Позитивната разврска на ситуацијата, за која придонесе и пишувањето на „Нова Македонија“, покажува дека медиумите не се само неми набљудувачи што известуваат за проблемите, туку се подготвени и да се фатат во костец со нив, за да учествуваат во заедничко решение од полза на засегнатите страни, како дел од модерното новинарство фокусирано на решенија

Амбасадата на Македонија во Рим извести дека почнува со прибирање на податоците од македонските државјани што живеат и работат во Малта, а кои сакаат да аплицираат за издавање нов пасош, со што е направен значаен чекор кон решавање на проблемот со истечените лични документи, чие продолжување беше неопходно за нашите сонародници да го регулираат престојот во островската држава.
Ова е голем напредок за нашите граѓани и сонародници што живеат и работат во оваа островска држава, поаѓајќи од фактот што тие низ различни форми и методи очајнички се обидуваа да го решат својот статус за престој и работа во Малта, а комуникациските канали, помошта, како и патувањата им беа „пресечени“ со матичната земја, а и со македонската амбасада во Рим поради корона-пандемијата.
Ваквиот успешен почеток кон конечен расплет на проблемот, а кој ќе биде во полза на нашите сограѓани во Малта и на нивните семејства и пријатели во Македонија, е зафат за поздравување. Во активностите учествуваа повеќе засегнати страни, граѓани, институции, медиуми.

 

Добрата вест е уште поголема за нашиот медиум, доколку нам, но и на читателите ни е познато дека нашиот весник не се ограничи само на известување за проблемот и алармирање за него. Уште повеќе, поаѓајќи од принципите на новинарството фокусирано на решенија (Solution journalism), активно влезе во случајот од висок јавен интерес и понуди и соодветни решенија базирани на факти и докази.
„Нова Македонија“ во повеќе наврати пишуваше со намера пречките да бидат надминати. Имено, во јули се осврнавме на специфичната фактичка ситуација во која се наоѓаат некои од македонските државјани во Малта, откако тие преку писмо се обратија до нашиот весник за да укажат на тешкотиите со кои се соочуваат. Ние веднаш стапивме во контакт со македонски иселеници во Малта за да дознаеме повеќе за ситуацијата, да ги алармираме јавноста и институциите, но и активно да учествуваме како медиум во решавањето на проблемот на нашите сонародници во странство.

За таа цел редакцијата на „Нова Македонија“ упати и прашања до македонските институции што се надлежни за наоѓање решение, министерот за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи, како и до Владата и до претседателот на државата, г. Пендаровски. Во тој контекст се посвети внимание на важната тема, во нашите написи, во печатеното и во електронското издание, насловени „Македонските државјани на Малта се соочуваат со неизвесност по истекувањето на документите“ и „Издавањето документи за македонските државјани во странство ја чека новата влада“.
Тоа е дотолку поголема сатисфакција за негувањето на нашето активно новинарство, во кое не само што се алармира и информира туку се наоѓа решение за нашите граѓани за проблемите од јавен интерес. Имено, имаше индиции дека стотици Македонци во Малта се соочуваат со проблем бидејќи не се во состојба да ги продолжат личните документи (престануваат да важат сите биометриски пасоши издадени во 2010 година) поради неможноста за патување во ЕУ, односно да се вратат во земјава, што се должи на рестрикциите во пандемијата. Македонските граѓани на тој начин беа доведени во опасност да ги изгубат своите работни дозволи во Малта, да ја напуштат државата без можност за враќање, со што би останале без работа и без основни средства за егзистенција. А се соочуваа и со неизвесност кога стануваше збор за влезот и излезот од Малта, кој, според неодамнешните информации, за Македонците би бил овозможен најрано в година.

Позитивната разврска на ситуацијата, за која придонесе и пишувањето на „Нова Македонија“, покажува дека медиумите не се само неми набљудувачи што известуваат за проблемите, туку се подготвени и да се фатат во костец со нив, за да учествуваат во заедничко решение од полза на засегнатите страни, како дел од модерното новинарство фокусирано на решенија. Добрата намера беше препознаена и од читателите, кои го пофалија нашиот весник. „Само ’Нова Македонија‘ објави за проблемот на македонските државјани на Малта!“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.
„Нова Македонија“ и понатаму останува посветена на граѓаните и на државата, подготвена да им помогне, што всушност претставува и една од основните цели на новинарството.


Во решавањето на проблемот на нашинците во Малта
битна улога одигра и т.н. новинарство фокусирано на решенија

Новинарството фокусирано на решенија (Solution journalism) е новинарство што се занимава со луѓето и кое не само што ја обезбедува информацијата за одреден настан или проблем туку нуди и соодветни решенија базирани на факти и докази. Веќе не е доволно само да се известува за тоа што е добро или лошо. Новинарството базирано на решенија не пишува само за добрите намери, туку за можните решенија, нивната ефективност, презентирајќи ги сите можни опции и влијанијата од нив, како и контекстот на случувањата.
„Нова Македонија“, во јули, се осврна на специфичната ситуација во која се наоѓаат некои од македонските државјани во Малта, откако тие преку писмо се обратија до нашиот весник и до надлежните македонски институции за да укажат на тешкотиите со кои се соочуваат. Најстариот македонски дневен весник во меѓувреме стапи во контакт со македонски иселеници во Малта за да дознае повеќе за ситуацијата, а упати и прашања до повеќе македонски институции што би биле надлежни за наоѓање решение, при што, веројатно, беше единствениот македонски медиум што посвети внимание на важната тема, во написите насловени „Македонските државјани на Малта се соочуваат со неизвесност по истекувањето на документите“ и „Издавањето документи за македонските државјани во странство ја чека новата влада“.

С.Н.М.