Во македонското собрание се одвива работилница за ревидирање на упатството за примена на етичкиот кодекс за пратениците. Но чуму ревидирање на нешто што никогаш и не заживеало во практика, што не постои и граѓаните не го воочиле. Пратениците во македонското собрание изминатите три децении покажаа дека се скарани со моралот и етиката во нивното работење, многупати погазувајќи ги основните постулати, како чесност, одговорност, посветеност, транспарентност…
Кој за што, пратениците за етиката
Пратениците во македонското собрание изминатите три децении покажаа дека не водат грижа за етичноста во нивното работење, многупати погазувајќи ги основните постулати, како чесност, одговорност, посветеност, транспарентност, иако често носат одредени документи на хартија, кои воопшто не ги применуваат во практика. Најнов чекор во таа насока со кој сега ќе ја враќаат довербата кај граѓаните е ревидирање на старото упатство за примена на етичкиот кодекс за пратениците.
Во таа насока е и одржувањето на работилницата за идентификување на потребите за ревидирање на упатството за примена на етичкиот кодекс за пратениците, во чии рамки се согледаа основните етички принципи и вредности, компаративниот преглед на упатствата за примена на етичките кодекси или кодексите за однесување (примери на најдобрите меѓународни практики) и идентификувањето на областите што недостигаат во упатството за примена на кодексот за етичко однесување на пратениците.
Како и да е, без оглед што пратениците при стапувањето на функцијата го потпишуваат кодексот за етичко однесување, во суштина нивниот потпис е само мртва буква на хартија кога во реалност се далеку од етичко однесување, туку постапуваат по диктат.
Поради тие причини се наметнува и дилемата зошто воопшто е потребно некакво ревидирање на постојното упатство за примена на етичкиот кодекс за пратениците, кога токму тој кодекс и ваков каков што е никогаш вистински не заживеа во нивните глави.
Еве, дури и да се ревидира упатството, тоа во реалност нема ништо да значи, бидејќи проблемот на етичкото, односно неетичкото однесување на функционерите во државата е во менталниот склоп на политичарите. Тие функцијата повеќе ја разбираат како позиција од која можат да обезбедат лична и партиска бенефиција, наместо бенефиција за граѓаните, општеството и државата.
Да функционираше досега фамозниот кодекс за етичко однесување, тогаш требаше барем нешто да се види од него во однесувањето на народните избраници, наместо да сме сведоци на постојана неетичност во однесувањето на пратениците, кои наместо интересите на оние што ги избрале, ги фаворизираат личните и партиските интереси. Затоа постојано има и манипулации со патните трошоци, со блокадите во Собранието, со калкулациите при носењето на законите, со недисциплината на седниците, со недостигот од основна култура во дискусиите, со непостоењето на вистинска конструктивна дебата, со криењето зад пратеничкиот имунитет кога ќе се прекрши законот, со конфликтот на интереси, со бенефициите што постојано си ги изгласуваат итн.
Во таа насока и не треба да изненадуваат забелешките на ГРЕКО во однос на упатството за примена на кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието, од каде што посочуваат дека и понатаму не се применуваат нивните препораки.
За социологот Илија Ацевски не е проблем кодексот, туку однесувањето и културата на самите пратеници.
– Тоа навлегува во однесувањето што е својствено на култура, на чесност, на морал, сето она што е надвор од некаква правна регулатива. Тоа е врзано за човековите особини. Во овие услови во кои живееме, кога ќе ги поврзеш работите во некаква политичка смисла, сите тие човечки доблести како да се ставаат под знак прашалник – вели Ацевски.
Според него, македонските искуства покажуваат дека колку повеќе луѓето се неетични, толку повеќе се подобни за партиите.
– Ако некој направи некаков прекршок во рамките на кругот на институцијата, веднаш треба да се исклучи. Тоа се западните искуства. Кај нас дури имаме обратно однесување. Колку сте вие порасипан, побезобразен, понападен, побезобѕирен, толку повеќе напредувате во кариерата и сте пожелен за самата партија. Каде тука можеме да зборуваме за кодекс за етичко однесување? Истите тие што се плукаат меѓу себе, подоцна седнуваат и почнуваат да се договараат. Тој кодекс на таквото нивно однесување се пренесува и во партиските преговори. Затоа ние како граѓани сме разочарани – нагласува Ацевски.
Слично размислува и аналитичарот Синиша Пекевски, кој вели дека пратениците се скарани со етичноста.
– Пратеник и етика е како Марс и Земја. Тие два поима се дијаметрално спротивни и не одат заедно во ниту една варијанта. Ниту има етика, ниту има квалитет, ниту, пак, има што било добро што може да се врзе за поимот пратеник – појаснува Пекевски.
Тој додава дека проблемот со неетичноста кај пратениците е создаден од партиските лидери, кои не дозволуваат пратениците да постапуваат и да гласаат во согласност со своите етички принципи буквално по сите прашања.
– Веќе се сведовме на султан-партии. Не може да се види различно мислење во партиите и сите гласаат како роботи. Каква етичност може да очекуваме од луѓе што гласаат како роботи – прашува Пекевски.
Според него, најнов пример за неетичко однесување на пратениците е изгласувањето на Законот за легализација на дивоградби.
– Каква етичност има во тоа да гласаш за легализација на објекти кога знаеш дека тие се градени во заштитени подрачја, кај извори… Етички ли е да се легализира базен? Такво нешто може да гласаат само машини. Тоа се само роботи во рацете на султанот на партијата, без никаква емоција и доблест – заклучува Пекевски.