Фото: Игор Бансколиев

Изминатиот период во тек се интензивни инфраструктурни градежни активности за осовременување и модернизирање на воениот полигон Криволак, кој се смета за еден од најдобрите во Европа. Останува да се види колкава сума на пари оваа армиска сопственост може да генерира во иднина

Може ли Македонија, користејќи ја својата воена инфраструктура, особено со акцент на армискиот полигон Криволак, да ги покрие во целост или барем дел од финансиските трошоци и членарината од нашето членство во НАТО. Овие дилеми се актуелни во домашната јавност откако повеќе од два месеци инженерскиот баталјон на војската, заедно со канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД, реализира проекти за поправка на постојната патна инфраструктура, како и за обележување и пробивање траси за нови патни правци на полигонот Криволак. Сето тоа е показател дека Криволак се осовременува и подготвува за поголеми вежби и активности.
За време на својата неодамнешна посета на Криволак, претседателот Стево Пендаровски истакна дека Македонија, како 30-та земја-членка на НАТО, има што да им понуди на своите сојузници во Алијансата.
– Полигонот за вежби Криволак, во кој изминатиов период се вложува многу, за да се модернизира армискиот полигон, е еден од нашите ресурси што можеме да му ги понудиме на НАТО – изјави претседателот Пендаровски.
Во меѓувреме, според информациите добиени од армијата, на Криволак во тек се активности за подобрување на системот обиколница и внатрешно поврзување, со вкупна должина од околу 74 километри.

Оттаму додаваат дека се прави подготовка за влезови на полигонот од север, запад и од исток, а со новата инфраструктура, според планот, ќе се зголеми мобилноста во рамките на полигонот, како и капацитетот за изведување вежби, на рангот на други развиени земји.
Од друга страна, нашата држава како најнова членка на сојузот се обврзува, според изјавата на министерката Радмила Шеќеринска, за годишен износ за членство во НАТО на Македонија да издвојува околу 1,2 милион евра.
Според информациите објавени на интернет-страницата на НАТО, сите сојузници во Алијансата учествуваат во заедничкиот буџет со директни придонеси, утврдени со помош на посебна формула за поделба на трошоците врз основа на висината на износот на бруто-општествениот доход (БОД) и износот на вкупниот буџет на НАТО.
Имено, во таа насока докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека секое искористување на воените капацитети за придобивки од секаков вид наменети за подобрување на одбраната на земјата е акција на државата во вистински правец.
– Со зголемувањето на капацитетите и подобрувањето на условите на воениот полигон Криволак, всушност инвестираме во модерен армиски адут.

Овој полигон, инаку, според Законот за одбрана, но и плановите за развој и стратегиите на Министерството за одбрана (МО), е предвидено да се изнајмува за користење на сојузничките армии од НАТО, но останува да се види колкава сума на пари оваа армиска сопственост може да генерира и дали таа ќе биде доволна да ја дополни сумата од 1,2 милион евра што се потребни за членство во Алијансата – вели Марковски.
Аналитичарот резимира дека секој денар, евро или долар собрани на овој начин што ќе се влеат во касата на МО се добредојдени, бидејќи на тој начин се засилува буџетот и на државата и на одбраната.


Најдобар воен полигон во Европа?

Воениот полигон Криволак е една од највредните работи што ги поседува АРМ. Според познавачите на состојбите, тој важи за најдобар воен полигон на европска почва. Со површина од над 1.200 квадратни километри, полигонот зафаќа речиси пет отсто од вкупната територија на државата и е можеби и највредната сопственост на АРМ. Армискиот полигон кај истоименото село во општината Неготино има услови за воена обука какви што нема на ниедно друго место на Балканот. Тој налето е како во пустина, а во зима како на Сибир, а теренот е сличен токму на местата каде што сега има оружени конфликти, Сирија и Украина. Тоа е местото каде што најчесто тренираат нашата и други сојузнички армии. Во меѓувреме, на Криволак во моментов има околу 300 легла за војници, а планирани се и проширувања на капацитетите за уште толку за изградба, за да може да се смести цел пешадиски баталјон.

[email protected]