Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трипати повеќе интернет-портали во трката за платено политичко рекламирање

Законот не предвидува посебни услови или, пак, критериуми за тоа кој интернет-медиум ги исполнува или не ги исполнува условите за објавување платена политичка програма. За ДИК е релевантно интернет-порталите да ја достават тековната состојба и сите неопходни законски информации впишани во Централниот регистар. А сите тие портали, без разлика на карактерот и содржината што ја публикуваат, дури и да не ги задоволуваат фундаменталните принципи на новинарското работење, претендираат да го поделат колачот од платени политички реклами со професионалните редакции на традиционалните електронски и печатени медиуми

Мноштво интернет-портали беа привлечени од можноста кај нив да бидат објавувани платени политички реклами, за време на кампањите на политичките партии за претстојните предвремени парламентарни избори. Имено, средствата за таа намена би биле обезбедени од државниот буџет. Максималната сума што еден портал би можел да ја добие по таа основа е 920 илјади денари (односно 15.000 евра).
Поаѓајќи од ваквата информација, трипати повеќе интернет-портали, за разлика од претходните избори, се пријавиле во регистарот на Државната изборна комисија (ДИК) за да можат да бидат регистрирани за таа намена.

Сите тие интернет-портали, без разлика на карактерот и содржината што ја публикуваат, дури и да не ги задоволуваат фундаменталните принципи на новинарското работење, претендираат да го поделат колачот од политички реклами со професионалните интернет-сајтови и редакции на традиционалните електронски и печатени медиуми.

Оливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија, изјави дека ДИК го објави регистарот на интернет-портали што обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април.
Според Дерковски, во овој регистар се впишани 235 интернет-портали, а на минатиот изборен циклус бројот бил помал и се движел на приближно осумдесетина интернет-медиуми.

– Платеното политичко рекламирање на овие портали ќе се покрие од државниот буџет, а еден портал ќе може да добие максимум 15.000 евра, за кои медиумот ќе склучи договор со политичките коалиции за рекламирање – вели Дерковски.
Тој објасни дека законот за оваа намена овозможува буџетот да одвои најмногу две евра по еден гласач, или во пари тоа се околу 3,6 милиони евра за оваа намена во денарска противвредност.
Дерковски додаде дека првпат оваа практика се воведе лани на претседателските избори, а овој пат е забележливо зголемено присуството на интернет-портали што се пријавени во регистарот.

Тој објасни дека ова правило важи еднакво и кај печатените медиуми, за што се предвидени исто толку пари.
Според Дерковски, законот не предвидува некакви специјални услови за тоа кој интернет-медиум е професионален или не е професионален за објавување платена политичка програма и додава дека за ДИК е важно интернет-порталите да ја достават кај нив тековната состојба и сите неопходни законски информации впишани во Централниот регистар.

Зоран Фидановски, член во советот на Агенцијата за медиуми, истакна дека институцијата што ја претставува нема надлежност за мониторирање на дејствувањето на интернет-порталите и на нивното финансирање од објавување политички реклами во делот на претстојната изборна кампања.
Фидановски истакна дека од медиумите се информирал за зголемениот број интернет-портали, кои се пријавиле ДИК дека ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април.

– Мојот личен став по повод актуелните случувања, а имено зошто имаме толку зголемен број портали што ќе објавуваат платени политички реклами на овие избори во споредба со претходните, е дека тоа се должи пред сѐ на фактот дека интернетот пополека и сигурно ги надвладува традиционалните медиуми во својата моќ, а аргумент за тоа е информацијата дека во нашата држава 80 проценти од домаќинствата имаат постојан интернет-приклучок. Натаму, логично од оваа работа од една страна можеме да видиме зошто интернет-медиумите се заинтересирале за поделбата на колачот од политичките реклами. Втора работа што е битна да се знае за овие настани е дека илузорна е констатацијата дека интернет-порталите што се занимаваат со политичко информирање треба да се единствените, кои можат да објавуваат политички реклами. Јас мислам дека и специјализираните интернет-магазини каде што се објавуваат забавни содржини, технолошки содржини и слично треба да добијат простор да објават политички реклами, бидејќи на крајот на краиштата и нив ги читаат гласачите во нашата земја. На крајот во целата оваа состојба, би сакал да посочам дека политичките партии од сите табори ги разликуваат професионалните медиуми на интернет и оние што се редакции-духови или „редакции во пижами“ каде што еден човек од спалната соба ги публикува вестите. Токму затоа, верувам дека политичките блокови и партии ќе потпишат договори за рекламирање со оние интернет-портали што се крајно професионални, а за таа намера пред сѐ ќе се потпрат врз регистарот на професионални онлајн-медиуми, кој неодамна беше промовиран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Стопанската комора и Советот за етика во медиумите – вели Фидановски.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, кратко објаснија дека тие не се надлежни за мониторингот на финансирањето на интернет-порталите и на нивното дејствување за време на претстојните избори, информирајќи дека конкретно за оваа проблематика во земјава единствено се надлежни ДИК.


Некои од порталите што аплицирале за државни пари регистрирани во странство

Во свој осврт на настаните интернет-порталот „Балкан инсајт“, повикувајќи се на истражување на новинската организација „Бирн“, пишува дека одреден дел од порталите, кои аплицирале за објавување политички реклами на претстојните избори и кои за оваа намена се пријавиле во регистарот на Државната изборна комисија (ДИК), се регистрирани во САД, Панама или на други места во светот од фирми што ги кријат основачите.
Според медиумот, вкупно педесетина портали воопшто и не се ни регистрирани со доменот .мк, кој е ознака за Македонија, туку некои од нив дури личат на обични блогови и имаат домени од типот на .лајв, .инфо или само .ком.


Фејсбук воведе правила за политичко рекламирање за балканските држави

Социјалната мрежа Фејсбук од неодамна ги додаде Македонија, Црна Гора, Србија, Турција и Молдавија, на листата на држави што мораат да се придржуваат на нови строги правила за политичко рекламирање. Спроведувањето на овие правила се очекува да стапи во сила на средина од Март, во пресрет на парламентарните избори во Македонија и во Србија, кои се закажани да се случат на 12 и 26 април. На оваа листа влегува и Црна Гора, во која годинава, според најавите, треба да се спроведат избори.