а опозицијата задоцнето организира протести во одбрана на македонскиот идентитет, во кој може да се препознае мотив за политичко профитирање. Досега единствена реакција на бугарскиот меморандум од некој официјален европски субјект е онаа во интервјуто на германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, која го пренесува ставот дека „билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка“.
– Бугарија им ги има кажано овие барања на другите земји-членки на почетокот на август. Ние и, според моите сознанија, сите други земји-членки сме на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион – вели германската амбасадорка Анке Холштајн за позицијата на Софија, покрај договорот за добрососедство, како услов за напредокот во ЕУ- интеграциите на Македонија, треба да биде и односот на земјава кон малцинството на бугарска територија.
Јасна национална платформа за вистината за Македонија
Користејќи ја стратегиската определба на Македонија за членство во ЕУ (и веќе реализираното членство во НАТО), соседите членки на Унијата ја ставија земјава во позиција да „тргува со отстапки“ по прашања што претставуваат природно и цивилизациско право, како правото на самоопределување и самоизјаснување, наведувајќи ја самата да се откажува од своите национално-идентитетски обележја. Всушност, таквите обележја, како посебноста на јазикот, културата, автентичниот историски развој, се извориштето од кое произлегуваат правото на самоидентификација и придобивките на природното и цивилизациско право. Во оспорувањето и наведувањето на откажување од таквите права, според меѓународното право, може да се препознаат и геноцидни намери. Условувајќи го македонското членството во ЕУ, со барања како во објаснувачкиот меморандум на Бугарија, Македонија се става во стапица на докажување на аксиомата на своето постоење. А познато е дека аксиомите не се докажуваат, туку се прифаќаат како принцип. Токму затоа Македонија не треба да ги докажува, ниту да отстапува од обележјата на својата национална посебност, но, секако, во актуелните услови е потребно да изгради цврста национална платформа на обединетост по ова прашање, врз чија основа ќе ја презентира вистината за себе пред ЕУ и меѓународната заедница.
– Едно прашање ме мачи. Како е можно Бугарија, во време подолго од еден век, преку црквата, просветата, силната политичка и дипломатска агресивност и со три воени окупации (Балканските војни, Првата и Втората светска војна) залудно да ги троши силите за да побугарчи „непостоен“ или „свој“ народ. И како е можно околу 150 години да постои „македонско прашање“ без Македонци. По 76 години македонска државност во најновата историја и по 75 години кодифициран јазик базиран врз огромното јазично наследство на македонскиот народ, јазик на кој се напишани илјадници книжевни и научни дела, ниту еден сериозен човек не може да тврди дека е тоа некаков измислен јазик. По сето ова што се случува, треба да се прогласи за неважечки договорот за „добрососедство“, кој е всушност диктат и уцена на Бугарија врз Македонија. Истовремено, РМ да бара признавање на националните права на Македонците во Бугарија. ЕУ е ставена пред тежок испит. Или ќе се врати на изворните принципи на големите творци на европската идеја, или ќе се закопа во калта на балканизацијата. ЕУ може да постои само со почитување на правата на секој народ на самоидентификација и без двојни аршини, или ќе се претвори во уште една антиисториска творба, која неславно ќе замине во историјата. Македонскиот народ постоел, постои и ќе постои со својот јазик, историја и идентитет и никој не може да му го одземе тоа елементарно човеково право – пишува историчарката Виолета Ачковска.
Напуштање на политиката на попустливост
Досегашното непостоење на цврста и јасно изразена платформа во однос на позициите за суштествените национални прашања, како јазикот, историјата, идентитетот, во голема мера се должи на логиката да не се иритираат соседите членки на ЕУ, кои, според принципот на функционирање на Унијата, имаат право на вето во однос на одлуките за македонските евроинтеграции. Во контекстот на таквата логика, во изминативе три години се донесени многу контроверзни и болни политички одлуки, кои сериозно го загрозуваат македонскиот идентитет, а произлезени од Преспанскиот договор со Грција и од Договорот за добрососедство со Бугарија. Во спроведувањето на овие договори, асиметрични во однос на отстапките што треба да ги прави најмногу Македонија, се покажува дека во суштина тие ги рефлектираат вековните аспирации на соседите спрема македонската територија и нација. Поддржани од интересите на големите сили низ историјата, соседите повеќе или помалку успеале во реализацијата на своите аспирации, а со сегашната политика на попустливост во интерес на евроинтеграциите, на Македонија ѝ се заканува опцијата барањето отстапки да оди во насока на целосна деноминација на македонската нација.
Во современиот цивилизациски контекст, деноминацијата и исчезнувањето на една нација се недозволиви, претставуваат негација на природното и меѓународното право и поткопување на цивилизациските вредности. Тоа се фундаменталните тези околу кои треба да се изгради цврста институционална и општествена платформа, која ќе биде арматурата на нашите ставови пред институциите на ЕУ, пред ООН, Советот на Европа, државите членки на ЕУ, носечките светски сили, па дури и пред Европскиот суд на правдата. Со една широка дипломатска активност, па и пред клучните институции на соседите Бугарија и Грција, треба непоколебливо да се аргументираат овие ставови.
– Двата наши најголеми угнетувачи (точно, постојат неколку) Грција и Бугарија, кои јавно признаваат секојдневно дека нивната главна политичка цел е да го избришат постењето на Македонците како етничка група, бараа Македонија да ги промени своето име, идентитет и историја во „северномакедонци“ од „Северна Македонија“, додека истовремено меѓусебно си ги присвоија термините „Македонија“ и „македонски“ во зависност од контекстот. Што се случува, побогу? Ова не влијае само врз Република Македонија туку и врз целата Македонија поделена во 1913 година меѓу Србија (територијата на денешна независна Република Македонија), Грција и Бугарија, а потоа и Албанија во 1919 година.
Потоа се случи иронично именуваниот Преспански договор. Документот од 19 страници со кој се промени името на Македонија во „Северна Македонија“, го сведе нашиот идентитет на „северномакедонски“, ја препиша македонската историја (членот 8-5), го негира постоењето (членот 7-2) на Македонците што живеат во Егејска Македонија (делот од Македонија што Грција го анектира во 1913 година) и редефинира сè што се смета за македонско.
Да не биде изоставена од „преспанската несогласност“, Бугарија се охрабри во инсистирањето да се спроведат сите (и многу повеќе од тоа) антимакедонски резолуции во нејзиниот иронично наречен Договор за пријателство (целосно одобрен/создаден од САД) со Македонија. Со него се негира постоењето на Македонците во Пиринска Македонија (која Бугарија ја анектира во 1913 година), се препишува македонската историја и се претвораат македонските херои во „Бугари“. Бугарија исто така тврди дека Македонците во Албанија се „Бугари“ и започна меѓународна пропагандна војна за да ги „убеди“ сите дека Македонци одеднаш исчезнаа. Таа дури побара ревизии на еврејската историја во Бугарија за да се избрише нејзиното нацистичко и антисемитско минато.
Замислете Англичаните да тврдеа дека имињата на домородните групи им припаѓаа ним, дали тоа значеше дека колонизацијата и брутализацијата на домородните територии и население воопшто не се случиле? Ако веќе зборувате и осудувате такви изјави, сторете го истото тоа и за Македонците. Придружете ни се мене и на сите Македонци за да бараме враќање на името Македонија. Застанете во одбрана на човековите права и третирајте ги Македонците како еднакви на себе – пишува за политиката на попустливост Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).