Здравствениот протокол за денот на изборите е сосема безбеден за граѓаните, зашто чинот на самото гласање трае само неколку минути, велат лекарите, но сепак предупредуваат дека најголема опасност од ширење на вирусот може да се случи на крајот од самиот изборен ден, кога евентуално ќе се организираат прослави или протести
Покрај фер, слободни и демократски избори, посебен предизвик за гласањето на 15 јули годинава ќе биде да се заштити здравјето на граѓаните. Самиот ден на гласањето е само еден од предизвиците, а другиот се деновите на кампања. Одговорноста покрај државните власти, кои ги спроведуваат изборите, ја имаат и политичарите, партиите, но особено граѓаните и гласачите. Од сите нив зависи дали по еден месец од сега ќе можеме да констатираме дали има или нема кластер на заразени наречен избори. За да помине сѐ во ред, веќе се изработени здравствените протоколи, кои Државната изборна комисија (ДИК) ќе мора да ги преточи во задолжителна обврска за сите.
Сепак, колку тие ќе бидат ефикасни ќе покажат времето и нивното почитување.
Оливер Дерковски, претседателот на Државната изборна комисија, вели дека здравствените протоколи што ги добиле од Комисијата за заразни болести сега ќе ги преточат во облигаторни документи за примена од страна на избирачките одбори, кои ќе мора сите да ги почитуваат. За сите што ќе работат на изборниот ден ќе има и претходни обуки.
– Сепак, треба да упатиме и апел до граѓаните да бидат соодветно заштитени и дека нема да можат да влезат на едно избирачко место без маска. Веќе ги правиме усогласувањата за самите избирачки места, правиме пренасочување на некои простории. Ако избирачкото место е на втор кат, го дислоцираме на прв кат или во спортска сала. Промена ќе направиме на 15 до 20 отсто од веќе планираните избирачки места. Состојбата во училиштата, каде што најчесто се сместени избирачките места, е безбедна – објаснува Дерковски.
Лекарите велат дека ако се почитуваат препораките, во јули ќе го избегнеме кластерот избори. Тие посочуваат дека за да се избегнат можности за зараза на самите избирачки места треба да има повеќе редари, кои ќе ги контролираат гласачите, како и оние што ќе работат на самите избирачки места. Сепак, предупредуваат дека најголема опасност од ширење на вирусот може да се случи на крајот од самиот изборен ден, кога евентуално ќе се организираат прослави или протести.
Микробиологот доктор Никола Пановски вели дека здравствениот протокол за денот на изборите е сосема безбеден за граѓаните, зашто чинот на самото гласање трае само неколку минути.
– Голем дел од граѓаните изминатиот период одат на работа, одат по продавници и со тоа се изложени на можност од заразување. Во случајот со гласањето, можноста за ширење на вирусот е сведена на минимум. Мерките за носење маска и дезинфекција на рацете се нешто што и така секојдневно треба да се прави. Опасноста за пренос на вирусот повеќе се однесува на оние што ќе работат на изборите, на избирачките места или во изборните комисии. Контролата треба да ја прават Министерството за внатрешни работи и здравствени власти. Можеби на избирачките места треба да се постават повеќе редари, кои би го следеле целиот изборен ден – посочува Пановски.
Според него, можноста за ширење на вирусот и на заразување повеќе луѓе постои ако по спроведените избори се организираат прослави или, пак, протести.