Потомците на комитите преку новата плоча на македонски јазик на свој начин сакале да го искажат својот револт од бугарската асимилаторска политика на овие простори и да им овозможат на нивните херојски предци да бидат запишани онака како што вистински се чувствувале, како Македонци. Таквиот чин во основа не е ништо друго, туку процес на реституирање, односно враќање во првобитната состојба на нешто што претходно било злоупотребено од страна на Бугарската егзархија
Протестната нота на Бугарија поради заменетата спомен-плоча на војводата Велко Скочивирчето како повод
Бугарија протестира поради заменетата спомен-плоча на војводата Велко Скочивирчето и осум негови генерали од дворот на црквата во прилепското село Клепач, обвинувајќи за наводно помакедончување на комитите, иако самата како земја-членка на Европската Унија во 21 век ја продолжува политиката на побугарување на Македонците во Пиринска Македонија.
Забелешката на Софија овој пат е дека е заменета плочата со оригиналниот натпис на бугарски јазик од дворот во црквата во Клепач и е додадена нова, на која имињата на убиените комити се напишани на македонски јазик.
Она што бугарските власти го премолчуваат е фактот дека и војводата Велко Скочивирчето и неговите соборци биле своевремено побугарени, не затоа што се бореле за слободата на Бугарија, туку затоа што како Македонци во тоа време немале своја држава и свој кодифициран јазик, па затоа текстот на плочата и не можел да биде напишан поинаку, освен на бугарски.
Токму тој момент Софија го користи да претстави дека на оваа територија отсекогаш живееле Бугари, а актуелните македонски власти, според бугарското толкување, сега се обидуваат да го избришат тој факт.
Имињата биле запишани на бугарски јазик поради тогашните бугарски
асимилаторски политики, а не дека комитите биле Бугари
Да биде парадоксот уште поголем, станува збор за надгробен споменик што не е културно богатство заштитено со закон и не подлежи на никакви посебни процедури ако се интервенира врз него, така што потомците на комитите преку новата плоча на македонски јазик на некој начин сакале и да го искажат својот револт од бугарската асимилаторска политика на овие простори и да им овозможат на своите предци да бидат запишани онака како што вистински се чувствувале, како Македонци.
Тоа не е ништо друго, туку процес на реституирање, односно враќање во првобитната состојба на нешто што претходно било злоупотребено од страна на Бугарската егзархија.
Она што не им оди во прилог на тврдењата на Бугарија за бугарското потекло на Македонците се илјадниците сведоци тука во Македонија, кои раскажуваат дека нивните прабаби и прадедовци отсекогаш се чувствувале како Македонци и тоа чувство раскажувачки им го пренесувале на идните поколенија, без оглед што Бугарската егзархија ги запишувала како Бугари и им ги менувала презимињата.
– Има некои наши интелектуалци што тука тврдеа дека до 1944 година сме биле Бугари. Кој им го кажал тоа? Јас гарантирам дека секој член од моето семејство од 1870 година, па наваму, и тоа проверено со раскажувачка меморија, се изјаснувал и се чувствувал како Македонец, а не како Бугарин или Србин. Уште во тоа време се кажуваа за Македонци – вели професорот Живко Андревски.
Според него, кај нас во земјава сѐ уште има сили што и натаму работат во полза на промовирање на бугарските тврдења и тези.
За дел од историчарите, Бугарите ги користеле тогашните состојби на овие простори за да го асимилираат македонското население, кое ниту имало своја држава ниту јазик, па затоа и спомениците се запишани со бугарска азбука.
– Сигурно е дека тие луѓе чии имиња се најдоа на надгробната плоча во селото Клепач биле запишани на бугарски јазик само поради бугарската пропаганда. Тие во тоа време и на тој простор оделе во егзархиска црква и кога биле погребувани морале да се погребат по тој обред. Едноставно биле принудени да го применат тоа. Луѓето на овие простори сигурно се чувствувале како Македонци, но немале свој јазик и држава, па затоа пишувале онака како што ќе им кажеле Бугарите – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Кога си отишле Србите, дошле Бугарите и тоа „иќ“ го изделкале и останало само „ов“ во презимињата
За историчарот Тодор Чепреганов не е спорно дури да останел и автентичниот споменик како паметник за едно време во кое се вршела асимилаторска политика врз Македонците во времето кога немале своја држава и кога биле принудени да пишуваат на бугарски.
– Мојот прадедо има градено црква во Штип. Ја градел во српско време во 1924 година и таму сите мајстори се запишани со презимиња на „иќ“. Кога си отишле Србите, дошле Бугарите и тоа „иќ“ го изделкале и останало само „ов“ во презимињата. Од тоа најдобро се гледа што се правело тука – истакнува Чепреганов.
Според историчарот Зоран Богески, Бугарија врши политичка злоупотреба на целата ситуција и токму таа ја фалсификува историјата.
– Интервенцијата на која е поставен споменикот во текот на Првата светска војна, самата бугарска држава тогаш извршила еден вид фалсификат со самото тоа. Сигурно Велко Скочивирчето не се борел за обединување со Бугарија. Значи вие кога ги гледате документите од многу локални преродбеници, навистина ќе ги сретнете со име и презиме на „ски“, а во официјалните архивски документи е коригирано презимето на „ов“, така што и овие посочени револуционери и членови на четата што се загинати, да се направат теренски истражувања, доколку се најдат документи и со други случаеви што има, буквално ќе се документира дека презимињата се на „ски“ – вели Богески.
Наследниците на споменикот, кој е приватен, си го напишале написот на својот мајчин јазик
Професорката Наде Проева смета дека ако станува збор за приватен споменик што не го градела државата, тогаш наследниците имаат право да си ги запишат своите предци со македонски правопис.
– Овој споменик е граден во времето кога немало кодифициран македонски јазик и се користел бугарскиот јазик, ние немавме држава, нормално е да се бугаризирани или србизирани спомениците, во зависност од кој период потекнуваат. Сега наследниците ако го обновуваат споменикот, ако е приватен, нормално дека ќе си го напишат на македонски јазик. Очигледно наследниците се чувствуваат македонски и сакаат да бидат Македонци и ова што се случува е природна реакција на овие блокади и провокации што се случуваат од страна на Бугарија – вели професорката Проева.
Таа додава дека е приватно право на семејствата како ќе ги запишат нивните предци и не можат Бугарите и таму да се мешаат.
– Јасно е како бел ден дека Бугарија сака да го продолжи процесот на асимилација тука и затоа го прави ова – заклучува Проева.