Изјавата на бугарскиот вицепремиер за безбедност и министер за одбрана Красимир Каракачанов е извонредна прилика за сличен контра – одговор и создавање на врзан негативен круг што ќе не оддалечи едни од други и ќе создава непријателство, наместо пријателство, порачува македонското Министерство за надворешни работи.
– Потпишавме договор за пријателство и ќе градиме пријателство, но тоа подразбира меѓусебно разбирање, почит и грижа за интересите на соседот. Република Македонија и понатаму ќе продолжи со својата проактивна, конструктивна и добрососедска политика, во духот и на потпишаниот Договор со Бугарија и на европските вредности по кои се водат двете земји, соопшти МНР.
Каракачанов вчера на својот фејсбук профил ја коментираше изјавата на премиерот Зоран Заев дадена во Собранието на Република Македонија во која рече дека со Преспанскиот договор се потврдува постоењето на макадонскиот јазик и оти никој нема право тоа да го оспорува и му посочи дека „македонски јазик не постои и оти нема да дозволи тајно воведување на македонскиот јазик“.
-Македонскиот јазик, кој не е признаен од никого како официјален јазик, не може да се смета како таков на целата територија на Северна Македонија. Северна Македонија е географско име кое вклучува и територија на Република Бугарија. Заев во тој контекст утре може да побара употреба, целосно идентичениот бугарски дијалект да биде изучуван како официјален странски јазик и кај нас, што е недозволиво и провокација, напиша Каракачанов вчера на фејсбук.
Предупреди дека ќе побара да не биде поддржана кандидатурата на Македонија за членство во НАТО и ЕУ „ако биде усвоен и еден невистинит историски факт, ако дури и еден историски факт биде заменет“.