Фактот дека со одлуките сите досегашни влади, а и граѓаните, според досегашните анкети, го сварија нашето приклучување кон НАТО како една фундаментална стратегиска определба нѐ прави отворени и подготвени за ваков вид придружување кон еден поголем организам. Но, сепак, во актуелната политичка констелација и турбулентен амбиент, предизвикан со договорот од Нивици, договорот за добрососедство со Бугарија, токму приближувањето на моментот на придружување на Македонија кон НАТО нѐ прави и особено чувствителни. Тоа е така бидејќи битисуваме во услови на недецидно и докрај нејасно заокружени прашања (од страна на соседите што се токму членки во НАТО) во врска со постоењето на македонскиот народ, посебност, јазик и национален супстрат. Затоа, без некакви опструктивни тенденции или оптоварувања, треба да бидеме внимателни при носењето одлуки што можат да доведат да се изгуби суверенитетот на Македонија во иднина како
земја-членка на овие сојузи
Приближувањето на Република Македонија кон НАТО во изминатите дваесет години истовремено, според некои домашни мислења, значи континуирано приспособување на низа аспекти и легислативи од правниот, економскиот и секаков друг поредок на земјава, кои предвидуваат во исто време, со конечното пристапување, и низа механизми на ограничување на сувереноста на државата и нејзино делумно алоцирање во рацете на споменатата мултилатерална глобална воено-политичка организација. Според толкувања на натофилите, пак, членството во НАТО претставува гарант на мирот и стабилноста во државата, но и во регионот, целосна сигурност за суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата држава, но и развој на демократските институции и економијата. Ваквите различни агли на опсервирање на асоцирањето во НАТО и преструктурирањето на Македонија, вклучувајќи го и аспектот на потребниот сѐ повисок степен на интероперабилност на нашата држава со НАТО, не се целосно спротивставени едни на други. Во прашање се нијанси за кои како јавност треба да бидеме свесни. Фактот дека сите досегашни влади, а и граѓаните, според сите анкети досега, го сварија нашето приклучување кон НАТО како стратегиска определба, нас нѐ прави отворени за овој вид придружување и функционирање во еден поголем организам. Но, сепак, во актуелната политичка констелација и турбулентен амбиент, предизвикан со договорот од Нивици, договорот за добрососедство со Бугарија, токму моментот на придружување на Македонија кон НАТО нѐ прави и особено чувствителни во услови на недецидно и докрај нејасно заокружени прашања во врска со постоењето на македонскиот народ, посебност, јазик и национален супстрат.
Во таквиот контекст постојат поделени мислења на стручната јавност во земјава, а уште повеќе се актуализираат, особено пред јулскиот самит на НАТО, кога Македонија има реална шанса да добие покана да стане 30-та членка на Сојузот, но и по шпекулациите во медиумите за тоа „кој ќе ја преземе воздушната контрола над земјава“ кога таа ќе влезе во Северноатлантскиот сојуз.
Според пензионираниот полковник во пензија Благоја Марковски, малите држави како што е Република Македонија може побезбедно да опстанат и да го зачуваат својот суверенитет само во сојуз со други држави и интегрирани во меѓународни организации. Тој во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека со нашиот влез во НАТО ништо не губиме, само добиваме.
– Со нашиот влез во Алијансата, ние ќе мора да го приспособиме нашиот безбедносен систем и да ја прифатиме безбедносната архитектура на НАТО, која произлегува од договорот со самата воена организација. Со самиот факт и неможноста да го чуваме сами нашето небо, нашиот воздушен суверенитет им го препуштаме на тие што ќе го обезбедуваат, а претходно ќе им дадеме согласност да го прават тоа. Покрај споделувањето на воздушниот суверенитет, Македонија ќе треба да направи стандардизација во полето на воената технологија и документација со НАТО и да направи целосна соработка меѓу овдешните и тамошните воените институции, за да изврши целосна размена на безбедносни податоци и документација што се сметаат исто така како споделување на суверенитетот со сојузниците. Тоа не е никаква новина и не треба да стравуваме, бидејќи сите земји-членки пред да влезат во Сојузот го прават истото тоа – вели Марковски.
Според него, безбедносната политика на Сојузот се базира исклучиво на дијалог, соработка и согласност на сите членки и, оттаму, не треба да стравуваме за нашиот суверенитет, бидејќи ние во минатото сме биле во сличен воен сојуз со земјите од поранешната југословенска федерација, која функционирала слично на НАТО.
За разлика од Марковски, поранешниот дипломат и амбасадор Ристо Никовски смета дека со нашиот влез во НАТО, земјата во поголем дел ќе го загуби суверенитетот и големите сили ќе можат директно да се мешаат во нашите најчувствителни безбедносни прашања.
– Одлуката кој ќе биде задолжен за нашето небо во рамките на НАТО треба добро да се размисли, особено кога се во прашање нашите соседи, кои имаат нерасчистени сметки со Македонија и покрај договорите што се направени со нив. Не треба да се заборави дека НАТО е организација во која доминира една сила, која без дилеми ги спроведува своите интереси. Ако некој се надева дека Македонија таму ќе биде рамноправна членка и ќе влијае на одлуките, сериозно се лаже. Членството во Алијансата неизбежно значи губење добар дел од суверенитетот и директно мешање во нашите најчувствителни безбедносни прашања – објаснува Никовски.
На истава тема, универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека мора да се води сметка кога станува збор за нашиот суверенитет во НАТО и во ЕУ, бидејќи, според неа, постои огромна разлика во сувереноста на двата субјекта доколку нашата земја во иднина стане членка на овие сојузи.
– Имено, Европската Унија е поставена на концептот на т.н. супранационална организација, која преку своите елементи треба да инкорпорира дел од суверенитетот на секоја нејзина членка, притоа одземајќи го, односно давајќи го од граѓаните на таа држава (суверени) и предавајќи го во рацете на неколку илјади евробирократи, кои во името на домицилното население во најголемиот случај ќе одлучуваат без тоа да биде запрашано дали се согласува со некоја одлука или не.
Од друга страна, за разлика од ЕУ, НАТО е меѓувладина организација, која, пак, го презема управувањето со одбраната, армијата, одбранбените стратегии итн., а во која не се применуваат супранационалните елементи, односно постои алатката „суспензивно вето“, со кое многу потешко може да се изгуби суверенитетот на една земја при носењето на одлуките или кроењето на политиките. Сепак, познавајќи ги и следејќи ги политиките на Западот, доколку слободата на политичко одлучување ѝ ја предадеме на организација како ЕУ, а одбраната на НАТО, во тој случај ние индиректно ќе ги предадеме целокупната сувереност и независност за одлучување и водење на нашата земја – истакнува Ванковска.
Професорката додава дека иако тоа е нормална процедура за членство во ЕУ и НАТО и се прави за добросостојба на секоја земја-аспирант, треба да бидеме внимателни при носењето одлуки што можат да доведат да се загуби суверенитетот на Македонија во иднина како земја-членка на овие сојузи.