Проф. д-р Злате Димовски/Фото: Архива

ЕКСПЕРТСКО ГЛЕДАЊЕ НА МОДЕЛИТЕ ЗА ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР (2)

Поради големото значење на реформите од областа на безбедноста и високиот степен на јавен интерес за претстојните системски промени, „Нова Македонија“ продолжува со серијата текстови од оваа област. По објавениот циклус новинарски текстови, продолжуваме со претставување на експертските гледишта и во денешното издание го пренесуваме мислењето на д-р Злате Димовски, редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопје

Во различни држави различно се одредени местото и улогата на безбедносните и разузнавачки институции. На нивната позиција, дејност и структура, пред сѐ, битно влијаат основните карактеристики на политичкиот состав на конкретната држава, карактеристиките на составот на националната безбедност, положбата на државата во меѓународните односи, разбирањето на поимот национална безбедност и организацијата на власта.
Преку анализа се доаѓа до заклучок дека во светот постојат три групи модели на организација на безбедносно-разузнавачкиот сектор или заедница, условно наречени американски, британски и руски. Во основа овие модели послужиле како база за градење современи системи. Американски систем – Германија, Јапонија, Јужна Кореја, руски – поранешните држави од условниот социјализам, додека другите европски држави го имаат британскиот модел.

В согласност со изнесените мислења за моделите што се кооптирани од страна на авторитетите и работните групи во МВР за реформи на УБК, во правец на подобрување на функцијата на остварување на безбедносната и контраразузнавачката служба, како и на разузнавачката активност на институциите за спроведување на законите, анализирајќи ги моделите на службите од неколку држави од соседството и регионот, можам да изнесам свои видувања.

Елементи што треба да се решат во оваа фаза на реформа (приспособување на службите во согласност со наметнатите потреби) на УБК.
Јасно дефинирање на надлежностите и овластувањата на субјектите што организациски ќе припаднат во новата реформирана УБК. Во досегашниот период имаше преклопување на надлежности и работа со предмети, кои најчесто беа во сферата на интерес на две или повеќе служби. На пример организираниот криминалитет како појава и по поединечни појавни облици беше разработуван од сите служби во РМ, со таа разлика што некои од службите додаваа само некој дополнителен нерелевантен назив (стилски или козметички) само да се даде тежина. Така во УБК, на третиот сектор предмет на работа му се ,,потешките форми на организиран криминал“.

Во фазите на прибирање информации и сознанија никој не може да ја испочитува таа условна додавка и да цени дали да се зафати со работа прејудицирајќи дека е потешка форма на криминал. Таквите зафаќања само ја оптоваруваа оперативната работа преку условно разработување на ист предмет, лица, објект, група, од повеќе служби. Кога зборуваме за овластувања во потесна смисла, како полициски овластувања, кои сега ги поседуваат вработените во УБК, во согласност со странските искуства, треба да бидат симнати и вработените да немаат такви овластувања. Имено во најголемиот број држави, кои беа предмет на моја анализа, службите од типот на УБК и Агенцијата за разузнавање во нашата држава, немаат полициски овластувања, тие се ангажирани за собирање информации и сознанија, а посебно тело со полициски овластувања ќе ги спроведува криминалистичките контроли и обработки, како и оперативните акции. Ваквиот пристап ќе биде доста тежок, поради неможноста многу вработени во УБК да ја разберат новата поставеност и да се откажат од полициските овластувања. Поради тоа треба да се влијае на свеста на вработените и нивна психичка подготовка за прифаќање на новите решенија.

Реална, а не формална координација – со полициските служби и со другите служби за спроведување на законите, а особено со телото што ќе ужива полициски овластувања, а ќе биде дел од УБК.

Раководењето ќе мора да се приспособи на реалните состојби, кои ќе бидат дефинирани со реформата, така што ќе треба да се работи со мала и ефикасна служба, ослободена од преоптоварена систематизирана бројност на човечки ресурси. Поставеноста мора да биде на основа на субординација, координација, функционалност, ефикасност и ефективност.

Правилно насочување – јасна одреденост на предметот, целите, визијата и мисијата на службата што ќе се реформира. Тоа значи дефинирање на предметот на собирање информации и јасна стратегија за егзистирањето во системот за безбедност во РМ.
Контролата треба да биде внатрешна (во сопствените редови, во функција на отстранување на аномалиите во работењето) и надворешна (парламентарна, институционална, граѓанска). Задолжително отстранување на пречките од отвореност за контрола и оневозможување на истата таа од страна на авторитети.

Системска заштита на вработените и соработниците. Создавање правни предиспозиции за слободна примена на оперативни тајни и јавни оперативно- тактички и истражни методи и средства и задржување на конспиративниот елемент и заштитеноста во сите фази на предистражните и истражните мерки. Особено треба да се промени сегашната состојба и да се заштити ,,службеното постапување“ на лица вработени или употребувани за оперативна работа, при потребата од појавување пред официјалните институции – јавнообвинителски и судски.

Доразвивање и создавање клима на правна заштита на конспиративниот елемент на комуникацијата со граѓани, државни органи, локална самоуправа и искористување на севкупно расположивата документација од сите институции во државна и во приватна сопственост.

Истакнување заради информирање на граѓаните на извештаите за работа на реформираната служба – годишни, полугодишни, повремени, проблемски. Преку тоа, а и преку истакнување на идентификациони податоци на службата на веб-страница, нормално со зачувување на конспиративноста на вработените, во функција на нивна заштита, ќе се постигне ефект на транспарентност и зголемување на довербата на граѓаните кон таа нова, реформирана служба, а не создавање затворена, нетранспарентна и служба за заплашување на граѓаните. Преку транспарентноста ќе се создадат предуслови за активна јавна и дискретна соработка со основните носители на информациите – граѓаните.

Градење интегритет на сите инволвирани во процесите на безбедносна, контраразузнавачка и разузнавачка активност. Интегритетот подразбира јакнење на капацитетите од материјална природа, правни, човечки и технички. Особено треба да се зајакне почитувањето на човековите права и слободи како на вработените така и на сите инволвирани во процесите за добивање, употреба, процесирање на информациите и сносење одговорност од сите инволвирани.

Зајакнување на принципите за градењето кариера и дефинирање јасни и функционални системи преку точни одредници и критериуми. Во таа функција обезбедување на точно временски одредени обуки, размена на искуства, вештини и добивање знаења. Формирање посебен центар за обуки и истражување во рамките на Центарот за обука или формирање полициска академија (за непостоењето на ваква институција имавме забелешки во извештаите на ЕУ долг временски период).

Истражувачкиот центар ќе ги проучува, анализира и ќе нуди решенија применувајќи соодветна методологија за компилирање на науката со практиката од домашни извори или од странски, а ќе ги третира безбедносните ризици и закани.