Чистата препорака на Европската комисија е резултат на напорите на Владата, но и на соработката на опозицијата, истакна денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могеринии, во обраќањето пред пратениците во македонското Собрание.
Таа изрази задоволство што опозицијата се врати во законодавното тело.
– Вие ја споделувате обврската за иднината на своите граѓани. Владата има одговорност да и отвори простор на опозицијата за целокупна вклученост, а опозицијата има одговорност да се вклучи во целата оваа работа. Имате одговорност да ги идентификувате националните интереси и приоритети на вашата земја, имате колективна одговорност да соработувате во институциите за да постигнете резултати во националните приоритети – им порача Могерини на македонските пратеници.
Додаде дека Македонија се вратила патот кон Европската унија и тоа е местото на кое земјата треба да се наоѓа.
– Кога ќе се сетам што се случувше тука, во Собранието пред една година и што се случува сега можам да кажам дека поминавте долг пат. Позитивно е што се вративте на патот, ја поминавте најлошата политичка и институционална криза, со која некогаш сте се соочиле. Препораката е големо достигнување за сите во земјата и таа е пред се достигнување кое се постигна благодарение на одлучноста на секој граѓанин на оваа земја – рече Могерини.
Ги пофали досегашните реформи, усвојувањето на законите во важните области, но повтори оти сега е потребно земјата да се фокусира на нивната имплементација.
Изрази уверување дека преговорите со Грција ќе доведат до решение за спорот за името, кое ќе ги задоволи двете страни и ќе биде основа за идната обединетост на европскиот континент.