Оние што сѐ уште имаат некакви забелешки или, уште полошо, прават политикантски калкулации и опструкции на даденото зелено светло за одржување на пописот, треба да ја имаат предвид констатацијата на низа реномирани странски и домашни професори и истражувачи дека „нема сериозна држава без редовно спроведување на оваа комплексна и мошне важна статистичка операција“. Во овој контекст за издвојување е фактот дека Македонија е во друштво со Сомалија и со Украина, земји што немаат спроведено попис нешто повеќе од десет години, и дека кај нас на оваа статистичка операција се чека веќе 20 години.
Неодамна на овој проблем се осврна и познатиот економски дневен весник
„Фајненшл тајмс“
Политички договор како гарант за релевантноста на пописните податоци?!
Топло-студено со одржувањето на пописот следната година. Имено, ако претходно не се постигне меѓупартиски договор меѓу сите политички субјекти во земјава за прифаќање на резултатите, без оглед какви и да се, пописот повторно би се ставил на „тенок мраз“?! Но неодамна премиерот Заев беше дециден за значењето и одбирањето соодветно време за пописот. Неговиот одговор беше строго определен, односно дека треба конечно пописот да се растовари од политика, а дека резултатите од него ќе бидат ставени во функција на планирање на идните развојни стратегии во државата.
Оние што сѐ уште имаат некакви забелешки или уште полошо, прават политикантски калкулации и опструкции на даденото зелено светло за одржување на пописот, треба да ја имаат предвид констатацијата на низа професори и истражувачи дека „нема сериозна држава без редовно спроведување на оваа комплексна и мошне важна статистичка операција“. Во овој контекст за издвојување е фактот дека Македонија е во друштво со Сомалија и со Украина, земји што немаат спроведено попис нешто повеќе од десет години, и дека кај нас на оваа статистичка операција се чека веќе 20 години.
Неодамна на овој проблем се осврна и познатиот економски дневен весник „Фајненшл тајмс“.
– Пописот во минатото беше одложуван поради неподготвеноста да се потврди прецизно етничкиот состав на населението меѓу Македонците, Албанците и другите малцинства. Пописот од следната година во Македонија треба да обезбеди важни податоци за стапките на вработување и природниот прираст – се наведува во статијата.
Потврда дека без претходен договор за прифаќање на резултатите не е возможно одржување на пописот стигнува и од највисоките политички кругови во земјава.
– Пописот и резултатите никако не влијаат на Уставот и Охридскиот рамковен договор. Да се растовариме од оваа работа. Пописот треба да се спроведе заради рамномерниот развој, економските параметри, статистиките, кои ни требаат во државата – изјави неодамна премиерот Зоран Заев.
Неговата изјава следуваше откако претходно претседателот на државата, Стево Пендаровски, рече дека и власта и опозицијата ќе мора заеднички да договорат закон за попис што ќе биде во согласност со сите највисоки европски стандарди на Еуростат, а покрај тоа да се договорат и за носење политичка декларација што би била гарант дека резултатите од пописот нема да доведат до ревизија на рамковниот договор или на Уставот, за да не се оспоруваат бројките од пописот.
– Мораме да сфатиме една работа. Во демократијата правата на луѓето мораат да одат само нагоре и нагоре, никако надолу, никако надолу, тоа е рецепт за катастрофи и тензии. Ние ги имавме тие работи – рече Пендаровски.
Дел од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека пописот ѝ е и повеќе од потребен на државата и дека „евентуалниот претходен договор меѓу партиите за прифаќање на резултатите ќе биде гарант за прибирање веродостојни податоци?“
– Она што е постигнато во однос на правата на етничките заедници во него не треба воопшто да се чепка, односно да се доведува во прашање, без разлика дали некој е 15 или 25 отсто. Ако претходно нема договор, ќе се случуваат многу малверзации и ние нема да добиеме реална слика за бројот на население во Македонија – вели Илија Ацевски, социолог.
Според него, ако се влезе со тој политички момент дека ако некоја етничка заедница е под 20 отсто и дека треба да ги загуби сите права, тогаш тоа ниту ќе биде попис, ниту реалност, ниту, пак, некаква објективност.
– Пописот е една операција што бара релативно мирно, неполитизирано однесување, за да се добијат релевантни податоци. Ние сме уникатна земја во светот без спроведен попис. Тука треба да се постигне тој консензус дека без разлика на тие резултати нема да се доведуваат под прашалник стекнатите права – смета Ацевски.
Тој додава дека тоа не треба да го злоупотребуваат ниту партиите, за да не дојде до продлабочување на радикализмот.
– Без попис нема држава – категоричен е Ацевски.
За универзитетскиот професор Живко Андревски пописот математички и статистички мора да ја одрази реалната ситуација, а политичарите треба да бараат решенија за проблемите што би се јавиле.
– Има правила за организирање попис од тој тип. Има критичен датум што е мерка, има пописни листи, има стандарди европски и светски, значи тоа треба да се почитува. Тоа што кај нас политичарите се договараат, тоа значи дека можат да се случат според нив непосакувани резултати и за да ги предупредат последиците од таквите резултати се бараат вакви решенија од типот на договор дека нема да ги оспоруваат резултатите, дека нема намалување права…
Сепак, државата треба да се избори и да го спроведе пописот според светски стандарди и научни правила за попис, а овие договори се прашање на политичко, или типично политичко однесување – вели Андревски.
Тој додава дека спроведувањето на пописот е важно и таа операција треба да се направи.
– Треба максимално да се настојува пописот да се спроведе според највисоки стандарди и критериуми, а во рамките на политичкото живеење да се бараат решенија – истакнува Андревски.