Во писмото, пишувано во Охрид на 25 февруари 1846 година, упатено до Виктор Иванович Григорович, професор на Казанскиот универзитет, кој пролетта во 1845 година патувал низ Македонија со цел да собира „материјали пишани со старото писмо на Македонците“, Димитрија Миладинов го
моли рускиот научник да се застапи пред рускиот цар да ја присили Грција да ги врати назад во Охрид моштите на Свети Климент, односно черепот однесен во манастирот „Свети Јован Продром“ кај Бер, за време на пренесувањето на остатоците на светителот од црквата „Свети Пантелејмон“, каде што биле полни четири века по неговата смрт, во црквата „Света Богородица“ кај Горна Порта
Од историските архиви, според пишаното сведоштво на Димитрија Миладинов
Според Димитрија Миладинов, кражбата на моштите на Свети Климент се случила на почетокот на 14 век, во времето кога Охридската архиепископија била под силна доминација на грко-византиски владици, а со манастирите управувале луѓе лојални на патријархот. Во 1845 година, четири века подоцна, Миладинов со жалење констатира дека во прочуениот град Охрид не останало „ништо од стародревности, само дел од светите мошти на Свети Климента, но и тие без светиот череп коj е во Бер“. Како се случила кражбата на моштите, односно на черепот на Свети Климент?
Рускиот цар да наложи враќање на черепот на Свети Климент во Охрид!
Во едно од своите истражувања, д-р Харалампије Поленаковиќ меѓу другото констатира дека токму Димитрија Миладинов многу рано покажува интерес за делото на Свети Климент Охридски, а тоа, како што вели Поленаковиќ, воопшто не е чудно бидејќи споменот за светителот бил мошне жив и во родниот град на Миладиновци. Дека е така потврдува и фактот што крајезерскиот дел на Струга го носел името Климентица. Освен тоа, учителствувајќи во Охрид, Димитрија Миладинов имал можност да ја почувствува почитта што охридското население ја покажувало кон заштитникот на градот, својот Свети Климент. Или, како што вели самиот Миладинов, буквално на секој чекор се чувствува таа почит; во црквата „Свети Климент“, кај гробот на светителот, пред иконите и фреските, пред дрвениот кип, пред икончињата, во тврдите подврски на книгите – сето тоа било исполнето со почит за првиот словенски просветител. Следејќи ги писмените сведоштва на Димитрија Миладинов, академик Поленаковиќ подвлекува дека интересирањето за Свети Климент директно се потврдува со писмото на Димитрија Миладинов пишувано во Охрид на 25 февруари 1846 година, а упатено до рускиот научник Виктор Иванович Григорович, кој во пролетта 1845 година патувал низ Македонија со цел да собира „материјали пишани со старото писмо на Климент, да го запознае јазикот на населението и да запишува народни умотворби“. Имено, заедно со Димитрија Миладинов, Григорович го посетил манастирот „Свети Климент“ каде што открил едно Климентово житие, зел некои ситници, а потоа двајцата го посетиле селото Издеглавје, во Долна Дебарца, верувајќи дека тука била некогашната Главиница, едно од местата каде што престојувал Климент и каде што, според пишувањето во Житието што го нашол во Охрид, се наоѓале камени столбови со „натписи во кои се говорело за покрстувањето на Словените“. Меѓутоа, за жал, како што потврдува и Миладинов, при посетата не нашле такви столбови, па Димитрија во писмото му ветува на рускиот научник дека „напролет ќе појде да ги бара оние камени столбови од некогашната Главиница“.
Во продолжение на ова писмо, кое содржи и некои други многу важни работи за историјата на Македонија, Димитрија го моли рускиот научник да се застапи пред царот да се вратат назад во Охрид дел од моштите на Свети Климент, односно „свјатата кара“, то ест черепот што го однеле добро инструирани калуѓери од манастирот „Свети Јован Продром“ кај Бер.
Кражбата е извршена за време на пренесувањето на моштите на Свети Климент од црквата „Свети Пантелејмон“ во црквата „Света Богородица“ кај Горна Порта. „Операцијата“ се случила во времето кога црквата „Свети Пантелејмон“ била претворена во џамија. Денес на тоа место, на Плаошник, врз темелите на старата црква „Свети Пантелејмон“, каде што бил погребан Свети Климент, е изградени новата црква „Свети Климент“, каде што се пренесени дел од неговите зачувани мошти, но тоа е само ситница во однос на она што го поседуваат Грците, па и Бугарите. Затоа Димитрија Миладинов пред 175 години го моли Виктор Григорович да се заземе кај рускиот цар да се врати главниот дел од моштите, односно „свјатата кара“, светиот череп на Климент во Охрид, во црквата каде што биле „полни четири века по неговата смрт“. Дека Димитрија Миладинов бил многу загрижен за кражбата на светите мошти на Климент, но и упорен да ги врати назад во Охрид, зборува и фактот што петнаесетина години подоцна, мислејќи како да ја врати „свајата кара“ од Бер, објавува дописка во „Цариградски весник“: „Во прочутиот град Охрид, пишува Миладинов, не остана нишчо од великолепие и од стародревности, само свјатите мошти од свјатога Климента, – и тије, без свјатата кара на која стоит златоткаено и бисер, и која у Верија (Бер) Грци ја украдоха и ја држат денеска во обителот свјатога Јоана Продрома, – два кодика од архиепископските први јустинијански и гробот од свјатога Климента со една скршена плоча и манастир церква митрополитска на лево влегваешчи во партика…“ Мошне интересен е и податокот што Димитрија Миладинов го објавува во 1860 година во студентското списание „Братски труд“, гласило на македонските и бугарските студенти во Москва, а се однесува на записот на камената плоча врз гробот на Свети Климент: „Надгробни негов надпис ушче стоит во соборната црква в Охрид: 27 месец јулија 916 претстави се Климент Охридски“.
Кој ја спасил кутијката со преостанатите мошти на Свети Климент?
Но голготата на моштите на Свети Климент не завршува во 14 век. Според запис на протојереј ставрофор Георги Николовски, кој долго време служел во црквата „Свети Климент“ во Охрид, по смртта во 916 година, Свети Климент бил положен во гробот што сам си го приготвил во манастирот што го подигнал и му го посветил на Свети Пантелејмон. Подоцна, кога Охрид потпаѓа под турска власт, манастирот „Свети Пантелејмон“, или како што старите охриѓани го нарекувале „Стар Свети Климент“, бил претворен во џамија. Сепак Турците им дозволиле на охриѓани светите мошти да ги префрлат во некоја друга охридска црква. Сето тоа било организирано од монасите, но, за жал, двајца од нив го скриле черепот, а потоа скришум го однеле во манастирот „Свети Јоан Продрома“ кај Бер. Преостанатиот дел од моштите биле сместени во малата црквичка, таканаречена „Мал Свети Климент“, но охриѓани набрзо издејствувале од турските власти моштите да бидат пренесени во некој храм од повисок ранг, па им било дозволено да ги префрлат во црквата „Свети Богородица Перивлепта“. По овој чин, црквата го добила името „Свети Климент“, а името Света Богородица Перивлепта фигурира само во старите извори и литературата од тоа време. Откако биле пренесени во оваа црква, моштите биле положени во нартексот, но подоцна, во 19 век повторно биле откопани и сместени во сребрена кутија украсена со орнаменти. Кутијата со ситните остатоци од моштите, без черепот, се разбира, била ставена во изрезбан оревов саркофаг, во кој од десната страна пред иконостасот почивале сѐ до 1 септември 1952 година. Во тоа време, кон крајот на 1952 година, како што сведочи протојереј ставрофор Николовски, власта носи решение црквата „Свети Климент“ да ја претвори во музеј, па тој, како последен свештеник во храмот каде што се чувале светите мошти, бил известен дека црквата станува музеј, но моштите може да останат во црквата: „Без да прашам никого, во отсуство на претставник на Музејот, ја зедов кутијката со светите мошти, ја покрив со платненце, и скришум, под пазува, по споредни сокачиња, ја однесов кутијката во црквата ’Свети Никола Геракомија‘, оставајќи ја на Светиот престол. Подоцна го размонтиравме и саркофагот, и пак скришум го однесовме во истата црква и ги сместивме моштите во него. Во таа црква останаа до 22 септември 1991 година, кога со враќањето на црквата ’Свети Климент‘ на МПЦ и моштите повторно беа вратени во неа“, пишува во своите спомени Николовски.
Десетина години подоцна, кога беше изградена, односно обновена или, поточно реконструирана неговата црква на Плаошник, моштите на Свети Климент беа пренесени во неа и сега остатокот од нив е таму, на Плаошник, но черепот, или „свјатата кара“, како што вели Димитрија Миладинов, сѐ уште е во Грција. Дали Македонија некогаш барала оваа своја скапоцена „свјата кара“ на кој „стоит златоткаено и бисер“ да се врати во Охрид, нема податоци, но факт е дека, на пример, Грците им ја позајмија украдената „свјата кара“ на Бугарите за изложба, и потоа, по престојот во Софија, таа веднаш беше вратена во Грција, односно во манастирот „Свети Јоан Продром“ кај Бер каде што се чува веќе близу седум века. Преспанскиот договор им го остави на Грците и черепот на Свети Климент, како што ги остави надвор од историјата и сите Македонци од Егејска Македонија, прогласувајќи ги за Македонци што немаат врска со Македонците од оваа страна на границата.
Бугарите ги украле на „реверс“ круната на Свети Климент и неговиот жезол!
Кога бугарската војска во 1915 година се приближила до Охрид, граѓаните се растрчале по црквите да го засолнат она што може да биде плен на окупаторите. Во таа акција, скришно и брзо, биле спасени десетици скапоцени предмети од охридските цркви. Охриѓани знаеле дека се засолнети на сигурно место и дека никој нема да им ги предаде на Бугарите. Но сфаќајќи што се случило, бугарскиот владика Борис, кој исто така пристигнал во Охрид, презел акција да ги открие и да ги однесе во Софија охридските скапоцености, меѓу кои и скапоцената круна на Свети Климент, стара повеќе од 11 века. За таа цел организирал тајна мрежа свои известувачи со задача да откријат каде и кај кои граѓани во Охрид се наоѓаат скриените ракописи, предмети и други скапоцени примероци со историска и културна вредност. Прибирајќи податоци на тој начин, составил список од 80 скапоцени предмети. Потрагата траела со месеци, а акцијата почнала од куќата на угледниот охридски свештеник Ѓорѓи Икономов, каде што влегле лично владиката Борис, полковникот Пешинов, неговиот аѓутант, поручникот Најданов, потпоручникот Михов, офицер на 23-от пешадиски полк и вишиот полициски иследник на бригадата, поручник Цеков.
Полковникот Пешинов веднаш ги известил дека „имаат податоци оти во куќата се наоѓаат големи скапоцености од значење на историјата, како Плаштеницата на Андроник Палеолог и некој летопис на Јован Скилица“. Бидејќи парализираниот свештеник Икономов не можел да „помогне“ во претресот, полковникот Пешинов веднаш му наредил на постариот водник на 23-от полк, Иван Безлев, кој исто така бил во нивна придружба, со сила да ги отвори сите ковчези во куќата. Во првиот обид бил пронајден само летописот на Скилица. Потрагата продолжила во куќата на Спространови во Охрид, кои, на крајот, морале да признаат дека Плаштеницата е токму кај свештеникот Ѓорѓи Икономов. И навистина полковникот Пешинов ја нашол таму и ја одзел.
Потоа, следните денови владиката и војската од куќите на угледните охриѓани одзеле, и со специјален конвој, во Софија, го однеле и летописот на Јован Скилица од 13 век, кој заедно со Плаштеницата на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ ѝ ги подарил Теодор Комнен. Кога било прибрано сè што било пронајдено, а по отстапувањето на бугарската војска од Македонија, владиката Борис ја уништил целокупната архивата во врска со тој вандалски чин. Сепак, некои документи останале, па така останал и еден примерок од документот што го потврдува грабежот на бугарската војска во 1916 година.
Бугарски документ за грабежот!
Документот што го потврдува грабежот на бугарската војска во 1916 година бил пронајден во 1967 година во Охрид. Во тој список стои дека од Охрид меѓу другото е однесена и круната на Свети Климент, која до ден-денес е на „привремено чување“ во Софија, Бугарија. Во документот, потпишан од комисијата за „грабеж“ на крајот од речиси едногодишната потрага по охридските скапоцености, стои: „Денеска, 28 ноември 1916 година, врз основа на телеграмата од 21 о.м. под број 17762, на претседателот на Владата, д-р Радославов, составен е овој акт за собраните спакувани и испратени на привремено чување во Софија, долуназначени црковни старини, сопственост на градот Охрид…“ Веднаш потоа се набројуваат сите старини однесени од Охрид, меѓу кои се и такви скапоцености, кои вредат цело богатство. Така, по наредба на бугарскиот премиер, а во организација на бугарскиот владика Борис, меѓу другото се однесени: Иконата на Христа Спасителот, подарок на охридскиот архиепископ Димитрие од 13 век; натпис на плоча од бронза од Прокопие, архиепископ на Прва Јустанијана, плаштеница на Андроник Палеолог, собрана од црквата „Свети Климент“; сребрена кутија со моштите на Света Матрона; сребрен крст од 1742 година; две покривки, подарок на Дука Комнен; летопис на Јован Скилица од 13 век; старо евангелие со ликот на Свети Климент; дваесет стари словенски ракописи; една сребрена икона изработена во релјеф, или вкупно 84 одделни предмети. Меѓу сите овие скапоцености е и златната круна на Свети Климент со крст, пронајдена во куќата на семејството Филипче, како и жезолот на Свети Климент со дршка слонова коска, со змија на врвот. На крајот од документот стои дека „актот е составен и потпишан од присутните во четири примероци, и тоа: еден за министер-претседателот Радославов, за Охридското окружно началство, за светата Охридска митрополија и за Народниот музеј во Софија“.
На документот се потпишани окружниот началник Петров, бугарскиот митрополит Борис, околискиот началник Петар Чауле, секретарот на Окружното началство, Огненов, и охридскиот граѓанин Сарџов.
Може ли актуелната македонска власт, која толку многу сака да тргнува со македонските интереси, конечно да се заблагодари за „привремено чување“ на охридските скапоцености во Софија, кое трае веќе 105 години, и да го активира документот што потврдува дека сите предмети ќе бидат вратени во Македонија, од каде што се земени на „привремено чување“. Бидејќи тоа е официјален документ на бугарската влада, односно држава, македонската влада директно, но и преку меѓународни институции ако е неопходно, треба само да бара да се почитува документот и во Охрид да бидат вратени златната круна и жезолот на Свети Климент, заедно со сите други драгоцени предмети и ракописни книги, однесени во Бугарија зимата во 1916 година.
Пишува: Блаже Миневски