Транспарентноста на собраниските комисии се зголемила за повеќе од двапати, но таа не е конзистентна, односно има периоди во кои значително флуктуира, оцени граѓанската асоцијација МОСТ врз основа на кратката анализа „Наоди и препораки за подобрување на транспарентноста на комисиите“.
МОСТ вчера во Собранието ги презентираше наодите и препораките од мониторингот поврзани со транспарентноста на работата на собраниските комисии во периодот од јули 2017 до септември 2019 година, по што беше заклучено дека и покрај тоа што е забележано подобрување на транспарентноста, сепак Собранието треба да надмине уште неколку предизвици што се поврзани со измени на Деловникот и Законот за Собрание, начинот на подготвување и објавување на документите што ги продуцира Собранието, техничките капацитети, финансиските и човековите ресурси и веб-страницата на Собранието, за да се овозможи зголемување на транспарентноста на уште повисоко ниво.
– Да се пропише рок за усвојување на записниците од седниците на комисиите во Деловникот, односно записникот да се усвојува на првата наредна седница. Исто така, продолженијата на седниците да се водат со засебни записници заради зголемување на транспарентноста, да се подобрат човечките ресурси во стручната служба за навремено и квалитетно подготвување на записниците, да се подобрат организацијата и соработката во рамките на стручната служба – препорачаа, меѓу другото, од МОСТ.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието“, кој граѓанската асоцијација МОСТ го имплементира со поддршка на британската амбасада во Скопје.