Ако воопшто се преиспитуваат односите во еден традиционално потврден сојуз поради некакви симптоми или неповолни внатрешни индикатори, тогаш тоа може да биде дополнителен предупредувачки сигнал за новите и помали сојузници (како Македонија во НАТО) да го подигнат нивото на антиципација за текот на настаните, бидејќи тоа е начин активно да се влезе во дебата и да се заштитат националните интереси
Симптоматична перманентна ерозија на меѓусебните односи на сојузниците во алијансата
Нарушувањето на балансот на односите меѓу големите играчи на геополитичката табла, па дури и меѓу носителите на спротивставени интереси и политики, неизбежно влијае на загриженоста за политичката стабилност на помалите државни субјекти во меѓународната заедница. Но кога се преиспитуваат односите во еден традиционално потврден сојуз, кој функционира 74 години, таквата состојба е дополнителен предупредувачки сигнал за новите и помали сојузници (како Македонија во НАТО) да го подигнат нивото на антиципација за текот на настаните, бидејќи тоа е начин на кој можат да влијаат на нивните национални интереси.
„Тајм“: Разочарувачка средба на НАТО со симптоми на ерозија
Угледниот светски магазин „Тајм“, во интересна анализа на односите меѓу ЕУ и САД, по видеоконференцијата на 15 јуни, меѓу 28 дипломати на Европската Унија и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, констатира дека тоа било „разочарувачка средба, која е симптоматична за перманентната ерозија на 74-годишната трансатлантска алијанса“. Кога германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас предложил САД и Европа да ги поттикнат Израел и Палестинците да ги оживеат мировните преговори, Помпео покажал дипломатска неодреденост да го прифати или да го одбие предлогот. Истото тоа се случило и за речиси секоја друга точка на агендата за 90-минутниот повик. Ерозијата во односите е забележлива од времето кога претседателот Доналд Трамп дојде на функцијата.
Поделеност за прашања што бараат итен и унифициран одговор
Од крајот на Втората светска војна, САД и нејзините европски сојузници се обединија во нивната заложба за соработка и демократија, и покрај сѐ уште неспаднатата прашина од војната. Сега, за помалку од четири години од програмата за надворешна политика на Трамп „Америка прва“ (Amerika First), сојузниците станаа поделени за прашања што бараат итен и унифициран одговор, почнувајќи од Кина и коронавирусот до Блискиот Исток, контролата на оружјето и трговијата.
– Односот ЕУ – САД веќе не постои – вели за „Тајм“, Хедер Коли од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.
Оцената на оние што го следат текот на односите меѓу ЕУ и САД е дека претседателот Трамп го поставил тонот на состанокот, изненадувајќи ги европските сојузници со неговиот план да се намали бројот на американските трупи во Германија, кои Вашингтон ги распоредува за да ја одврати Русија и да проектира сила на Блискиот Исток и Африка.
Трамп рече дека го направил тоа скратување, бидејќи Германија не плаќа правичен удел во европските трошоци за одбрана. Европските претставници за одбрана веднаш се спротивставија на овој потег. Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер наредниот ден потсети дека американското воено присуство во нејзината земја помогнало во одржување на мирот во Европа во текот на Студената војна и истакна дека германските сили служеле заедно со Американците во Авганистан, за да поентира дека: „НАТО не е комерцијална организација и безбедноста не е стока“. Но, според познавачите, потегот на претседателот Трамп бил помалку за придонесите на Германија во НАТО, отколку одмазда против германската претседателка Ангела Меркел за одбивањето неколку дена порано да присуствува на годинашниот економски самит на Г7 што го организира Трамп.
САД и европските сојузници во основа имаат исти перцепции за Кина, но…
Пред конференцијата САД-ЕУ, некои американски и европски официјални претставници се надеваа дека Кина по почетното лошо справување со ковид-19, ќе ги спречи нејзините, како што тие ги нарекоа, „воинствени обиди за малтретирање други земји“, а нејзиниот потег за наметнување нов закон за национална безбедност на Хонгконг ќе ја нагласи зголемената потреба за американско-европска економска, политичка, па дури и медицинска соработка. САД и нејзините европски сојузници се согласуваат, изјавувајќи дека „Кина претставува закана“.
САД прават некои напори да ги убедат сојузниците, кои се потпираат на 5Г-комуникациската инфраструктура на Хуавеи и друга кинеска технологија дека тоа, како што велат, претставува „ризик за безбедноста“. Но европските нации продолжуваат да се потпираат на трговските договори и меѓународните организации, како што се Светската трговска организација и Светската здравствена организација (и двете под американска капа) обидувајќи се да управуваат со подемот и амбициите на Кина. Видеоконференцијата на САД и ЕУ не направи ништо за да се постигне договор за тоа како да ѝ се одговори на Кина, или низа други прашања што бараат трансатлантско единство.
Несогласувањата на сојузниците може да чинат многу
Додека САД молчеа за плановите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анексија на палестинските области на Западниот Брег, германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас им рече на израелските власти во Ерусалим дека Европа има „сериозна загриженост“ за ваквите активности.
Европските официјални претставници ги затекнаа одлуките на администрацијата на Трамп да го напуштат Договорот за отворено небо, со што на САД и на Русија им се овозможи да спроведат летови за надзор над некои воени инсталации, како и напуштањето на Договорот за нуклеарни постројки со среден дострел со Русија, што ги ограничува арсеналите на двете глобални сили за копнени проектили со среден дострел, наместо да извршат притисок врз Москва да се придржува кон договорот.
Аналитичката процена на „Тајм“ е дека ерозијата на трансатлантската соработка може да се докаже како скапа, бидејќи се размножуваат новите глобални закани како што се сегашните и идните пандемии, климатските промени, компјутерскиот криминал и економската конкуренција.
– Предизвиците со кои ќе се соочуваме во текот на следната деценија се поголеми отколку што може да ги реши секој од нас поединечно. Ниту само Европа, ниту само Америка. Значи, ние мора да се спротивставиме на искушението на едностраните национални решенија – предупредува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Потенцијални рефлексии за регионот и за Македонија
Македонија, како нова, последна членка на НАТО, можеби нема голема моќ да влијае на односите во Алијансата, но секако дека треба да биде претпазлива токму во однос на причините поради кои изоде болен пат до членството – безбедноста на своите национални интереси.
– Подолго време се влошуваат односите меѓу Вашингтон и Брисел и тоа веќе има директно влијание и на Балканот. На особено груб начин САД го презеде решавањето на косовскиот јазол, а покрај тоа има и други настани, кои покажуваат дека има тензии меѓу нив. Најважен настан беше повлекувањето на 9.500 американски војници од Германија, за што Трамп го потпиша решението без да го извести Берлин. Сепак, за нас е најважно Косово, бидејќи решението што го предложија САД, може да има и директни последици врз Македонија. Белград и Приштина се поканети во Белата куќа на состанок без дневен ред, а мнозина очекуваат дека ќе им биде наметнат и некаков договор без никакви претходни консултации. Македонија мора да биде многу внимателна околу оваа разврска и треба претходно да ги пласира своите интереси, кои можат да бидат загрозени со одредени решенија – смета поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.