Повлекувањето на американските и сојузничките војски од Авганистан може да биде причина за нов голем бегалски бран кон Европа, предупредуваат експертите
Ново бегалско цунами во најава
Прашањето за ново заживувањето на мигрантската маршрута, по која илјадници азиланти и мигранти од Блискиот Исток и Африка би се упатиле кон Балканот, а со тоа и кон Македонија, повторно се актуализира. Повод за ваквите стравувања од нов голем мигрантски бран овој пат е сојузничкото повлекување на војските од Авганистан
Порталот „ЕУ обзервер“ пишува дека повлекувањето на американските сили од Авганистан, но и на многуте држави од меѓународната коалиција што се стационирани во оваа земја, ќе придонесе талибанците повторно да ја зграбат државата. Овие настани може да бидат и главен мотив стотици и илјадници Авганистанци, кои и онака беа присутни во минатата бегалска криза, повторно да се обидат да стигнат до Европа.
Според последните статистички прегледи за 2020 година, Авганистанците претставуваат втор по големина народ или група што побарала азил во некоја од европските земји.
Анализите покажале дека најмногу Авганистанци, или 30 проценти, побарале азил во Грција, следни од земјите на оваа листа се Австрија, со 23,3 проценти, Белгија 17,9 отсто, Франција 13 проценти и Германија со десет проценти.
Во моментов, во 2021 година, над 50 отсто од сите бегалци и мигранти низ мигрантските кампови во Егејско Море по потекло се Авганистанци.
Состојбите поврзани со авганистанските мигранти дополнително ќе ја проблематизираат и Турција, која во овој момент има згрижено во своите кампови над три милиони мигранти од Блискиот Исток и може да се создадат околности да се исполнат заканите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека „ќе ги отвори портите“ и ќе дозволи бегалците и мигрантите во Турција да ја напуштат земјата и да се упатат кон западноевропските земји.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на случувањата, домашни и странски аналитичари алармираат дека регионот треба да ја подигне готовноста пред потенцијалната закана од второ бегалско „цунами“ што може да го погоди регионот.
Европскиот експерт на илегални миграции Илија Рубанис за „Нова Македонија“ вели дека состојбите со мигрантите и бегалците се алармантни во камповите на грчките острови, а дополнително ситуацијата е проблематична по должината на копнениот превој со Турција.
Рубанис вели дека повлекувањето на мировните сили во Авганистан е сериозен геополитички чекор што го иницира САД и тој многу веројатно ќе има и свој негативен предзнак во настаните, што може да се отслика во нов бегалски бран.
– Земјите пополека ја ставаат под контрола пандемијата на ковид-19, па дури и многу од нив ги вакцинираат мигрантите што веќе и онака престојуваат во Европа. Па, оттаму, логично е да се стравува од нов мигрантски бран ако се знае дека во тек е едно огромно поместување на голем број воени трупи од Блискиот Исток во време кога се намалени здравствените ризици од пандемијата – истакнува Рубанис.
Слично размислува и безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, кој смета дека е очигледно оти на глобалната сцена повторно се крчка нешто со мигрантите и бегалците.
Тој советува надлежните во земјава, во соработка со меѓународните партнери и припадници на Фронтекс, кои веќе се присутни во Македонија, подготвено да реагираат, на истиот начин како што земјата реагираше во 2015-та, во екот на бегалската и мигрантска криза.
– Во овој момент Македонија мора да постапува како сите други европски земји што се соочуваат со овие заканувања. Во целост мораме да бидеме внимателни, бидејќи можеме да се соочиме со уште поголема бројка од онаа што ја доживеавме доколку ова сценарио се спроведе, кое засега мислам е сѐ уште во сферата на хипотезата. Предлагам херметичкото затворање на границите поради здравствените и безбедносните закани и следењето на политиката на соседите ќе биде клучно во справувањето со последната ситуација во целост – вели Стефановски.