Македонија како членка и сојузник на НАТО е дел од колективниот систем за одбрана и во сајбер-просторот. Во таа насока упадот или, како што беше наречен, терористичкиот напад на државна институција во Македонија може да се третира и како напад врз Алијансата. Според безбедносните аналитичари и експерти по информатичка технологија, хакерскиот напад на системот на ДИК укажува дека има координирана постапка против државата, која е активирана во одреден сензитивен момент. Од НАТО најавуваат истрага за случајот и одговор за „Нова Македонија“

ХАКЕРСКИОТ УПАД ВРЗ СИСТЕМОТ НА ДИК ОТВОРА МНОШТВО ДИЛЕМИ

Хакерскиот напад на компјутерскиот систем на Државната изборна комисија во периодот кога се пребројуваа пристигнатите изборни резултати отвори многу дилеми во јавноста и меѓу безбедносните експерти. Дотолку повеќе што упадот беше окарактеризиран како терористички напад од неколку странски држави.
Македонија е земја-членка на НАТО, во која вакви случувања не би смеело да се дозволат. Особено не во еден таков осетлив момент како што се избори и врз една таква институција како што е Државната изборна комисија.
Дали затаи системот за сајбер-безбедност во Македонија и на каква реакција од НАТО може да се надева земјата сега како членка на Алијансата?
Веднаш по настаните, надлежните во ДИК и преставниците на компанијата ДУНА, која го тестирала софтверот, истакнаа дека нападот е дело на сајбер-тероризам што потекнувал од неколку странски држави.

Како гледаат аналитичарите на случувањата

Пецо Трајкоски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“, анализирајќи ги актуелните случувања, смета дека кога се говори за безбедноста, особено за прашањата поврзани од сајбер-просторот, дозволена е параноја до одредена мера и тоа придонесува позитивно во развојот на безбедносните истраги.
Според Трајкоски, ова непишано правило во работата на вработените во безбедносниот сектор може да се искористи позитивно во овие моменти, кога е нападната нашата држава однадвор со компјутер наместо со оружје.
– Во тој правец треба да знаеме дека во овие моменти е најбитно да се спроведе темелна истрага, која ќе ги иницира причините што стојат зад овој компјутерски напад на нашата демократија, а од таа точка натаму, во зависност од тоа што ќе покаже истрагата, ќе се дејствува безбедносно под правилата и безбедносниот чадор на НАТО – вели Трајкоски.

Безбедносниот експерт објаснува дека Македонија како член и сојузник на НАТО е дел од колективниот систем за одбрана и во сајбер-просторот.
– Тоа значи дека Македонија им дава помош на сојузниците и разменува информации за сајбер-просторот, но може и да побара помош од сојузничките држави. Она што е дополнително битно да се знае е дека Алијансата е и воена и политичка организација, па некогаш помошта доаѓа во форма на политичка поддршка, а некогаш и во непосредна и директна форма ако за тоа има солидни причини – вели Трајкоски.
Тој посочува дека во последниот случај мора да сме свесни дека Македонија беше цел на одреден сајбер-напад, кој во практиката чини два-три милиони евра и во тој конкретен ден беше атакувана веб-страницата на ДИК, но и најголемиот агрегат за вести, кој користи иста технологија за работа на својата интернет-страница.
– Тоа мене ми укажува дека има координирана постапка против државата, која е активирана во одреден момент преку напаѓање на дос денајал-сервисите.
Трајкоски е сигурен дека надлежните институции ги мониторираат состојбите и во тек се активности за сузбивање на оваа појава и за нејзино спречување, да не се случува во иднина.

Тој потсетува дека ваквите хакерски напади, за жал, се чести во денешницата и некогаш жртви на вакви напади можат да бидат и поголеми држави од Македонија, како што се САД, Германија, Британија и други..
Докторот на воено-политички науки, пак, Благоја Марковски подвлекува дека нашата земја е многу активна во делот на обезбедување соодветна сајбер-заштита на државата во рамките на НАТО. Такви операции во кои учествува Македонија со сојузниците, потсетува Марковски, се и оние што се поврзани со дејствувањето на 5Г-технологијата во правец на заштита на протоколот на податоци преку оваа интернет-мрежа.

Имено, аналитичарот истакнува дека сега, како сојузник на една моќна алијанса, можеме да се надеваме на реакција на НАТО, ако се заклучи дека нашата земја била навистина нападната однадвор од странска држава, но доколку тоа е внатрешен пример, можеме да се надеваме на логистичка и стручна помош од сојузниците за надминување на потенцијалната безбедносна сајбер-криза.
Марковски, сепак, вели дека и покрај настаните во кои ДИК беше цел на напад на сајбер-напаѓачи, за жал во Македонија очигледно сѐ уште има институции од различен калибар што не обрнуваат големо внимание на заштитата на своите интернет-адреси, веб -портали, мејл-адреси и компјутерски системи каде што се складираат податоци.
Аналитичарот мисли дека е крајно време по последните примери да ја издигнеме свеста за овој проблем во земјата и да реагираме согласно насо ситуацијата за да не ни се повтори во иднина.
НАТО го истражува случајот

„Нова Македонија“ се обрати и директно до НАТО за нивно видување на состојбите. Оттаму, поради разбирливи причини, дека станува збор за обемна организација каде што се практикуваат специјализирани протоколи за комуникација, ни беше напоменато дека ќе добиеме одговор на нашите прашања во блиска иднина.
Од Министерството за одбрана, пак, објаснуваат дека мониторингот на сајбер-безбедноста во рамките на Република Северна Македонија, примарно го врши Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), во согласност со Законот за електронски комуникации.

– Тие претставуваат официјална национална точка за контакт и координација во справување со безбедносни инциденти со задача да обезбедат одговор на овие инциденти и ризици. Истите тие поседуваат и официјална алатка за пријава и споделување безбедносни инциденти што соодветно на настанот комуницираат со одделот за компјутерски криминал, кој е дел од Министерството за внатрешни работи – велат од МО.
Од друга страна, од Министерството за внатрешни работи кратко информираа дека по пријавата од ДИК се испитуваат наводите за случајот.
– Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе постапува по пријавата и ги презема сите неопходни мерки и активности за откривање на сторителот и откривање на околностите поради кои се случил настанот – велат од МВР.

[email protected]