Македонија се врати на патот кон Европската Унија и тоа е местото на кое земјата треба да се наоѓа. Ова е пораката што вчера во своето обраќање пред македонскиот парламентот ја испрати Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Таа напомена дека Македонија треба пред себе секогаш да го има јасно патот што го трасирала и кој се потврдил оваа недела.
Могерини додаде дека чистата препорака за почнување преговори е достигнување не само на Владата туку и на сите институции, претседателот, Собранието, опозицијата, сите партии, локалните власти, граѓанското општество, како и на одлучноста на граѓаните.
Шефицата на европската дипломатија истакна дека препораката значи дека Брисел ги препознал достигнувањата, но дека во иднина ќе биде потребно повеќе единство, повеќе заложби и работа што повторно ќе биде ценета.
– Ја споделувате обврската да се грижите за иднината на своите граѓани и иднината на државата. Владата има одговорност да ја вклучи опозицијата, а опозицијата има одговорност да даде придонес. Имате обврска да ги идентификувате националните приоритети што ќе бидат приоритети на сите граѓани и имате обврска за овие приоритети да соработувате. Не постои ризик да загубите нешто во земјата, она што може да го загубите е да не постигнете резултати. Вашите граѓаните бараат да се обедините за да ги постигнете овие цели – рече Могерини.
Високата претставничка на ЕУ изрази задоволство што опозицијата се врати во Собранието и додаде дека реформите што се усвоени треба да се спроведат, одржуваат и продлабочат. Според неа, Владата направила добри чекори за продлабочување на билатералните односи и изрази надеж дека во разговорите со Грција ќе биде постигнато конечно решение.
– Одговорност, визија, прагматизам и храброст се и ќе бидат потребни. Време е да почнеме да трчаме, да трчаме заедно, да трчате еден со друг и со вашите соседи и убедена сум дека со таква трка ќе стигнете далеку – додаде Могерини.
За време на посетата на Македонија, Могерини се сретна и со претседателот на државата, како и со лидерите на политичките партии од власта и од опозицијата.
Преку соопштение ВМРО-ДПМНЕ информира дека Мицкоски изразил загриженост за економската стагнација во државата, корупцијата, која е широкораспространета, и случаите што отвораат сериозен сомнеж за криминал во кој се вмешани највисоки претставници на власта.
Во меѓувреме, еден ден претходно, Могерини се сретна и со премиерот Зоран Заев, кој на заедничка прес-конференција истакна дека Македонија заслужено добила чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ.
– За десет месеци постигнавме голем напредок во евроинтегративниот процес. Вреднувани се реформите во повеќе клучни области, како и политиките на пријателство и добрососедство. Го затворивме спорот со Бугарија, а на пат сме да го затвориме и со Грција. ЕУ даде заслужена чиста препорака за почеток на преговорите со Европската Унија. Препораката неколку години беше условена поради длабоката политичка криза и назадувањето со реформите – рече Заев.
Од кабинетот на претседателот на државата, по средбата со Могерини, соопштија дека тој ја поздравил обновената препорака на Европската комисија за отворање пристапни преговори со Македонија, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето датум за почеток на пристапните преговори позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.