Граѓанската асоцијација МОСТ денеска објави дека ги започнала активностите за набљудување на референдумот и за таа цел ги повика граѓаните да се пријават во 18-те регионални канцеларии низ целата држава.
Повикот трае од 5-ти до 8-ми септември, при што регионалните канцеларии на МОСТ за граѓаните ќе бидат отворени од 12 до 17 часот додека трае повикот. Податоците со контакт информации за регионалните канцеларии ќе можат да се пронајдат на веб-страницата на МОСТ.
За граѓаните чии пријави ќе бидат прифатени ќе биде организирана специјална обука, а потоа тие ќе бидат распоредени на гласачките места како набљудувачи.
Набљудувач во мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ може да биде секој граѓанин со право на глас, кој е подготвен непристрасно и објективно да го набљудува процесот и да известува за наодите. При селектирањето на набљудувачите предност ќе имаат оние кои веќе биле ангажирани како набљудувачи на МОСТ на претходните изборни процеси.
За набљудување на референдумот на 30 септември ќе бидат ангажирани околу 1.500 набљудувачи на целата територија на Република Македонија. Заради сеопфатна оценка за текот на референдумот, 80 долгорочни набљудувачи на МОСТ ги следат текот на кампањата/пропагандата и работата на изборните органи, а ќе се набљудуваат и предвременото гласање и постапката за одлучување по приговори.
Како и на сите изборни процеси, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните ќе можат да пријавуваат евентуални нерегуларности поврзани со референдумот.
Граѓанската асоцијација МОСТ во досегашното свое постоење, покрај сите национални и локални избори во Македонија почнувајќи од 2002 година, го има набљудувано и референдумот на државно ниво во 2004 година, како и три референдуми на локално ниво – во општина Чешиново-Облешево во 2004, во општина Радовиш во 2007 и во општина Центар во 2015 година. Оваа активност претставува надоврзување на досегашните активности, со што МОСТ се надева дека ќе даде придонес кон обезбедување на повисоко ниво на транспарентност на целокупниот процес на спроведување на референдумот.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно меѓународно признатите стандарди за домашно набљудување.