Природните непогоди како повод
Експертите на НАСА предвидуваат поголеми проблеми од досегашните што се однесува до поплавите како природни појави. Имено, поплавите, според истражувањата, ќе предизвикаат уште поголеми проблеми од средината на 2030-тите. Тоа ќе биде резултат на покачувањето на морското ниво, но и на т.н. лунарен (месечев) циклус. Според најновото истражување, за десетина години ќе започнат поплави што ќе се случуваат во низи од еден месец или подолго, а сето тоа ќе биде во зависност од положбата на Месечината, Земјата и Сонцето.
Комбинација од месечевата гравитација, покачувањето на нивото на морето и климатските промени
Кога Месечината, Земјата и Сонцето ќе се позиционираат на одреден начин, нивната меѓусебна гравитација влијае врз океаните и, оттука, крајбрежните градови наскоро би можеле да бидат соочени со поплави што се случуваат секој втор ден, предупредува НАСА.
Ниско лоцираните подрачја што се наоѓаат во близината на морското ниво ќе бидат сѐ повеќе изложени на ризик од зголемен број поплави, а ваквата ситуација ќе станува сѐ полоша. Комбинацијата од месечевата гравитација, покачувањето на нивото на морето и климатските промени ќе резултира со уште потешки поплави на нашите брегови, но и во светот – изјави управителот на НАСА, Бил Нелсон.
Како Месечината ќе предизвика поголеми поплави
Многумина сега го поставуваат прашањето на кој начин Месечината може да влијае на зачестеноста на поплавите. Зарем Месечината нема своја константна орбита околу Земјата? И зарем може дополнително да влијае врз нивото на морето, покрај веќе познатите ефекти со плимата и осеката? Одговорот е – да. Имено, на секои 18,6 години, Месечината минува низ циклус на мала промена во орбитата, наречена месечево мирување. Не станува збор за некој нов или опасен процес, првпат е забележан уште во далечната 1728 година.
Иако Месечината секојдневно влијае врз настанокот на плима и осека, влијанието на нејзината гравитациска сила не е со еднаков степен на моќност секоја година. Поради фактот што во текот на овој 18,6-годишен циклус трпи промени во орбитата, односно ја менува својата положба во однос на Земјата, Месечината е одговорна и за дополнителните промени во однос на плимата и осеката. Во првата половина од циклусот, таа предизвикува плима што е пониска и осека што е повисока од просечните вредности. Во втората половина, плимата се зголемува, а осеката се намалува. Значи, првата половина од 18,6-годишниот лунарен циклус го потиснува ефектот на пораст на морското ниво, додека втората го зголемува. Сепак, поради глобалниот пораст на морското ниво, плимите стануваат сѐ поголеми, а тоа наскоро ќе предизвика многу повеќе проблеми со поплавите.
Месечината сега е во фазата на циклусот кога плимите се засилуваат, но засега сѐ уште не доаѓа до позначителни поплави, доколку се гледа во однос на просекот за одредено подрачје. Меѓутоа, кон средината на 2030-тите веќе нема да ја имаме таа среќа, зашто дотогаш ќе дојде до уште поголем пораст на морското ниво. Имајќи го предвид ова, може да кажеме дека се очекуваат многу почести, односно позначителни поплави, наведуваат од НАСА.