Премиерот Зоран Заев и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини се домаќини на неформалната вечера со премиерите од Западен Балкан во Скопје на која присуствуваат претседателите навладите на Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, Еди Рама, Ана Брнабиќ, Рамуш Харадинај, Душко Марковиќ и Денис Звиздиќ.
Учесниците на вечерата, информираат од владината прес-служба, разговараат за состојбата во регионот, како и за процесите на интеграција на Западен Балкан во Европската унија.
– Премиерите уште еднаш ја потврдија својата искрена заложба за целосна имплементација на реформите во нивните земји, со цел да го забрзаат процесот на зачленување во Европското семејство. Од своја страна, високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини ја истакна потребата сите земји од регионот на Западен Балкан да ги забрзаат суштествените реформи со што ќе ги исполнат очекувањата на своите граѓани. А, со тоа промените ќе станат видливи и за Европската унија – соопшти валднината прес-служба.
Премиерите од Западен Балкан, седодава во соопштението, ја истакнаа и нивната силна определба и интерес за продлабочување на соработката и добрососедските односи, како и за промовирање на регионална соработка.
На денешната неформална вечера, сите се согласија дека 2018. е историска година за регионот и дека на земјите од Западен Балкан им се отвора голема можност да направат крупни чекори кон ЕУ интеграцијата, особено ако им се даде најголем приоритет на суштинските, неопходни реформи, односно владеењето на правото, правдата и почитување на основните човекови права.