Мачниот процес за рекомпонирање на двотретинското мнозинство за изгласување на уставните измени, барем до вчера, не го намали оптимизмот на премиерот Зоран Заев и на неговите поддржувачи за имплементирање на договорот со Грција, но го зголемуваше отпорот кон уставните измени изразен преку секојдневните протести и иницијативи за „пресретнување“ на легитимитетот на спогодбата, кој го вклучува и ангажманот на претседателот на државата Ѓорге Иванов. На првиот ден од протестите пред Собранието, кога почна седницата за усвојување на уставните измени, од демонстрантите беше упатен повик до претседателот Иванов да им се придружи.
Повторно беше актуализиран повикот тој да упати барање, односно нацрт-резолуција до Генералното собрание на Обединетите нации за признавање на Македонија под уставното име, во која би се повикал на правото на самоопределување. Таквата иницијатива речиси со години ја предлага професорот по меѓународно право Игор Јанев. Но таа некако постојано беше „превидувана“ во текот на две и полдецениските преговори за решавањето на наметнатиот спор околу името на Македонија што се водеше под покровителство на Обединетите нации, односно со посредство на специјалниот преговарач Метју Нимиц. Во миговите на сѐ поизвесната промена на уставното име на државата, како и низа други ограничувања во неговото користење, на оваа иницијатива за признавање на уставното име во Генералното собрание на ОН се гледа како на ургентна потреба.
– Македонската нација бескрупулозно е фрлена во депресија, смислено и подло се држи премногу долго во состојба на неизвесност, страв и дефетизам, со уништување и на најмалата надеж дека може да се промени нешто. Претседателот Ѓорге Иванов се тргна настрана и срамно одбегна иницијатива за семакедонски протест на здружената опозиција, организиран и поддржан од неговиот кабинет и со негово лично учество. Одбегна иницијатива и за семакедонски проглас, кој требаше да биде депониран во Обединети нации како трага и историски запис за едно велепредавничко време. Ја пропушти шансата да го поведе народот и да покаже лидерство во клучни историски моменти… – пишува на социјалните мрежи професорот по политички науки Љупчо Ристовски.
По барањата за активирање на претседателот на државата, кој сепак конзистентно го одржува ставот дека не ја поддржува спогодбата со Грција и повиците за меѓународното „деактивирање“ на договорот, се поставува прашањето колкави се реалните изгледи неговата интервенција да ја блокира евентуалната одлука на Собранието. Односно, посуштествено е прашањето дали постојат можности во Обединетите нации да биде прифатено уставното име на Република Македонија пред да се применат одредбите од договорот.
– Република Македонија, односно претседателот на Републиката требаше и досега да се обрати до Генералното собрание на ОН, со поднесување нова нацрт-резолуција, во која ќе биде предложено членството на државата во ООН да продолжи под нејзиното уставно име, а поради флагрантна повреда на повелбата на ООН што се однесува на нејзиниот прием и статус во Организацијата, како и поради непочитување на резолуцијата на Генералното собрание бр. 197/3 од 1948-та. Во овој контекст целосно се согласувам со проф. Игор Јанев дека претседателот Иванов треба да достави писмо до Генералното собрание преку генералниот секретар на ООН, во кое ќе побара советодавно мислење од Меѓународниот суд за правдата (МСП) во Хаг за легалитетот на дополнителните услови при приемот на Македонија во ОН. Во овој процес ќе се користи веќе даденото советодавно мислење на судот од 1948 година според кое дополнителните услови при приемот на држава-кандидат не се легални, ниту пак дека за такви услови органите на ООН смеат да гласаат. Ако Генералното собрание постави такво прашање до МСП, поаѓајќи од преседанот направен во 1948 година со првото судско мислење, судот треба да се прогласи за надлежен и да изнесе став дека при приемот на Македонија во ОН се поставени дополнителни услови и дека таквите не се легални. Оттука, за нелегални ќе се сметаат деноминацијата (референцата) БЈРМ и обврската за преговори за сопствено име, односно сопствен правен идентитет.
Советодавното мислење како одговор ќе се врати во Генералното собрание на ООН, кое, пак, ќе треба само да го прифати мислењето и да ја елиминира референцата-деноминација БЈРМ, заедно со нелегалното барање за преговори за името. Со оваа иста резолуција всушност треба да се овозможи правото на користење на уставното име во ОН – Република Македонија. Со ова, постапката за името завршува и се продолжува членството во ООН како Република Македонија. Исто така постои и втор модалитет преку директно воспоставување на името во ОН – ја објаснува постапката Тања Каракамишева-Јовановска, професорка на Правниот факултет при УКИМ.
По сите овие повици и барања за активирање на Иванов, од неговиот кабинет упатуваат на годишното обраќање во Собранието, во кое, како доминантен предмет на загриженост, тој ја посочува токму Преспанската спогодба, која „всушност ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме“.
– Донесена со изговор дека треба да му стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, оваа спогодба всушност ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е подготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија… Од судбината на државата зависи и судбината на народот. Но и од политичката зрелост на народот зависи судбината на државата. Со бојкот на референдумот, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување. И уверен сум дека еден ден ќе дојде генерација на политичари што ќе го задржи она што сега некој е подготвен толку лесно да го изгуби.
Во моето обраќање во Обединетите нации веќе зборував на таа тема. Можности секогаш постојат, и во односите со Грција и во односите кај нас дома. Прво, обновување на односите со Република Грција и враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење доверба, кои почнаа да даваат резултати. Но за да се постигне тоа, грчкото и македонското општество треба да научат како да живеат заеднички и покрај нивните најдлабоки разлики и перцепции. Второ, обновување на националниот консензус во Република Македонија. Треба да разговараме и да ги разгледаме опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Но за тоа е потребна политичка волја, тука, кај нас – објасни претседателот Иванов во своето годишно обраќање, имплицирајќи ги насоките за сузбивање на последиците од имплементацијата на спогодбата од Преспа.