Македонија има големо искуство во справувањето со настаните поврзани со бегалците и на свој грб досега има почувствувано редица бегалски бранови или бегалски кризи од најразличен карактер. Но какви се статусот и правата на бегалците од другите земји, а какви на внатрешно раселените лица

МЕСЕЦОВ СЕ ОДБЕЛЕЖУВААТ 70 ГОДИНИ ОД МЕЃУНАРОДНАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА СТАТУСОТ НА БЕГАЛЦИТЕ

Прашањата за статусот на бегалците и нивната меѓународна заштита деновиве добиваат на актуелност и динамика од причина што август е јубилеен месец, кога се одбележува 70-годишнината од потпишувањето на Меѓународната конвенција за статусот на бегалците во светот. Овој меѓународен документ, кој е потпишан и од Македонија, е основа за меѓународна заштита на луѓето што се принудени да ги напуштат своите домови на места каде што дивеат војни и конфликти или има други непогоди.
Важно е да се напомене дека Македонија има големо искуство во справувањето со настаните поврзани со бегалците и на свој грб досега има почувствувано редица бегалски бранови или бегалски кризи.
Имено, од годините на нашата независност досега, Македонија во повеќе наврати се справи со огромни бројки на бегалци од странство, но и дома, каде што имаме внатрешно раселени лица по конфликтот од 2001 година.
Претходно, пак, Македонија на своја територија несебично згрижи огромни бројки бегалци што пристигнуваа тука од војните што беснееја во Босна и Херцеговина и во соседно Косово. Од понов датум, најсвеж е примерот од 2015 година, кога нашата земја успешно се справи со огромниот бран бегалци и мигранти, кои бегајќи од војните во Ирак и во Сирија, транзитираа низ нашата земја патувајќи кон Западна Европа.

Конфликтот во 2001-та продуцира 76.000 внатрешни бегалци

Дваесет години по оружениот конфликт во 2001 година, чии причини и карактер сѐ уште не се дефинирани, некои од раселените семејства што тогаш ги напуштија своите села, сѐ уште не добиле трајно сместување, иако тоа беше предвидено со мировниот договор.
Во конфликтот во Македонија, раселени беа 76.000 лица. Повеќето од нив добија станови од Владата, но иако поминаа 20 години од конфликтот, има лица што сѐ уште немаат постојано живеалиште.
Според тогашниот акциски план, кој беше усвоен како дел од Охридскиот мировен договор, со кој во 2001 година заврши конфликтот, им се понудија две можности на бегалците: враќање на раселените лица во нивните домови, кои ќе бидат обновени со финансиска помош на државата, или можност семејствата да добијат надомест за штетата и животот да го продолжат во нормала на друга локација.
Пред неколку години, Институтот за етнологија и антропологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје објави студија во која информира дека од 76.000 раселени лица, многу мал број се вратиле во своите огништа.
За да се стимулираат локалниот економски развој и развојот на вештините на бегалците и на внатрешно раселените лица, како начин да им се помогне да најдат работа, почнат е проект на ЕУ за интеграција на бегалците, со буџет од 746.000 евра. Меѓутоа, овој проект не се фокусира на враќањето на раселените лица во нивните домови.

Во својата најнова изјава поврзана со темата, Министерството за труд и социјална политика информира дека има намера да подготви акциски план, за да им помогне и на преостанатите триесетина раселени семејства.
– Постојат решенија и Владата ќе најде начини да дејствува во наредниот период – велат од Министерството.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски во своја оцена на случувањата вели дека кога се говори за македонската тешка проблематика поврзана со нашите раселени лица, треба да знаеме дека неточни, но често користени термини се „домашни бегалци“ или „внатрешни бегалци“.
– Внатрешно раселените лица немаат меѓународно признаен статус на истиот начин како што бегалците се признаени како странски државјани и заштитени со Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година. Сепак, внатрешно раселените лица уживаат права во согласност со националните закони и меѓународното право и треба да бидат заштитени по таа основа. Исто така, не треба да го користиме терминот „статус на внатрешно раселено лице“, иако терминот „бегалец“ подразбира специфичен правен статус во согласност со меѓународното право, користењето на терминот „внатрешно раселени лица“ не упатува на таков статус. Голем број земји немаат утврдено правен статус за внатрешно раселени лица како група. Во некои контексти, издвојувањето на внатрешно раселените лица од поширокото население преку доделување посебен правен статус за нив може да подразбира ризик од зголемување на нивната изложеност на дискриминација – вели Стефаноски.
Според него, битно е да се знае дека постои разлика помеѓу внатрешно раселено лице и бегалец.

– Според Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година, „бегалец“ е личност што „поради основано страв од прогон заради причини на раса, религија, националност, членство во одредена социјална група или политичко мислење е надвор од земјата на својата националност и не е во можност, или поради таков страв не сака да се искористи од заштитата на таа земја, или што без државјанство, и да е надвор од земјата на своето поранешно вообичаено живеалиште како резултат на такво настаните, не е во состојба или, поради таков страв, не е подготвена да се врати на тоа“. Последователните меѓународни инструменти (како што се декларацијата Картагена за бегалците и Конвенцијата со која се регулираат специфичните аспекти на проблемите со бегалците во Африка) ја проширија оваа дефиниција за некои држави на лица што бегаат од општите ефекти од оружен конфликт и/или природна непогода. Клучен услов да се смета за „бегалец“ е преминување меѓународна граница. Затоа, лицата што се присилно раселени од своите домови, кои не можат да изберат да ја преминат границата, не се сметаат за бегалци, дури и ако споделуваат многу исти околности и предизвици. За разлика од бегалците, овие внатрешно раселени лица немаат посебен статус во меѓународното право со права специфични за нивната состојба. Терминот „внатрешно раселено лице“ е само описен – вели аналитичарот.
Стефаноски советува дека еднаш засекогаш треба да го исфрлиме од употреба терминот „раселени луѓе“ кога говориме за конфликтот од 2001-та, бидејќи внатрешното раселување се одвива во широк спектар на контексти, со повеќе двигатели.
– Водечките принципи даваат неисцрпна листа со причините за внатрешно раселување, вклучувајќи оружен судир, генерализирано насилство, прекршување на човековите права, природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човекот. Развојните инвестиции, како што се големи инфраструктурни или урбанистички проекти за обнова, исто така можат да предизвикаат раселување и прекршување на човековите права во голем обем. Па, оттука, треба јасно да ја преименуваме фразеологијата кога го коментираме овој несакан процес во земјата, кој е сѐ уште активен – заклучува тој.

Милионското цунами од 2015 година

Мигрантската криза што пред шест години ја зафати цела Европа и која сѐ уште е активна, но во намален обем, се рефлектира и на Балканот. Во процесот во кој милиони луѓе преку балканската маршрута, а со тоа и Македонија, транзитираа кон Западна Европа потсетија на стотици илјадници бегалци што во 1990-тите години избегаа од војните во кризата во поранешна Југославија.
Во својата анализа на оваа тема турската телевизија ТРТ информира дека од југословенските војни се евидентирани 430.000 мигранти, кои чекаат трајно да се реши нивниот статус.
Според медиумот, воениот конфликт од просторите на поранешна Југославија има силно влијание врз демографската структура на тамошното население.
– Војните раселија стотици лица, стотици загинаа, а над три милиона ги принудија на иселување. Од средината на 90-тите години од минатиот век, речиси 2,5 милиони се вратија во своите домови, но некои од нив наместо своите домови, најдоа само урнатини и пустош. Според податоци на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, околу 70.000 бегалци во земјите од Западен Балкан живеат под статус на бегалци. Од нив, 45.000 се во Србија, 14.000 во Босна и Херцеговина, 8.500 во Хрватска и 6.000 во Црна Гора – информира ТРТ.
Во меѓувреме, во текот на целиот период во 1990-тите години, а особено во моментите на интервенцијата на НАТО врз Србија, околу 863.000 луѓе беа принудени да побараат прибежиште надвор од Косово, а дополнително околу 590.000 беа внатрешно раселени. Во најголемиот број од случаите, косовските Албанци што беа принудени да ги напуштат своите домови, свое прибежиште најдоа во Македонија. Но оттогаш досега стотици косовски Роми останаа и натаму да живеат привремено во земјата, притоа одбивајќи да се вратат во својата земја, каде што сега нема воени случувања.
Според податоците на Секторот за азил при Министерството за внатрешни работи, 13 лица добиле статус на бегалци, а 163 уживаат статус „супсидијарна заштита“.
Според меѓународната дефиниција, лице под супсидијарна заштита е странец што не се квалификува како лице со статус на бегалец, а на кој Македонија ќе му признае право на азил и ќе дозволи да остане во рамките на нејзината територија, бидејќи постојат причини поради кои, ако се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со сериозни повреди, како смртна казна, егзекуција, тортура, сериозни и индивидуални закани по животот или личноста на цивилното лице.

[email protected]