Ниту 25 години по атентатот врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, мотивите, нарачателите и извршителите на овој грозоморен чин, кој се случи во периодот во кој на повеќе нивоа и на повеќе места се случуваа процеси што, според многу нешта, беа решавачки за Македонија, не ѝ се познати на пошироката јавност. Глигоров, иако со тешки повреди, го преживеа атентатот, кој се случи на трети октомври 1995 година, на улицата Македонија, пред хотелот „Бристол“ во Скопје, но на местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.
За контекстот, можните причини и последици од целиот настан, деновиве, за „Нова Македонија“ пишуваат тогашниот амбасадор во Грција Љупчо Арсовски, пензионираниот генерал и актуелен пратеник на Партијата на пензионерите Илија Николовски, дипломираниот криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност Гоце Аризанкоски и тогашниот претседател на Собранието Стојан Андов. Нивните сеќавања, согледувања и сведоштва во врска со атентатот ги објавуваме во четири продолженија.

ДВАЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ ОД ГРОЗОМОРНИОТ НАПАД ВРЗ ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ КИРО ГЛИГОРОВ (4)

Пред 25 години, со атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров во државата настана голема збрка. Но таа наскоро почна да си ги открива своите причини. Во тоа време бев претседател на Собранието на Република Македонија, а според Уставот, по атентатот, бев должен да ја вршам функцијата претседател на државата. Таа функција ја вршев речиси сто дена. Целото тоа време сите мои обиди, работите некако да се доведат во ред, наидуваа на жесток отпор од тогашната извршна власт. На еден таков случај, за кој досега не сум пишувал, во овој текст ќе посветам особено внимание.

Нервозниот Боцинов

Првите денови на ноември 1995 година, некаде околу 10 часот, ми ѕвонеше од рецепцијата шефот на обезбедувањето на Собранието, Славчо Ралев, и ми рече дека во чекалницата е началникот на Генералштабот на АРМ, адмиралот Боцинов со петнаесетина офицери, сите добро вооружени. Ми рече дека тој ги запрел бидејќи не знаел дали сум ја договорил таа посета. Му одговорив на Славчо Ралев дека ниту сум барал, ниту сум прифатил, ниту некој ми понудил таква средба. Но кога веќе дошле, му реков да му каже на началникот на Генералштабот дека кај мене може да дојдат тој и двајца офицери, по негов избор, ама без оружје. По петнаесетина минути, откако според упатството од Славчо, оружјето го оставиле кај другите офицери кај рецепцијата, кај мене во кабинетот на претседателот на Собранието, од каде што ја вршев и функцијата претседател на државата, влегоа Боцинов и уште двајца. Мислам едниот беше мајор, а другиот капетан.
Ги поздравив и го запрашав началникот на Генералштабот, Боцинов, да ми ги објасни причините за оваа посета. Боцинов беше збунет и малку налутен од она што му се случило кај портирницата на влезот од парламентот. Ако не го послушаше Славчо Ралев, неговата посета ќе прераснеше во насилен вооружен упад во Собранието, без оглед какви би биле последиците. Тоа би бил голем скандал и голема срамота и за началникот на Генералштабот. Веднаш ми се наметна впечаток дека адмиралот малку знае за функционирањето на цивилните власти.

Беше малку збунет и се мислеше како да почне. А потоа, кога прозборе, почна упорно да ме убедува дека органите што требало да го чуваат претседателот, така што би бил секогаш безбеден, не си ја извршиле работата. Откако го објаснуваше тоа петнаесетина минути му реков дека се согласувам дека надлежните органи не си ја завршија работата и за тоа треба да носат одговорност. Меѓутоа, му реков и дека во надлежните органи спаѓа и армијата, а г. Глигоров, како претседател, беше и врховен командант на вооружените сили на Македонија. Тогаш ми упадна Боцинов и ми рече: „Токму затоа и дојдов со едно барање. Барам согласност ние, АРМ, да го обезбедуваме претседателот на Републиката како врховен командант, а не Министерството за внатрешни работи.“ Му реков дека тоа треба да се остварува во соработка на двата органа. „Такви се прописите и засега не знам зошто би ги менувале и би се определиле за некои нови решенија за кои би ни биле потребни и нови процеси“, додадов.
Тој, доста нервозно, ми упадна велејќи: „Лесна работа е тоа, само согласете се вие надлежноста за безбедноста на претседателот да ја преземе армијата.“ Му реков дека не можам да се согласам бидејќи не се работи за моја согласност или несогласност, такви се прописите.
Тоа мое упорно инсистирање на прописите тој го прокоментира велејќи: „Затоа што такви се прописите вакви работи ни се случуваат“, и продолжи: „Дојдов овде да ви кажам дека сега во болницата претседателот на Републиката го обезбедува полицијата и со тоа се согласувам, но кога ќе излезе од таму и ќе оди во резиденцијата ние би го презеле целото обезбедување.

За таа цел е потребно да се согласите вие, ние да ја исечеме целата шума во тој дел на Водно, барем 200 метри подалеку од претседателската резиденција, и тогаш ја гарантираме безбедноста на претседателот“, рече тој. Му реков дека таква согласност не можам да дадам, не гледам потреба. Му реков: „Вие, војската, сте одговорни и досега беше армијата одговорна, заедно со другите безбедносни органи да се зачува безбедноста на претседателот на Републиката. Во тоа не успеавте. А како што знаете, на претседателот не се пукаше од шумата оти не е исечена туку среде град, среде бел ден вие не го зачувавте, надлежните органи, па и војската.“ Се збуни малку тогаш Боцинов, а јас го прашав: „Со кого сте договорени г. началник да дојдете кај мене со овој предлог. Дали вашиот надлежен функционер во Владата, министерот за одбрана Благоја Ханџиски се согласи или ви нареди да дојдете? Тоа ме интересира“. Боцинов нервозно почна да гледа околу во своите соработници како да чека некоја помош и ми вели: „Е нека ја таа сега!“ Тогаш му реков: „Разговорот е завршен. Благодарам, повелете, напуштете ја канцеларијата.“

Тешкиот разговор со Ханџиски

Откако си отидоа гостите, размислив што да преземам и заклучив дека доволно е што со нив барем расчистив. И да сум пробал нешто друго, ништо не ќе можев да преземам. Мојата активност од Владата и во Министерството за внатрешни работи беше тотално блокирана, спротивно на Уставот и законите. Овој настан ми создаде сомневање дека не се работи само за Владата и за МВР. Дека во тоа е вклучена и војската, преку министерот за одбрана.
Сега, на оваа моја возраст, треба да го изнесам ова, да ја запознаам јавноста со овој настан што своевремено го сметав за не премногу битен затоа што ништо ново не ми откриваше.
Околу година и пол по овој настан се случи, во мое присуство, претседателот на Републиката Киро Глигоров да води тежок телефонски разговор со Ханџиски и енергично да бара Боцинов итно да биде сменет. Тоа и беше сторено, иако неочекувано за јавноста. Набрзо потоа, беше сменет и министерот за одбрана Ханџиски. Беше сменет од таа функција, а беше избран потоа за министер за надворешни работи. Тоа беше големо изненадување ама, сепак, беше прифатливо за јавноста бидејки со тој потег Црвенковски дефинитивно изврши едно речиси двегодишно барање на претседателот на Републиката – министерот Фрчкоски да биде отстранет од Владата.

Но да се вратиме на 1997 година. Тоа лето Словенија веќе заклучи договор за асоцијација. Иако дотогаш во евроинтеграциите беа споменувани Словенија и Македонија, овој пат Словенија исчекори, а ние останавме да тапкаме во место, со голема неизвесност за иднината. Тогаш напишав колумна што беше објавена во еден дневен весник, во која ја оцртав нашата состојба и во односите со ЕУ и со НАТО и констатирав дека тогаш во ЕУ беше навестена т.н. Агенда 2000, во која беа фактички содржани речиси сите источноевропски земји (освен Белорусија, Украина и Молдавија од разбирливи причини), а беа изоставени и СР Југославија, Хрватска и БиХ, поради причини што уште не беше консолидирана состојбата со мировните договори меѓу нив. Беше изземена и Македонија, дотогаш огласувана за „оаза на мирот“, без наведување на причините за тој потег. Исто така, во исто време кога ЕУ ја донесе оваа одлука, НАТО одржа еден т.н. Мадридски самит на кој, за идното проширување на НАТО, горе-долу, се договори истата формула како таа во Агендата 2000 на ЕУ. Тогаш, крајно загрижен немав што да направам и напишав колумна во која ја опишав состојбата и ја нападнав неспособноста на Владата и на целото државно раководство. Јавно предложив претседателот на државата да преземе иницијатива и да бара излез од настанатата ситуација.
Една недела подоцна, претседателот Глигоров, една приквечерина, ми се јави по телефон дома и ме замоли ако можам да појдам да поразговараме кај него дома. Му реков дека нема да појдам. Тоа што имам да му го кажам го кажав јавно во колумната, а од него очекувам нешто конкретно да преземе, а не да ме кани на разговор. Беше тоа доста грубо речено од мене, но немав излез како на друг начин да го поттикнам нешто конкретно да преземе.

Потоа, тој беше во Охрид, а јас поради здравствени причини таа година останав подолго во Скопје и многу доцна отидовме во Охрид со семејството. Некое време подоцна во Скопје дојде дома кај мене Киро Хаџивасилев, истакнат југословенски и македонски политичар и близок пријател со Глигоров. Седнавме во дворот кај мене и тој ме запозна со порака од Глигоров. Суштината на пораката беше да прифатам да се вратам и пак да ме изберат за претседател на Собранието. На Хаџивасилев му одговорив дека тоа не доаѓа во обѕир, а тој ми рече дека претседателот Киро Глигоров лично е крајно незадоволен од Тито Петковски, кој тогаш беше претседател на Собранието. И дека ќе го наговори и Бранко Црвенковски да не прави проблеми пак да ме изберат. Исто така, рече дека Глигоров ќе го притисне Бранко Црвенковски да го смени, да го исфрли од Владата и Благој Ханџиски.
Го слушав внимателно Хаџивасилев и си помислив дека претседателот на Републиката Киро Глигоров има некоја своја лична цел, што има своја логика, а тоа е да ги отстрани од државната власт сите оние непосредни соработници на Бранко Црвенковски, кои со заедно со Бранко, според она што ми го кажа Глигоров, летото 1995 година, околу месец и пол пред атентатот, енергично барале од него да поднесе оставка и да се повлече, а тој ги одбил.

Со исфрлањето на Фрчкоски и со отстранувањето на Тито Петковски и на Ханџиски, од оние што барале од Глигоров оставка, во август 1995 година, а имаат позиции во власта, останува само Бранко. Тоа е заобиколен пат, но веројатно претседателот на Републиката Глигоров имал и лични мотиви да преземе такви чекори. Од разговорот со Хаџивасилев не бев убедив дека, дури и да успее намерата на Глигоров, нешто битно ќе се промени за политиката на земјата.
Киро Хаџивасилев ми рече дека претседателот мислел дека моето враќање за претседател на Собранието многу ќе му ја зајакне нему позицијата, а исто така дека и јас ќе имам можност отворено и јавно, како претседател на Собранието, да ги изнесувам своите оцени и ставови.

Понудата на Глигоров

Покрај тоа, како што ми рече Хаџивасилев, откако јас би бил избран за претседател на Собранието, Глигоров ќе му предложел на Бранко Црвенковски во парламентот да се формира комисија за забрзување на евроатлантските интеграциите, а јас би ја водел таа комисија. Му одговорив на Киро Хаџивасилев одново дека тоа не доаѓа предвид. Сѐ ова да се оствари, дури и да бидам избран за претседател на Собранието и на таква комисија, и со тоа да зајакнат и позициите на претседателот Глигоров, со овој состав на парламентот од тоа нема да излезе ништо. Тие луѓе само земаат плата од државата, а ништо битно не работат. Тие го одбија предлогот да се формира посебна анкетна комисија, која ќе испита како надлежните државни органи се ангажирале во утврдувањето на вистината за инспираторите и извршителите на атентатот врз претседателот Глигоров. И со тоа тие луѓе се солидаризираа со оние што ја саботираа истрагата.
Покрај проблемите со овој состав на Собранието, целата останата машинерија која му е на располагање на Бранко Црвенковски ќе ја спречува работата на таа комисија на која јас би бил претседател. Под негова целосна контрола се и медиумите во Македонија. Па сѐ што се објавува или емитува во медиумите цврсто е во поддршката на Црвенковски и неговата влада, а против секој што има поинакво мислење од она на Црвенковски. Целата таа работа само ќе ми донесе нервози, а нема да даде некој позитивен резултат и затоа предлогот на Глигоров не можам да го прифатам. Меѓутоа, му реков на Хаџивасилев, дека јас имам предлог, и тој нека му го пренесе на Глигоров, да свика состанок со кој би претседавал самиот Глигоров, а на кој би присуствувале: Бранко Црвенковски, јас, Љубчо Георгиевски и Петар Гошев, а и некои од првенците во партиите од албанскиот блок по избор на Глигоров. На тој разговор би се посветиле на барање излез од ова мртвило, од ситуацијата во која западна земјата и на состанокот да договориме воведување пропорционален изборен систем, распуштање на овој состав на Собранието и распишување предвремени избори.

Тој напор треба да го направи Глигоров и да покаже упорност да го премисли Бранко Црвенковски да се согласи со таа иницијатива.
Киро Хаџивасилев, кој беше многу близок со мене, а и со Глигоров, внимателно ме слушаше, малку се замисли и ми одговори: „Сѐ што рече ти, ќе му пренесам на претседателот Глигоров. Ама, колку што го знам, тој за таков остар пресврт не би се одлучил иако би сакал да дојде до такви промени.“
По овој наш разговор со Хаџивасилев, претседателот Киро Глигоров не ми се јави за тоа прашање, а ниту Киро Хаџивасилев, со кој уште неколкупати се гледавме (тој за неколку години почина), но во нашите разговори, таа епизода не ја спомена.

Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието

Крај