Сајбер-експертите од НАТО можат да понудат поддршка и да споделат информации со сојузниците во реално време, вклучувајќи преку нашата платформа за споделување информации за злонамерен (малвер) софтвер. НАТО располага со тимови за брза сајбер-реакција, кои постојано се достапни да им асистираат на сојузниците, а целосно функционира и нашиот центар за операции во сајбер-просторот, велат од НАТО за „Нова Македонија“. Во моментов е нејасно дали Македонија, како членка на НАТО, побарала брза сајбер-реакција и асистенција од НАТО за расчистување на нападот врз ДИК

ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „НОВА МАКЕДОНИЈА“, АЛИЈАНСАТА СО СВОЈ СТАВ ЗА УПАДОТ ВО ДИК НА ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ

По хакерскиот напад на Државната изборна комисија (ДИК) во Македонија на денот на изборите, кој од надлежните беше протолкуван како терористички сајбер-напад од неколку странски држава, „Нова Македонија“ се обрати директно до седиштето на Алијансата со неколку прашања: дали нападот врз Македонија како членка на НАТО може да се третира и како напад врз Алијансата, на кој начин Алијансата може да реагира и какви се нивните сознанија за целиот случај.
Ексклузивно за „Нова Македонија“, официјални преставници на НАТО во нивниот одговор за нашиот весник ги коментираат актуелните случувања.

– Иако главната обврска на сојузниците на НАТО е да ја штитат националната сајбер-одбрана, сепак таа е дел и од главната задача на НАТО за колективна одбрана. Сајбер-експертите од НАТО можат да понудат поддршка и да споделат информации со сојузниците во реално време, вклучувајќи преку нашата платформа за споделување информации за злонамерен (малвер) софтвер. НАТО располага со тимови за брза сајбер-реакција, кои постојано се достапни да им асистираат на сојузниците, а целосно функционира и нашиот центар за операции во сајбер-просторот. НАТО исто така инвестира во обуки, образование и вежби за усовршување на квалификациите на националните сајбер-експерти. Секој обид за мешање во демократските избори, меѓу другото и преку хакирање, е неприфатлив, така што мора да бидеме подготвени – вели официјалниот претставник од НАТО, за „Нова Македонија“.

Од друга страна, од Одделот за борба со информатички криминал, кои истражуваат каков напад е извршен врз веб-страницата на ДИК и кој го извршил, информираа дека постојано работат на случајот, а првичните резултати од истрагата ќе се соопштат за неколку дена и ќе биде известено обвинителството за наодите на истрагата.
Од МВР вчера изјавија дека околу случувањата и хакирањето на страницата на ДИК, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе постапува по пријавата и ги презема сите неопходни мерки и активности за откривање на сторителот и откривање на околностите поради кои се случил настанот.
Македонија е земја-членка на НАТО, во која вакви случувања не би смеело да се дозволат. Особено не во еден таков осетлив момент како што се избори и врз една таква институција како што е Државната изборна комисија.
Во членот 4 од Статутот на НАТО како најмоќната воено-политичка организација, во која нашата држава е најнова членка сојузничка, стои дека сојузниците имаат обврска меѓусебно да се консултираат секогаш, по сопствено убедување, кога територијалниот интегритет, политичката независност или безбедност на која било од страните е загрозена.

Натаму, во членот 5 на Сојузот пишува дека сојузниците се согласни дека доколку се случи оружен напад врз една или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка, ќе се смета за напад врз сите и, последователно, се согласуваат дека доколку се случи таков напад, секоја од нив, според правото на индивидуална или колективна самоодбрана наведено во членот 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе ѝ асистираат на страната или на страните што се нападнати така што веднаш индивидуално и во координација со другите страни ќе бидат преземени дејства што се сметаат за неопходни, вклучувајќи и употреба на вооружена сила, за да ја вратат и одржат безбедноста на северноатлантската област.

[email protected]