Дали е хипотетички можно во некоја блиска или подалечна иднина, доколку за тоа се создадат такви правно-политички услови, во Македонија да се одржи нов референдум, со кој ќе се преиначат резултатите од актуелниот, какви и да се, и за кој, патем, сѐ уште трае кампањата и кој треба да се одржи допрва, на 30 септември. На ваква дилема нѐ наведуваат слични политички процеси поврзани со референдуми што се одржале или се одржуваат во други држави на Стариот Континент, а кои индиректно имаат некои допирни точки со македонските политички случувања. Од друга страна, веројатно најеклатантен пример на промена на јавното мислење е Британија, каде што граѓаните прво го поддржаа брегзит и излегувањето на земјата од ЕУ, но сега анкетите се сосема во друга насока и граѓаните се против таа одлука.
Така, неделава влијателниот лондонски градоначалник Садик Кан ја поддржа идејата за организирање нов контрабрегзит-референдум во Велика Британија, со кој ќе се анулира одлуката од претходниот референдум и Британија ќе остане во ЕУ.
Како што пренесуваат медиумите, лондонскиот градоначалник Садик Кан повикал на одржување нов референдум во врска со прашањето за британското членство во Европската Унија и со тоа му даде сериозна поддршка на движењето наречено „Глас на народот“.
Токму овој нов можен референдум има за цел да ја преиспита одлуката на Велика Британија за излез од членството на земјата во Европската Унија, на кое британските граѓани во исклучително тесни резултати изгласаа излегување од „европското семејство“.
Британските медиуми информираат дека одредени политички струи во земјата сега работат на идејата за организирање нов референдум, со кој ќе се обидат или да го спречат излегувањето на државата од Европската Унија или, пак, во најмала рака, да ги ублажат работите, па Велика Британија и натаму, дури и да не е членка, да остане тесно поврзана со ЕУ.
Од друга страна, во согласност со резултатите на претходно одржаниот референдум, Велика Британија би требало да ја напушти Европската Унија на 29 март идната година.
Но со оглед на тоа што британската премиерка Тереза Меј не може да состави адекватно решение за „разводот“ со ЕУ, во земјата сега се појави нова идеја за организирање референдум на кој британските државјани уште еднаш ќе кажат што всушност сакаат – да остане државата во Европската Унија или не.
Аналитичарите од Островот прогнозираат дека кампањата што ја предводи градоначалникот на Лондон има за цел да изврши притисок на врвот на Лабуристичката партија и лидерот Џереми Корбин да ја поддржи идејата за организирање нов референдум. Кога станува збор за референдумите и одлуките на нив и во Шпанија постои длабока поделеност во однос на ова прашање, кое пред сѐ се однесува на случувањата во Каталонија.
Во меѓувреме, од македонска перспектива, каде што исто така има голема поделеност во однос на настаните поврзани со референдумот и со спогодбата со Грција од Мала Преспа, експертите велат дека се можни секакви сценарија по овие случувања.
Поранешниот амбасадор и познавач на меѓународната политика Ристо Никовски вели дека нема да биде првпат ако се повтори референдумот, па дали тоа било во Британија за брегзит или било кај нас за капитулантскиот договор со Грција.
– Пред некое време, Данска го повторуваше својот референдум за (Лисабонскиот устав), и тоа по налог на Брисел, бидејќи првиот не успеа, а вториот успеа. Има таква практика во Европа. Британија ќе направи многу добро ако го повтори референдумот и остане во Унијата, бидејќи брегзитот ѝ е голема грешка. Кај нас, прво да видиме што ќе одлучи Уставниот суд. Шансите да го поништи референдумот или да го стопира не се мали. За жал, тоа нема да биде резултат на уставното однесување на нашиот суд, туку најверојатно ќе биде резултат на нова странска интервенција. Нашиот референдум е неуставен и незаконски. Поставени се три прашања за еден одговор. И ако владее правото во оваа држава, тој мора да биде поништен. Сепак, да почекаме да видиме, па ќе коментираме – вели Никовски.
Дополнително, Никовски додава дека во секој случај нашиот референдум ништо не одлучува, бидејќи, како и да заврши тој и со каков било резултат, ништо нема да реши.
Политикологот Милан Стефаноски има сличен став, но додава дека во македонскиот случај многу тешко може да се спроведе нов референдум по ова прашање, дури и да има волја за тоа кај народот.
– Оваа констатација ја аргументирам со фактот дека Македонија не е на нивото на демократско дејствување како Британија, но истовремено ние сме земја што самата никогаш не одлучува за своите политики, туку тие се носат во рамките на волјата на меѓународната заедница, но и на другите помалобројни националности и народи што живеат во земјата – вели Стефаноски.