Сите пијалаци, продукти, храна и многу други производи наменети за секојдневна употреба и натаму доаѓаат спакувани во пластична амбалажа, така што ако сето тоа се искомбинира со немањето организиран систем за селекција на отпадот во домаќинствата и несовесноста кај дел од граѓаните, резултира со расфрлана пластика насекаде
За справувањето со пластичниот отпад, владина мерка за намалување на употребата на најлонските ќесиња
Владата донесе одлука од 1 декември пластичните ќесиња во трговијата да се наплатуваат по 15 денари. Тоа е мерка со која се сака да се влијае кон заштита на животната средина, поточно државата очекува со наплатување на пластичните ќесиња од граѓаните да го ублажи проблемот со пластичниот отпад.
Со право ли најлонските ќесиња како отпаден агенс добија приоритет над пластичните амбалажи и другата пластика
Речиси на секој чекор има диви депонии на кои најчесто завршуваат купиштата пластични шишиња, а најзабележливо е нивното присуство во реките и езерата, уништувајќи ги животинскиот и растителниот свет насекаде каде што ќе дојдат во контакт со природата. Сите пијалаци, продукти, храна и многу други производи наменети за секојдневна употреба и натаму доаѓаат запакувани во пластична амбалажа, така што ако сето тоа се искомбинира со немањето организиран систем за селекција на отпадот во домаќинствата и несовесноста кај дел од граѓаните, резултира со расфрлана пластика буквално насекаде. Но според упатените, истражувањата покажуваат дека ќесињата процентуално зафаќаат најмалку како пластичен отпад, односно се најмалиот проблем за разлика од сета пластична амбалажа што се наоѓа во оптек.
Сега државата очекува со наплатување на пластичните ќесиња од граѓаните да го ублажи проблемот со пластичниот отпад, но според упатените, неопходни се пакет комбинирани мерки со кои ќе се стимулираат трговците тие да понудат замена на ваквите ќесиња со хартиени, изработени од рециклирана хартија.
Практика во западниот свет е во трговијата да циркулираат хартиени ќесиња што се еколошки и кои не ја загадуваат околината, а со нивното рециклирање можат да се употребат неколкукратно. Тоа, од друга страна, ќе помогне и за решавање на проблемот со купиштата хартија, кои во голем дел завршуваат расфрлани по депониите и воопшто не се рециклираат.
Покрај тоа, и самите трговци можат да понудат по некоја симболична сума платнени брендирани торби за граѓаните што дошле во продавницата по некоја случајност и не носат со себе торба за пазарување.
Различни граѓански реакции на владината мерка за висока цена на пластичните ќесиња
– Државата со години не знае да се справи со пластичниот отпад, па сега ќе ги удира граѓаните по џебот и ќе им наплаќа 15 денари за ќесиња во продавница. Кога одам на пазарување носам торба, но многу често во продавница поминувам и кога се враќам од работа и не секогаш имам торба со себе. Сега да давам 15 денари за ќесе е премногу, а обично при пазарување ви се потребни најмалку две. Можат и маркетите да делат хартиени ќесиња, па нека ги стимулира нив државата, а не да ги ограбува луѓето – вели Добре Велковски, агроном.
Според него, многу поголем проблем е другата пластична амбалажа што е во продавниците, а не ќесињата.
– Повеќето пијалаци се во пластика, јогурти, маргарини, разни колачи, потоа детски играчки, сè е спакувано во пластична амбалажа. Дома собирам купишта пластични шишиња оти од „Комунална хигиена“ не сакаат да ги подигнат со преостанатиот смет, па подоцна сам ги носам во контејнери за пластичен отпад. Едно време поминуваа некои приватни лица што го земаа пластичниот отпад, но и тие се откажаа поради неисплатливост. Немаме систем, тоа е проблемот. Треба дома да имаме можност за селектирање на отпадот и како таков да го собираат комуналците. Вака некој како мене ќе го однесе во контејнер, но некој ќе го фрли каде што ќе стигне. Затоа лично сметам дека наплатата на ќесињата само ќе биде нов удар врз граѓаните, а проблемот со загадувањето ќе си остане – категоричен е Велковски.
Познавачите на состојбите се согласуваат дека има системски пропуст во справувањето со отпадот поради што граѓаните се првите што ќе ја платат цената за таквата неажурност.
– Кај нас не се воспостави систем за селекција на отпадот уште дома. На Запад населението е стимулирано да го селектира отпадот бидејќи казните се големи и затоа таму владее ред и се знае каде се фрла пластика, а каде преостанатиот отпад – вели Ико Брдаровски од „Пакомак“.
Според него, на сето ова влијае и тоа што никој не е казнет кога ја загадува природната средина.
– Менталниот склоп на нашите граѓаните е таков каков што е, затоа што никој не платил казна. Се фрла смет од балкони, на улица, но никој за тоа не е казнет. Низ цела земја има диви депонии на кои се фрла градежен шут, а казната за камионџијата што ќе биде фатен како го истура шутот е многу помала отколку сумата што треба да ја плати ако легално го однесе на „Дрисла“. Нормално е дека тој ќе ризикува казна. Има некои нелогичности што системски треба да се решат- посочува Брдаровски.
За него мерката да се наплатуваат ќесињата од 1 декември е резултат на нашите заложби да се доближиме до Европа.
– Без оглед колку и да изгледа непопуларна оваа мерка, мислам дека ова е прв чекор за да почнеме да наликуваме на Европа во делот со управување со отпад, се разбира ако целиме кон неа. Ако треба да искачиме 20 скалила во остварувањето на ваквата цел, наплатата на ќесињата е првата скала, бидејќи голем дел од населението токму овие ќесиња ги користи за да фрла смет. Кога ќе почне Европа да нè казнува за тоа колку имаме диви депонии, тогаш ќе почнат сите да се освестуваат оти казните што ќе ни ги наложат и кои не се воопшто мали, повторно ќе бидат платени од џебот на граѓаните – констатира Брдаровски.
Тој уште ги повика граѓаните да им се вратат на платнените торби и да придонесат за намалување на пластичниот отпад, па макар почнале и со ќесињата.
Франција ја забранува пластичната амбалажа за овошјето и зеленчукот
Франција од јануари 2022 година ќе ја забрани пластичната амбалажа за речиси сето овошје и зеленчук, соопшти тамошното Министерство за животна средина.
Спроведувајќи го законот од февруари 2020 година, Владата објави список на околу 30 вида овошје и зеленчук што од 1 јануари ќе мора да се продаваат без да бидат спакувани во пластична амбалажа.
– Во секојдневниот живот користиме огромно количество пластика за еднократна употреба. Целта на Законот за циркуларна економија е да се намали употребата на пластика за еднократна употреба и да се зголеми нејзината замена со други материјали или амбалажа за повеќекратна употреба и рециклирање – се наведува во соопштението од министерството.
Процените се дека 37 отсто од овошјето и зеленчукот се продаваат со амбалажа и се очекува оваа мерка да спречи повеќе од милијарда бескорисни пластични амбалажи годишно.