Министерството за надворешни работи изрази загриженост откако советниците од Левица во Штип и Аеродром потпишаа свечени изјави со називот Република Македонија, повикувајќи на примена на Преспанскиот договор, додека Левица најави дека ќе се бори за уставното име, барајќи преноси во живо од работата на општинските совети.
Од МНР повикуваат на доследна примена на уставните одредби во согласност со Договорот од Преспа и велат дека потпишувањето изјави со називот Република Македонија сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата.
Од Министерството потсетуваат дека од јануари 2019 година уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.
– Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија. Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Договорот од Преспа, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија – се наведува во соопштението на МНР.
Од таму упатија апел до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности и апел до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот, како што е наведено и во самата свечена изјава.
Советниците на Левица ширум државата, пак, побараа пренос на седниците на советите во живо, што е во законската одредба, со цел граѓаните да имаат директен увид во работата на советите.
– Во некои од општините, како што е случајот во Советот на Општина Штип, веќе се применува оваа пракса, но, мораме да потенцираме дека не е во целост спроведена, односно дека има технички пропусти во преносот, па поради тоа треба да се интервенира во однос на техничката поддршка. За општините каде што нема ваква пракса, очекуваме при првата следна седница истата да биде спроведена и седниците да бидат соодветно пренесувани во живо од страна на општината, бидејќи општината е должна на граѓаните јавно да им обезбеди достапност до седниците на советот, според член 8 од Законот за локална самоуправа – порачуваат од Левица.
Меѓудругото, се бориме за сѐ помасовна употреба на уставното име усвоено со референдумот од 1991 година, коешто формално правно е, и мора да биде во употреба, бидејќи промената на името после неуспешниот Референдумот во 2018 е противуставна и спротивна на изразената волја на граѓаните, нагласуваат од партијата.
Поради ова, претставникот на Левица во Советот на општина Штип остро застана зад позициите на ставот на партијата – свечената изјава да биде потпишана како што е пропишана во Законот за локална самоуправа – односно, со името Република Македонија. Освен во Штип, свечена изјава со правилното име – Република Македонија, беше потпишана и од страна на советниците на Левица во Општина Аеродром.